Инклузив дизајн: Креирање на подобар живот за сите

29 декември 2014

Што е инклузив дизајн?

Тој е толку многу важен, но за жал генерално непознат во нашето општество. Со приоритет да се информираме, едуцираме и да апелираме,  оваа содржина ја пласираме  со цел да придонесеме во нагласувањето дека сите луѓе околу нас се исти, а недостатоците не се бариера во ниеден поглед, вклучувајќи го и модниот дизајн. Инклузивниот  дизајн се однесува исклучиво на луѓето со телесна попреченост, од која практично дизајнерите имаат за цел да се вклучат во процесот на дизајнирање, односно да создадат инклузивно размислување, производ или услов во кој што луѓето со посебни потреби ќе може да комуницираат. Ваквиот специјализиран дизајн најчесто се поврзува и со иноваторство, бидејќи неговата специфика секогаш се движи со уникатна идеја.

Во ниеден случај не треба да заборавиме дека овие луѓе постојат, а нивната позиција не е  на маргините од општеството. Лицата со разни физички дисфункции, постојано се соочуваат со проблем  во пронаоѓањето на соодветната облека за себе, а тоа треба да биде облека која ќе му помогне на оној што ја носи, а не да одмогне. Иако во Македонија потребата од ваквиот адаптивен дизајн, за жал се повеќе е присутна, факт е дека истиот не се практикува, односно не постои. Токму за оваа проблематика разговараме со професорката по арт и дизајн при Европскиот универзитет, Јана Манева-Чувпоска која вели дека и повеќе од потребно е да се имплементира оваа тематика за која сите ги учиме првите чекори.  На светско ниво, постојано се апелира за важноста на инклузивниот дизајн и сите негови постулати,  кои не ја вклучуваат само облеката туку и сите потребни предмети за поедноставен животен тек. Токму за нив во 2012 година, Британскиот совет во Македонија организираше работилница насловена „Инклузивна зона“ во која беа вклучени директно и индиректно инволвираните со оваа гранка на дизајнот. Нашето истражување покажа дека досега постојат многу малку проекти на оваа тема, а се од исклучителна приоритетна важност.

Работилница „Инклузив зона“ Фото-Британски совет Работилница „Инклузив зона“
Фото-Британски совет

-Јас ќе се повикам на Џулија Касим, научен соработник од центарот за дизајн Хелен Хамлин при Кралскиот совет за уметност во Лондон,  со која заедно во соработка со Британскиот совет во Скопје, спроведовме одличен проект, кој беше исклучиво од областа на Инклузивниот дизајн. Нашите студенти за првпат имаа улога да бидат дел од нешто што значи креирање на производ од областа на овој дизајн. Искуствата од овој проект кој што јас секогаш со гордост го кажувам, практично ни донесе неколку размислувања и дебати, за кои и ние самите научивме многу. Не можеме да ги игнорираме таквите луѓе и навистина е потребна катедра каде ќе се стекнеме со знаење и искуства. Кај нас во Македонија се е застанато на основата за потребите на лицата со дисфункции, а адаптивната облека е многу далеку.  Во конкретната проект – работилница,  беше вклучено  средното училиште „Партение Зографски“ за ученици со оштетен слух , каде практично и се изведе,  членови од  МАТА (Македонската артисанска трговска асоцијација ) и факултетот за арт и дизајн  при ЕУРМ, објаснува Манева и додава дека ефектите уште на почетокот биле видливи.

-Мислам дека досега кај нас немало сличен проект , барем  јас таков не познавам. Имавме директна пракса меѓу овие лица, неколку професори и студентите. Ги запознавме основите чекори  и отворено велам дека беше најпрофесионално организирано. Во тој мешан состав ефектите веднаш беа присутни со тоа што се создаде единство кое треба да биде наше секојдневие. Проектот заврши со изложба од создадените дела во Британскиот совет, а ние бевме задоволни од крајниот резултат. Табуто е реално дека  тие луѓе ги имаме заборавено, бидејќи ако ги немате проблемите во семејството нема ни да помислите на тоа.  Џулија Касим ни посочи на многу едноставна работа за која никој не се сетил, а тоа е дека  државно училиште каде се изведуваше „Инклузив зона“, е лоцирано надвор од градот. Тоа беше нејзината прва забелешка . Зошто тие луѓе се сместени и издвоени  на излезот од градот? Јас лично исто така се стекнав со искуство за многу работи што не ми беа познати и оттогаш си ветив дека оваа,  ќе ја наречам мисија,  мора да се актуелизира. Искрено би сакала во Факултетот за арт и дизајн да профункционира катедра за инклузивен дизајн, а за да се пробуди интересот на студентите, треба да се има информации . Треба да се говори за ваквиот дизајн бидејќи за жал станува се поголема реалност кај нас, вели професорката, а се надоврза и на тоа дека нештата може да тргнат во позитивен и правилен тек само доколку се дебатира и актуелизира оваа тема.

-Важни се два аспекта. Од една страна е практичноста што мора да биде адаптирана на потребата, а од друга страна важно е истото решение да не изгледа лошо. Мора да се создаде дизајн кој што има овие два аспекти, што резултираат како помош за оваа категорија.  Македонија нема луѓе што може да се пофалат дека работат на тоа, и разбирливо е поради неколку причнини. Прво, нашата земја ги нема обезбедено  сите основни бази, финансиски, истражувачки, едукативни итн.. и постоечки сектор кој ќе биде специјализиран за ваквите луѓе. Кај нас има дизајнери што тоа би го направиле, но истото подразбира финансии, министерството за труд и социјала да формира сектор за инклузив дизајн во кој ќе работат дизајнери и истражувачи,  кои ќе се занимаваат само со таа проблематика.  Во Македонија нема профилиран кадар, а тоа не е дека не знаеме како да го создадеме, туку дека други параметри се важни во игра директно да влезат во образованието како предмет. Факултетите за дизајн би требало да го имплементираат  инклузивниот дизајн, а тоа пак подлежи под министерството за образование, анализира Манева.

Инклузивниот дизајн во повеќето земји во светот е на многу завидно ниво. Постојат високо образовни институции кои профилираат кадар што се едуцира исклучиво во областа на инклузив дизајнот.  Истиот е многу близу до индустрискиот дизајн, но разликата е во тоа што  целната група се лицата со посебни потреби. После проектот „Инклузивна зона“ , иницијативата на Британскиот совет  не застана тука. Оваа 2014 година со цел спроведување на стратегијата за стручното образование и обука 2013 – 2020 година на Република Македонија, Британски совет, во соработка со Министерството за образование и наука, Центарот за стручно образование и обука, „Отворете ги прозорците“ и ОБСЕ, организираше еднодневна Конференција за инклузивното стручно образование во Република Македонија на која присуствуваа 120 претставници на државни институции, агенции, образовни институции и училишта, здруженија на граѓани и меѓународни организации кои работат на полето на стручното образование.

Позитивните текови на инклузивниот дизајн од оваа 2014 година во Македонија и инволвирањето на лицата со посебни потребни во јавни настани од моден карактер, беа случај и на неделата на разноликост.

Лотус дизајн продавницата,  на специјални помагала, постави кукли кои беа облечени во креации на македонски дизајнери, додека пак во новиот МНТ се случи  ревијата на младата студентка по дизајн Анастасија Чадо, која боледува од церебрална парализа. Тоа беше уште еден доказ дека  овие лица може да придонесат како и сите останати , а покрај тоа помогнавме за нејзините соништа  да не постојат изговори. Модната куќа Елена Лука  во рамките на овој настан ја поддржа младата Анастасија да ја создаде првата колекција и да ја охрабри во понатамошниот развој на нејзината кариера.

 

Веруваме дека доколку повеќе делуваме во актуелизирање на оваа тематика, ќе погледнеме на реалноста со широко отворени очи, ќе ги отвориме срцата и ќе воспоставиме рамнотежа во потребите и можностите на лицата кои имаат потреба од најосновното во животот како и сите дуги.

Објавено:
29 декември 2014
Категорија: 
Стории