Историјата на очилата за сонце

4 февруари 2014

Очилата за сонце имаат „темна“ историја но брилијантна сегашност и иднина. Историјата на очилата што штитат од сончевите зраци, почнува од Римската империја и императорот Нерон, кој додека ги гледал борбите со гладијаторите, пред очите ставал  зелени смарагдни камења за да се заштити од сонцето и подобро да гледа. Примената  на првите вакви  очила, е некаде меѓу 1268 и 1289 година. Други зачетоци датираат од визуелизирањето на очилата на платно, насликани од сликарот Томасо де Модена, кој во 1352 година, на ликот од сликата, му насликал замаглени очила , што  тогаш претставувале  показател за чест и углед во општеството.

Околу дванаесеттиот век и пред 1430 година, очила што наликуваат на оние за сонце, почнале да носат кинеските судии. Стаклата на овие очила биле замаглени, но нивната намена секако не била за да ги штити судиите од сонцето во судницата туку, да ги покрие нивните очи, за тие да го прикријат нивниот став од одлуката во текот на судењето. Во 1600 година, луѓето почнуваат да согледуваат дека очилата за сонце се квалитетен бенефит што им овозможува подобро да гледаат кога сонцето е силно. Кон средината на 18-от век, Џејмс Искоу ги изработил првите стакла за очила кои биле зелени и сини, но нивната намена била за подобрување на видот, а не за заштита од сонце.

 

Развојот на очилата за сонце продолжува со текот на годините. Проблемот да стојат на лицето држејќи се на носот, довело до низа експерименти преку кои рамките ги изработувале од кожа, коски и метал, со недостиг од рачки, зашто тие главно се држеле за носот, за подоцна во 1730 тие да бидат измислени од Едвард Скарлет.

Со почетокот на 20-от век, очилата за сонце почнуваат да ја добиваат својата вистинска намена. Во 1929 година, Сем Фостер е првиот човек што почнува да продава вакви очила во сопствениот маркет, близу плажите во Њу Џерси. Всушност, Фостер е првата личност што масовно почнал да ги произведува и продава очилата за сонце, кои оттогаш освен заштита имаат и модна улога. Во 1930 американската армија за воздухопловство, од компанијата за производство на очила за вид „Бауш & Ломб“, бараат да се развијат очила за сонце што ќе ги заштитат нивните очи од силното сонце на големи височини. Желбата на авијатичарите била исполнете со тоа што биле изработени очила од зелени стакла, што целосно ја неутрализирале рефлексијата од сонцето.

 

Едвард Х. Ленд  во 1936 го измислува полароидниот филтер, кој се користи за изработка на квалитетните очила. Филмските ѕвезди по ова веќе почнуваат да ги носат како моден додаток, но и за да ги сокријат нивните познати лица. 1937 година е доста значајна за брендот „Реј Бан“ кој дотогаш функционирал во рамките на компанијата Бауш & Ломб. Оваа година се произведени првите авијатичарки од Реј Бан, изработени во подобрена техника од претходно, повторно за потребите на авијатичарите, оттука веќе ви е јасно зошто најпопуларните очила за сонце се викаат „авијатичарки“. Од 1970 година холивудските ѕвезди и модните дизајнери, направија огромно влијание на пазарот за очилата за сонце.

Аплицирањето на нивните имиња од рамките на очилата, значело дека тие се најмодерните и секој мора да ги има. Во денешно време со модерна технологија, очилата за сонце постојано стануваат се подобри. За моделите и стаклата од истите, веќе „дебело“ се плаќа, а има и такви со вградени музички плеери. Останува прашањето, какви ќе бидат очилата за сонце од иднината?

Објавено:
4 февруари 2014
Категорија: 
Стории