Приказни од градот

И книгите имаат своја облека, а @J&J Hand Made ја создава рачно

17 ноември 2020

Нашите „Приказни од градот“ често се инспиративни, сведочат за нечија посветеност, талент, креативност, успех или почеток на нешто што подоцна ќе го добие епитетот „успешно“.

И токму таква е и денешната, која ни ја раскажа Елена Панева Ѓоргиевски. По професија е инженер, магистер на природни и технички науки, професионалец во својата работа. Во приватниот живот е сопруга и мајка, а во секој слободен миг - креативец кој создава “облека“ за книги. Нејзините изработки ги забележавме на социјалните мрежи (J&J Hand Made)

Елена Панева Ѓоргиевски

„Ова се трите мои двигатели кои ја будат креативноста во мене. Текот на нашето секојдневие, испреплетеноста на професионални и домашни обврски знае да придонесе да заборавиме кои сме и што всушност сакаме. Затоа според мене исклучително е важно секојдневно да издвоиме малку време, како би се посветиле себе си, ги преслушаме нашите мисли, ги одржуваме и ги развиваме нашите интереси. Тоа малку време кое себично го грабам за себе ми го прави остатокот од денот и ноќта порелаксиран и многу поенергичен. Тоа е времето кое го посветувам на своето хоби, кое веќе подолго го негувам, а за кое некогаш и воопшто немав време. Рачната изработка на облека за книги е мое хоби, некој вид на страст, одреден вид на можност за исполнување на сопствената креативност. Оваа страст кон креативноста ја имам уште од мала“, ја започна својата приказна нашата соговорничка.

Вели, откако знае за себе твори и рачно изработува со различни техники.

„Почнав и најдолго се занимавав со изработка на накит. Одреден период украсував парчиња облека рачно со вез и монистра, па сликав на платно, изработував предмети во декупаж техника (тоа и денес го правам). Најомилени ми се празничните украси, божиќни и велигденски. Од сè што ќе изработам дел задржувам за себе, а голем дел подарувам“, посочува Елена.

Но, покрај сето ова, нејзина голема страст е и читањето на книги.

„Тоа всушност претставува дополнување на моето хоби. Како страстен читател многу се грижам книгата да остане во добра состојба и сочувана. Отсекогаш ги завиткувам кориците на книгите со хартија, за да не се оштетат додека ги читам. Оттаму и идејата да почнам да изработувам наметки за книги од платно. Првин изработив примерок за себе, бев задоволна и го покажав на блиска и драга пријателка која се воодушеви и која всушност ми ја даде целата поддршка, да почнам да креирам и изработувам наметки за книги, но и за прв пат јавно да се испрезентирам.Така започна приказната, со изработени неколку парчиња и јавно споделени на сопствена фејсбук страна, наидов на огромен интерес кај љубителите на читањето, кој благодарение на квалитетот постојано расте“, вели Панева.

Од скромно хоби, нејзиното мало катче денес во понудата има преку 60 различни модели и дезени. 

„Најмногу се купуваат за подарок, затоа што е нешто пред се многу корисно, интересно, и не може да се купи во продавница. Процесот на изработка е нешто во што уживам, нешто што бара пред сè многу љубов и креативност, но исто така и време и внимание. За да се добие финалниот производ, се поминуваат неколку фази од изработката. Се започнува со осмислување на дизајнот, внимателно комбинирање на материјалите, боите и дезените, многу е важно да се внимава на димензиите и на крај со голема прецизност, сето тоа да се доработи“, објаснува креативката.

Со огромна поддршка од семејството, вели оваа приказна трае речиси цела година, со желба и надеж дека ќе трае уште многу.

„Ме радува тоа што мојата ќеркичка активно учестува со мене во креирањето на рачните изработки и иако сето тоа за неа е само обична детска игра, јас како мајка сум горда бидејќи ја чуствувам нејзината позитвна енергија, убаво поминато време особено во пандемијата и начин на кој заеднички ги полниме батериите. Според мене, секој човек има креативен потенцијал. Тоа е всушност оној дел од нас луѓето кој е неограничен и нè прави да се чуствуваме убаво, среќно и задоволно“, порачува Елена.

А во продолжение погледнете уште некои од нејзините изработки, кои можеби ќе ви послужат како инспирација за празничен подарок на некој љубител на книгите:

Објавено:
17 ноември 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
587 пати