Имиџот на „Диор“ доведен во прашање

20 јуни 2016

Повеќе од шест месеци модната куќа „Диор“ нема креативен директор. Кога Раф Симонс си замина од оваа позиција, никој не ја знаеше вистинската причина. Потоа, дизајнерот истапи со ставот дека одлуката е поради брзото темпо што го наметнува модната индустрија, а имаше и такви што коментираа дека Симонс и не се снашол најдобро во оваа модна куќа. Иако неоспорно дека е еден од најталентираните дизајнери на новото време, сепак светските модни критичари сметаа дека тој не е вистинскиот избор за „Диор“ и дека прашање на време било кога тој ќе си замине од познатиот бренд.

Ако се вперуваше прстот во Симонс, како не е добар, сега изгледа дека никој не е доволно добар за оваа позиција.

-Често кога креативниот директор ќе си замине, причината е дека немал доволно контрола врз брендот и ситуацијата – вели еден моден гуру за „БОФ“, кој работел и за „Живанши“, но сака да остане анонимен.

Кризата за која тој зборува, го демне и Кристофер Бејли, но не е само „Барбери“ во криза. Тоа што „Диор“ веќе со месеци нема личност на челната креативна позиција го доведува и имиџот на брендот во прашање.

Да бидат работите поинтересни, неодамна во Лондон и „Гучи“ и „Диор“ ги презентираа ресорт колекциите. Две одлични шоу-а, но и можност за јасно согледување на нештата.

Диор ресорт 2017 (лево) - Гучи ресорт 2017 (десно)

„Гучи“ претходно ја доживеа кризата со која се соочија повеќе брендови – „Диор“, „Барбери“, „Ланван“, но излезе посилен од било кога.

Групацијата „Керинг“ ризикуваше и го стави Алесандро Микеле на чело на куќата, кој направи вистинска револуција, нова модна ренесанса за брендот. И кога ќе се најдат вакви два бренда на моден двобој во Лондон, резултатот е дека стрелката за „Гучи“ оди нагоре, а за „Диор“ надолу.

Диор“ спаѓа во групацијата на LVMH на Бернард Арно, еден од најбогатите Французи на светот, која за време на дејствувањето на Раф Симонс не вршеше контрола врз неговата креативност и решенија. Дизајнерот призна дека не може да го издржи притисокот и за секоја нова колекција да има само три недели за подготовка, но затоа Микеле гази со полна пареа и сѐ уште одлично го следи темпото.

Дизајнерите денес не се индивидуалци, како што тоа беше некогаш. Тоа на потеншкиот начин го сфати и Џон Галијано. Главниот дизајнер денес едноставно мора да функционира со целата машинерија што ја прави една модна куќа бренд. Мора да биде дел од создавањето на модните кампањи, маркетинг стратегијата, комуникацијата со клиентите. Времето кога дизајнерот ќе го направи своето уметничко дело и потоа ќе си замине и ќе остави сѐ на другите, одамна заврши.

Но, по сѐ изгледа тоа ги изморува дизајнерите, особено од поновата генерација и тоа многу бргу. Милионските суми за договори се и повеќе од примамливи и предизвикувачки, но уште поголем предизвик да се изборите со модната „машина“ која меле.

Иако големината на „Диор“ никогаш нема да се намали, треба да се има предвид дека одамна помина времето на „униформираната“ мода и носењето „Шанел“ или „Диор“ од глава до петици. Жените сега прават микс од повеќе брендови, што е уште една од одликите на денешницата, па ако не се наметнеш како „ин“ тогаш како и да те нема.

На неодамнешното отворање на новиот бутик на „Диор“во Лондон, директорот Сиднеј Толедано рече дека ситуацијата ќе остане иста сѐ додека не се најде соодветна личност за позицијата. Но, дали одењето на сигурно ќе биде добар бизнис чекор за Толедано, а со тоа и на групацијата?

Франсоа Пино, односно групацијата „Керинг“ повеќе пати ризикуваше, носејќи млади дизајнери, но сепак искусни на челни позиции (Микеле 12 години беше дел од брендот, за на крајот да стане и креативен директор). Му даде одврзани раце дури и на Слиман да ја приближи естетиката на „Сен Лоран“ кон денешната жена, што го направи мошне успешно.

Диор - 1947 - The New Look

Но, за Раф Симонс околностите не беа среќни. Тој го немаше пристапот што Слиман го имаше.

„Керинг“ повторно поддржа млад дизајнер со ставањето на Демна Гвадалија на чело на „Баленсијага“. Се шпекулира дека следната куќа за „преобразба“ е „Александар Меквин“, за која се смета дека тапка во место на патот од минатото ко идината.

И додека „Керинг“ работи со полна пареа, „LVMH“ нема решение за „Диор“, па со тоа патот на оваа голема француска модна куќа станува сѐ потурбулентен. Ќе остане ли Арно доследен на конзервативниот начин на работење, или ќе ги примени ризиците што на Пино му донесоа голем успех, останува да видиме. Во секој случај, чекањето уште повеќе ја зголемува неизвесноста. 

Објавено:
20 јуни 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
967 пати