Исклучоци...

24 ноември 2014

Чест на исклучоците.

Различните, неконвенционалните, поинаквите, дисидентите, „степските волци“...

Токму таквите ги менуваат нештата. Отворено е прашањето во која насока, дали во пропаст или прогрес, но суштината е дека тие се моториката. Во било која општествена, социјална, политичка или уметничка сфера, ексцентриците се херои или анти херои, но никогаш просечни.

Ако модата е уметничка платформа со космополитски дух, тогаш тука, таквите ликови се омилени. Токму ексцентриците се тие кои ги поставуваат правилата на игра.

Тогаш таквите исклучоци – стануваат правило.

Дали нивните идеи ќе успеат да се имплементираат во модата, не се поставува како прашање, единствено факторот време одговара на нивниот предизвик. Кога системот ќе ја „свари“ нивната ексцентричност, тоагш нивните некогаш „начлудничави“ идеи стануваат нормални, носливи, „must have“, „ИТ“, тренди, па дури и задолжителни.

Ако во 80-те кожените јакни, металните детали и фризурата „четка“ припаѓаа единствено на панк супкултурата, сега токму таквите „обележја“ на идентитетот на една општествена подгрупа станаа мејнстрим правец во модата.

Со тоа ја губат суштинската тежина како обележје на еден идентитет, но од друга страна наивно, ама сепак ги газат стереотипите.

Мадона е можеби најкомерцијалниот „ексцентрик“. Да, својата кариера ја започна контроверзно – се сликаше гола, но сега тоа не е вулгарно, туку уметност?

Џон Галијано скапо го плати својот темперамент. Беше синоним за престижната модна куќа Диор, но поради непромислена реакција, таквата релација од морални причини беше окончана. Но, се покажа дека неговата ексцентричност едноставно и' недостасува на глобалната модна сцена, па сега се враќа спектакуларно како креативен директор на  модната куќа Maison Martin Margiela.

Некогаш ќе ве покажуваат со прст. Друг пат ќе ви се восхитуваат. Најчесто нема да ве сфатат. Но, во секој случај – бидете ВИЕ! Убавината е во различноста.

Објавено:
24 ноември 2014
Категорија: 
Стории