Глобална обиколка во селекција на најдобрите колекции

5 декември 2014

Не за џабе Њујорк, Лондон, Париз и Милано го носат епитетот за модни метрополи,  каде секоја нова сезона од претставувањето на колекциите е посебно доживување. Oсобено поради фактот дека токму за позиција на модните недели од престолнините, на некој начин ја претставува и селекцијата на најдоброто во модната индустрија од оние дизајнери и брендови кои успеале да позиционираат сигурен статус. Секогаш понапред од сите тековни случувања на ова поле, во периодот на презентациите од најновите колекции за следната сезона, вниманието на јавноста, а посебно на славните од шоу-бизнисот,  е комплетно насочено кон последниот продукт од модните работилници на реномираните. Во летните месеци од  годивава што изминува, ги погледнавме колекциите за следната топла сезона од 2015 година, како на звучни така и на помалку познати имиња кои ги презентираа своите идеи за женска мода. Иако најголемото внимание го привлекуваат оние што важат за престижни, а нивните презентации се најавуваат помпезно, не секогаш воодушевуваат со претставените модели. Истите најчесто се држат до препознатливиот сензибилитет на куќата, а креациите не секогаш се близу до инвентивноста. Наспроти тоа, младите и не толку познати дизајнери понудија инвентивни решенија кои ги спојуваат современото, урбаното и креативното од носливоста. Од соржината во продолжение издвојуваме осум колекции од Париз, Лондон, Њујорк и Милано за пролет-лето 2015 година,  кои ни оставија најголем впечаток.

        Париз 

               Валентино и Живанши

Валентино

Валентино

Колекцијата на Валентино претставена во Париз изобилуваше со инспирацијата од уметноста, културата и традицијата на Италија. Романтична и во исто време полна со моќна индивидуалност од богатите текстури и принтови,  аплицирани на лелеави тоалети, на некој начин буквално ја раскажуваа колоритноста и леснотијата од летото обоено во многу бои. Колекцијата изобилуваше со креации меѓу класиката и боемскиот стил, интерпретирани преку специфични дизајнерски техники. Последното модно дело на Валентино беше посебно уживање за сите жени.

Живанши Живанши

Борбената и воинствена жена со цврст став, го претставува водечкиот инпут од секој изглед претставен на пистата во Париз. Кожените текстури и геометриските принтови од црно бело што создаваат оптичка илузија, се издвојуваа поради својата впечатливост, но исто толку импресивни беа и останатите моќни креации во темни нијанси. Посебно внимание ни привлекоа предимензионираните елеци со нагласена половина, комбинирани со монохроматски парчиња преку кои се истакнуваше нивната маркантност. Рикардо Тиши оваа колекција како да ја создаваше за жените со совршени нозе. Во истата доминираат високите чизми над колена, кои на изгледите им дадоа сексапил, а  со доминантноста јасно ја издвоија жената што умее да избере и носи Живанши.

 

              Милано

              Долче и Габана и Фенди

Долче и Габана Долче и Габана

Долче и Габана во ниеден случај не се симнуваат од пиедесталот како претставници на италијанската мода. Летната колекција која го носи шармот на Сицилија,  инстантно стана посакувана и носена од многу славни дами ширум светот. Имуна не остана лавнина од женска популација, токму по најновите креации кои во својата нишка ја имаа црвената боја на страста, дополнително украсена со богати детали. Секое парче на писта изгледаше совршено и беспрекорно, а  Доменико и Стефано повторно триеја раце и се мотивираа од ласкавите коментари за создавање на слично модно богатство, инспирирано од нивниот непресушен извор- Италија.

Фенди Фенди

Фенди не е Фенди, ако во колекциите нема крзно. Иако во Милано прикажаа колекција за топла сезона, модното дуо под водство на Лагерфелд, не пропушти крзното да го вметне барем во деталите. Но, затоа во фокусот се издвоија пердувите.  Колекцијата беше доста импресивна преку специфичните кроеви, слоевитоста и прекршените форми, кои како такви одлично се поклопија со носливоста за дневна и ноќна варијанта. Класично- спортските силуети ќе го обележат летото од 2015 година, а Фенди тоа умешно го најави преку палтата, кошулите и панталоните. Урбаноста за следното лето ќе биде заштитниот знак на Фенди.

                       Лондон

                         Аманда Викли и Сара Бадарани

Аманда Викли Аманда Викли

Дизајнерката Аманда Викли иако не толку позната, се истакна преку сензуалноста во бело, исто така од спортско-класичните креации кои ги промовираше на Лондонската модна недела. Ретко која девојка и жена не би посакала барем дел од лесните и лелеави парчиња во класична варијанта, кои како такви овозможуваат комфор во толите летни денови. Викли не воодушеви со замислата на новите варијанти на актуелните топови со геометриска конструкција кои перфектно се споија со провокативните здолништа во висок шлиц.

Сара Бадарани Сара Бадарани

И дизајнерката Сара Бадарани покажа исклучителна верзија на својата замисла за тоа како треба да изгледа модерната и елегантна жена. Во нејзината колекција погледнавме уникатен дизајн на вечерни свечени тоалети, кои токму едноставноста ги издвои како особено маркантни. За истото придонесе изборот на материјалите, спојот на бои и дискретните делали што се провлекуваат од целосната идеја за колекција,  која се држи со свечените, гламурозни вечерни изгледи.

 

                   Њујорк

           Ели Тахари и Николас Кирквуд

Ели Тахари Ели Тахари

Њујорк беше најбогат во однос на презентациите, а од пистите на американско тло ги издвојуваме оние на дизајнерката Ели Тахари и дизајнерот Николас Кирквуд. Исто како и повеќето, Тахари се потпре на тенденциите од спортската елеганција збогатена до актуелните реси, но поставени на специвични позиции. Таа ги интерпретираше и популарните кулоти во варијанта со шлиц на средината од ногавиците.  Успешно ја постави и слоевитоста од комбинациите, која како таква не изгледаше натрупано, туку напротив урбано, женствено и секси. Оваа млада дизајнерка, дефинитивно треба да ја запаметите и да ја меморирате во вашата листа од најдобите.

Николас Кирквуд Николас Кирквуд

Николас Кирквуд  си поигра со инспирацијата од пустинската и воинствена жена. Неговите креации во кои преовладуваа маслинастите нијанси  иако не открива многу кожа, сепак изгледаа женствено на специфичен урбан начин. Модните индивидуалки со сигурност се заљубија во парчињта, пред се бидејќи претставуваа спој од неколку стилски изрази. Интересно е да се спомене дека ова беше можеби едниствената колекција каде ги видовме 3/4 панталони, кои преку спортскиот ноншалантен крој, изгледаа како верзија на новото време. Оваа колекција ќе ја запаметиме и по појавувањето на македонската манекенка Елена Трајановска.

 

Објавено:
5 декември 2014
Категорија: 
Стории