Исповед на Алиша Кис: Како „голото“ лице ме ослободи?

7 јуни 2016

Пејачката Алиша Кис одлучи да ја отвори душата пред јавноста. За новиот број на магазинот „Vanity Fair“, таа се фотографираше без шминка. Сосема.

Во почетокот била неодлучна. На снимањето се појавува директно од вежбање, со поткрената коса и без шминка, со намера пред фотографирањето да направи шминка и фризура. Но, кога фотографката Паола Кудацки ја видела, инсистирала фотографиите да ги направат без шминка.

Иако не сакала да прифати, Кудацки успеала да ја убеди, објаснувајќи дека изгледа сирово и соголено, какви што се и нејзините песни. Сепак, и покрај тоа што сметала дека нејзиниот изглед е и премногу природен за таква фотосесија и магазин, сепак се согласила, а впечатокот е дека се чувствувала посилна од било кога претходно.

На страната lennyletter.com на актерката Лена Данам пак, таа напиша зошто оваа фотосесија ѝ го сменила животот.

Алиша зборува за притисокот на совршениот и беспрекорен изглед што го чувствувала целиот живот.

Во продолжение ви го пренесуваме целото писмо:

„Сите доаѓаме до точка во нашите животи (особено девојките) каде се обидуваме да бидеме совршени.  Дали тоа почнува во второ одделение после фотографирањето, каде имаш бушава коса и мајка ти ти вели дека си убава, но другарите ти се смеат?

Го зграпчуваш чешелот и гелот и ја залижуваш убавата голема коса наназад во затегнато коњско опавче, колку што може да се направи од твојата уникатна коса, со што криеш дел од она што си, само за да се вклопиш во сликата што другите ја замислуваат како совршеност.

Да, тоа е еден момент.

Или на пример во средно училиште? Каде сите „убави“ девојчиња носат кармин, ајлајнер и маскара. Некои од нив се толку вешти што изгледаат како моделите во секој магазин што го читаш – оние што прават да се чувствуваш неудобно во самиот себе или лажен или едноставно невидлив.

Уште еден момент е кога некои делови од тебе сфаќаат дека за да се вклопиш или да бидеш убав, мораш да се „покриеш“ за да бидеш што поблиску до совршеното.

Да, тоа е другиот.

Верувајте, не завршува во средно. Се сеќавам кога почнував да се појавувам јавно. О боже! Секој има нешто да каже. „Таа е толку груба, се однесува како момче, сигурно е геј, треба да биде поженствена!“. Но, вистината е само дека јас бев од Њујорк и сите што ги познавав се однесуваа така.

На улиците низ Њујорк мора да бидеш цврст, МОРА да бидеш груб, луѓето мора да знаат дека не се плашиш да се бориш!

Но, тоа не беа улиците на Њујорк. Тоа беше строг, осудувачки свет на забава и мојот најголем тест (сѐ уште). Почнав, повеќе од било кога, да станувам камелеон. Никогаш да бидам целосно која сум, туку постојано да се менувам за сите од „нивниот“ свет да ме прифатат.

Пред да го снимам мојот нов албум, напишав листа на нешта од кои ми се гади. А една од нив беше колку на жените им е испран мозокот за тоа дека мора да бидеме слаби или секси, или посакувани или совршени. Една од многуте работи од кои бев изморена е константното судење и осудување на жените. Константното стереотипизирање преку сите медиуми што прави да се чувствуваме дека нормалната големина не е нормална и дека ако си plus-size тогаш си забранет. Или постојаната порака дека секси значи да бидеш гол.

Сето тоа е фрустрирачко и едноставно невозможно.

Сфатив дека во текот на овој процес, јас напишав многу песни за маските, исполнети со метафори за криењето. Ми беа потребни овие песни, затоа што навистина ги чувствував тие несигурности.

Конечно откривам колку многу сум се цензурирала самата и тоа ме плаши. Која бев? Дали знаев како да се биде брутално искрен воопшто? Која сакав да бидам?

Не ги знаев точните одговори, но очајно ги посакував. Во една песна, „When a Girl Can’t Be Herself“ напишав: „Наутро, штом ќе се разбудам/што ако не сакам да ја ставам сета таа шминка/ кој вели дека морам да го кријам тоа од што сум направена/можеби сите „Мејбилајн“ шминки не го покриваат моето самопочитување“.

Со сета почит кон „Мејбилајн“, зборот само ми одговараше со „мејби“ (maybe). Но, вистината е... Навистина почнав така да се чувствувам – дека тоа што сум, не е доволно добро за светот да го види.

Тоа почна да се манифестира на многу ниво и не беше здраво.

Секој пат кога ќе ја напуштев куќата, ако не ставев шминка останував загрижена: Што ако некој сака да се слика со мене? Што ако тоа го објават??? Ова беа несигурни, површни, но искрени мисли што ми паѓаа на ум. И сите, на еден или друг начин, беа базинарани премногу на тоа што другите луѓе мислат за мене.

Ја пронајдов медитацијата и почнав да се фокусирам на чистина, на длабоко спознавање на себеси. Се фокусирав на култивирање на силата и убедливоста и го правев тоа на место каде што можам да учам повеќе за вистинската јас.

И ветив дека ќе им приоѓам на нештата поинаку овој пат, во однос на  мојата слика и да ѝ дозволам на вистинската мене да се пробие.

Помина време откако ја напишав „When a Girl Can’t Be Herself“ и јас не размислував за тоа. Веројатно имав обврски и бев премногу фокусирана на создавање музика.

Но, така беше сѐ додека не зачекорив на едно од моите први фото-сесии за новиот албум, каде проблемот повторно беше во преден план, централен.

Само што се вратив од сала за вежбање, со белег под мојата бејзбол капа, а прекрасната фотографка Паола (никогаш не сум запознала Паола што не ми се допаднала) ми рече: „Морам да те фотографирам сега, вака! Музиката е сирова и реална, и овие фотографии мора да бидат такви исто!“.

Се шокирав. Во истиот момент станав нервозна и малку ми стана непријатно. Моето лице беше тотално сирово. Носев горен дел од тренерка! Што се однесуваше до мене, тоа беше моето брзо-подготвување-за-да-се-средам-допрва, не беше крајниот, вистинскиот изглед за фото-сесија. И ја прашав: „Сега? Баш сега, во моментов? Сакам да сум реална, вистинска, но ова е можеби и премногу реално!!“.

И тоа беше тоа. Таа почна да ме фотографира.

Бевме белата позадина, јас и фотографот, кој веднаш ги поврза мене со бејзбол капата и белегот и еден куп од невидлива магија која циркулираше. И се колнам, тоа е најсилното, најослободувачкото, моќно и најискрено прекрасно нешто што некогаш сум го почувствувала.

Се почувствував моќно, затоа што моите првобитни намери конечно се реализираа. Мојата желба да се слушам себеси, да ги срушам ѕидовите и да ги изградам повторно сите овие години, да бидам посветена на целта и на себеси!

Универзумот ги слушнал нештата кои си ги ветив себеси или можеби јас конечно почнав да го слушам универзумот, но како и да оди тоа, така започна целата оваа #безшминка работа.

Една од фотографиите што ги направив со Паола излегоа како цртеж за мојата нова песна „In Common“, тоа беше вистината која одекна кај другите што постираа #nomakeup selfies (селфија без шминка) како одговор на оваа вистинска и сирова мене.

Му се молам на Господ ова да е револуција.

Затоа што не сакам повеќе да се покривам. Ниту моето лице, ниту мојот мозок, ниту мојата душа, ниту моите мисли, ниту моите соништа, ниту моите борби, ниту моето емотивно созревање. Ништо“.

Оваа исповед на пејачката поттикна и движење на социјалните мрежи со хаштаг#NoMakeup, каде сите што ја поддржуваат или го поддржуваат ваквото размислување постираат фотографии без шминка.

И покрај искреноста, се појавија и негативни коментари, од типот на тоа дека сепак би било подобро да носи шминка, но тоа не ја спречи пејачката минатата недела да настапи на финалето на UEFA Champions лигата, сосема без шминка на лицето, со што и официјално го означи почетокот на новиот животен стил.

Објавено:
7 јуни 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.366 пати