Инспиративен накит за мажи

9 ноември 2013

Никогаш порано накитот за мажи не бил толку актуелен како што е денес. Главен машки додаток е се разбира, рачниот часовник, но современиот накит нуди скапи и елегантни опции за мажите кои се осмелуваат да го искажат својот префинет вкус. Времето на украсните иглички за вратоврски помина. Денес дебелите кожни алки, елегантните копчиња и манжетни и металните синџирчиња за врат добиваат на популарност. Скап накит кој е софистициран, гламурозен и погоден за секој пригода и ситуација.

 

 

Елегантниот маж, секогаш обрнува внимание на модните детали и знае како селектира традиционалните аксесоари кои нема да му се вклопат во неговата секојдневна приказна. Тука голема помош се кампањите, рекламите и каталозите на брендовите за накит кои нудат идеално решение за сечиј стил. Најпосакувани кај мажите се парчиња накит кои се изработени од сребро, оникс или бисер, но има и такви кои уживаат и во златните изработки кои најчесто ги красат најдобрите пријатели на жените, дијамантите.

 

 

Сепак да му подарите накит на маж е совршен подарок бидејќи останува како траен драг спомен и е сведок на убави моменти. Често голем број на мажи при изборот на своето прво парче накит купуваат нешто кое ќе стави акцент на нивниот стил и личност. Ако се работи за млад и спортски тип на маж тогаш најдобаро праче накит за него е некое кое изработено од сребро, додека за деловните и поелегантни мажи бело-розовото злато е идеален избор.

 

 

Рачни часовници

Секое парче машки накит мора да е изработено од високо квалитетен материјал и легура. Убав часовник е најдобриот моден додаток што еден маж може да го одбере , а исто така часовниците се и мошне популарни. Синоним за добар вкус е одличен модел на часовник кој ќе биде скап. Никогаш не жалете пари за добар часовник бидејќи ќе го носите долго време. Внимавајте при изборот да ви биде во склоп со боите на облеката, стилот и да биде погоден за поголем број пригоди. Не заборавајте дека овој моден додаток открива дел од вашата личност и карактер, затоа одберете и носете го оној модел и дизајн кој најмногу ви одговара.

 

 

Ланче

Пожелно е секој маж во својата „скромна“ колекција на модни додатоци треба да поседува убав модел на ланче или синџирче. Изборот на златен или сребрен ланец ја потенцира строгата црта на класичност кај еден маж. Со помош на овој аксесоар се нагласува градниот кош или јаката на кошулата кај тој што го носи. Ако се работи за долго ланче, тогаш тоа треба да се носи под кошулата. Мала доза на мистерија не штети никому, а ја разгорува женската љубопитност.

Машките ланци не смеат да бидат неуредни, неудобни за носење, премногу тешки или предолги. Се работи за храбар избор кој ќе може да го комплетирате во вашиот секојдневен стајлинг. Треба да внимавате при изборот на големината на ланецот, не смеете да одберете ланец кој ќе биде преголем за вашето тело или обратно, туку треба тие да имаат совршен сооднос. Освен златни и сребрени модели модерни се и ланчиња кои се изработени од кожа или дрво, а одговараат најмногу на мажи со побунтовен карактер и кежуал стил. Бред Пит и Енрике Иглесиас па и Џони Деп се добар пример за избор на модни додатоци кога е во прашање приликата. Тие знаат да бидат и елегантни но и мошне „опуштени“ во зависност од пригодата.

 

 

Прстени

Мажите обично единствените прстени кои ги носат се венчалните и вереничките прстени. Тоа е моден и стилски додаток кој секако морате да го усогласите со вашиот ланец или рачен часовник доколку имате навика и нив да ги носите. Повеќе мажи се одлучуваат за класични модели на прстени без некои големи украсни камења на нив бидејќи бојата на камењата ги ограничува во изборот на гардероба, а и привлекува големо внимание. Но и такви чиј ете да кажеме фетиш е носењето прстени не само со камења туку генерално. Сепак повторно да потенцираме дека тие треба да бидат во склад со другите модни додатоци кои ги носите на себе. Освен бурма и веренички прстен некои мажи уживаат да носат прстени на малото прсте или на палецот. Случајот со малото прсте не ве прави машо-тип и е модна тенденција која одамна е во пензија, додека ситуацијата со палецот може да помине доколку негувате поп-рок стил на облекување и доколку тоа ви го дозволува вашата професија.

 

 

Алки

Алките се добра опција, но не треба да ги носите постојано. Во зависност од моделот и дизајнот на алката, можете да ја комбинирате со различни модни визии. Плетени, кожени, јајни, метални, златни, сребрени, изборот е голем и широк, а вам ако ви е тешко да одлучите која најмногу ви одговара, купете неколку различни креации, па комбинирајте ги во вашиот имиџ.

 

 

 

Манжетни

Манжетните се одличен моден додаток доколку сакате да ја нагласите софистицираноста на вашиот стил. Нормално се комбинираат со формална облека и треба да бидат во совршена хармонија со останатите модни додатоци кои ги носите на себе, часовник, прстен и слично. Никогаш не носете манжетни и алки истовремено, бидејќи оваа комбинација изгледа невкусно. Под претпоставка дека веќе имате рачен часовник, па ако ставите и алка тоа ќе биде премногу. „Помалку е повеќе“, не важи само за жените.

 

 

Иглички за вратоврска

Игличките за вратоврска се декоративна опција која го оживува досадниот дезен на вратоврската. Изборот на ваков моден додаток најчесто е под влијание на барањата на тековната мода. Меѓутоа во последниве години еве и официјално да кажеме дека игличките за вратоврска не се многу популарни. Тие се замена за женските брошеви, само во машка варијанта. Но со модата никогаш не се знае, прашање на време е кога повторно ќе станат must have парче.

 

 

Обетки

Единствените луѓе кои можат да носат обетки се жени, тинејџери и рок ѕвезди. Ако не припаѓате на ниту една од наведените категории тогаш треба сериозно да размислите каков впечаток оставате кај другите луѓе. Голем дел жени сметаат дека кога мажите носат обетки тоа е навистина секси и убаво, но има такви кои не се согласуваат со тој факт. Доколку имате преголема желба да носите обетка, одлучете се за мала сребрена дијамантска обетка на едното уше која дикретно ќе светка. Немојте никако да носите обетки на двете уши, тоа строго забрането модно правило.

 

 

Пирсање

Иако овој накит или моден тренд се смета за мошне популарен, модерен и актуелен, имајте в предвид дека исто така има свој општествен и културен аспект. Каде и да имате ставено пирс на вашето тело, тоа пред се треба да биде во согласност со вашите лични убедувања.

 

 

Грижете се за вашиот накит и одржувајте го чист

Секој моден додаток си сака внимание и грижа, доколку сакате да му продолжите векот на траење, но постојат различни методи на негово одржување и чистење. Имајте на ум дека среброто и златото се меки метали кои лесно можат да бидат изгребани и деформирани. Добра идеја е секогаш вашиот накит да го носите во студија кои ќе го исчистат професионално. Доволно е да го носите вашиот накит барем еднаш годишно кај златар кој ќе ви го исчисти или поправи, а вие уште долго ќе го носите.

Објавено:
9 ноември 2013
Категорија: 
Стории