Јоко Оно искрено за Џон Ленон

15 октомври 2015

Весникот The Daily Beast ја имаше ексклузивната можност да разговара со Јоко Оно (82), која како никогаш досега, искрено проговори за Џон Ленон и проблемите со кои се соочувале. Неодамна беше неговиот роденден, а во декември годинава ќе се одбележат 35 години од неговата смрт. За неговата сексуалност, политиката, убиството, зависностите, но и за личните нешта од нејзиниот живот, читате во продолжение, во извадокот од оригиналното интервју:

Јоко Оно и денес е позната по нејзината уметност. Таа не дозволи славата на Џон да се рефлектира врз неа, иако споменот на него го чува до денес. Активист е, и подеднакво ги негува страстите и заложувањето за здрава околина и мир, а тоа го споделува со преку 4.75 милиони следбеници на Твитер.

Специфичниот имиџ и очилата за сонце се нејзината препознатливост. Пред почетокот на интервјуто, се сеќава дека првите очила ги купила токму со Ленон, еден ден во Saks Fifth Avenue, кога имале пауза од снимањата во студио.

Се прашувате живее ли Оно уште во Дакота? Ленон беше застрелан таму, па многумина би рекле дека тоа е последното место каде што таа би сакала да биде. Но, Јоко ја раскажа приказната за тоа како со Џон се вселиле во станот во Дакота.

- Всушност, на времето живеевме во хотелот St.Regis во Беверли Хилс, а таквиот начин на живот беше сосема неатрактивен. Но, актерот Џек Паланс ни предложи да се обидеме во Дакота, па веќе следниот ден, додека се сончавме покрај базенот на хотелот, му кажав на Ленон: „Ајде да се обидеме". Еден од нашите асистенти замина за Дакота да види дали апартманот што Џек ни го предложи е слободен, а веќе следниот ден, се вселивме.

За тоа дали размислувала после убиството на Ленон да се пресели, ќе каже:

-Никогаш. Ние го делевме ова секој ден. Секој ден ја делевме секоја соба. Не би го направила тоа. Многумина мислат дека Дакота е трагично место за мене. Но, убавите спомени ги потиснуваат лошите. Лошо сеќавање имам само на она ужасното. Но, покрај тоа, чувствувам како сè уште да сме заедно. Ќе се чувствувам многу чудно ако морам да го напуштам овој стан. Има толку многу работи тука што тој ги допрел, што ги сакал. Тие нешта многу значат – вели Оно.

Таа додава дека вниманието на јавноста насочено кон неа, не ѝ е чудно. Уште од 1969 година, после легендарната фотографија Bed-In for Peace, луѓето, јавноста постојано ги набљудувале.

-Се навикнуваш. Кога одам да се прошетам во Central park, станува премногу бучно, премногу физички. Да не се толку физички настроени кон мене, едноставно ќе ги игнорирав. Но, морам да се движам некаде (се смее).

Јас мразев марихуана. Никогаш не сакав да ја консумирам, но во одредена ситуација со луѓе кои што „кружат" со неа, мораш да се преправаш.

За изненадување можеби на многумина, не користела други наркотични средства.

-Не. Се трудам да бидам што поздрава и да го исчистам организмот од отрови. Во текот на 1960-тите и 1970-тите имаше неколку „инциденти". Бидејќи не ја сакав марихуаната, не ја ни користев како повеќето луѓе. Мислам дека LSD дрогата не беше лоша, но е многу силна, па не ја земате секој ден – открива уметницата.

Со дрогите престанува во 1981 односно 1982 година. После смртта на Џон, докторите ѝ кажале: „Ќе ви дадеме морфиум, дури и секој ден ако сакате. Кога сте во голема, екстремна тага, не знаете што можете да направите. Некои скокаат од зграда или слично...".

-Наеднаш сфатив дека имам голема одговорност и тоа на неколку нивоа, па затоа не можам да земам ништо. Само првата ноќ ми дадоа морфиум, и тоа беше сè. После тоа не земав ништо. Не можев. Морав да бидам сосема чиста за да ја преземам бизнис-ситуација, политичката ситуација, сè...

За тоа дали била загрижена дали некој ќе ја убие и неа, после убиството на Ленон вели:

-Бев загрижена, да. Во тоа време, можеа да го направат и тоа. Навистина бев среќна што не умрев со Џон. Да се случеше тоа, што ќе беше со Шон (нивниот син)?

Јоко со синот Шон

Убиството на Ленон го изврши Марк Дејвид Чапман, а неговата сопруга Глорија изјави за Daily Mail дека ѝ двајцата осум години ѝ пишале на Оно и барале прошка од неа. Сепак, уметницата не е рамнодушна кон можноста тој да биде на слобода:

-Јас сум супер внимателна, речиси како животно кое стравува да не биде уловено. Како елен. И кога излегувам надвор и кога сум дома, многу сум внимателна. Многу. Исто така, многу ми е тешко да размислувам за Чапман, посебно поради тоа што тој не мисли дека тоа што го направил е лоша работа. Тоа е лудост! – потенцира Јоко која вработи и приватно обезбедување.

Исто така, ги одбила сите молби и писма на Чапман.

Чапман 1980 (лево) - 2012 (десно)

-Ако тоа го направил еднаш, може да го направи повторно, на некој друг. Можам да бидам јас, може да биде Шон, може да биде кој било и оттука и загриженоста. Ако биде пуштен на слобода, нема да бидам мирна. Помислив дека е луд, но веројатно не е, тој имал цел: „Убиј го Џон Ленон", и сакал да ја исполни. Па, можеби ќе има и друга цел. Не мислам дека тој тоа го прави емотивно. Постои причина, едноставна или не, да го направиш тоа што тој го направи и да го оправдаш е нешто многу страшно – признава Оно.

Таа неодамна ја доби и наградата „Icon", како признание за нејзината уметност, за тоа што ги прави работите на нејзин начин, како и за поддршката на LGBT заедницата.

-Многу ми значи што примам награди од различни страни. Долго време работев за да создадам една поотворена ситуација. За еднаквоста и бракот не треба да бидеме благодарни. Тоа е нешто нормално. Предрасудите одат во двете насоки. Сигурна сум дека геј луѓето мислат дека оние што се „стрејт" се глупави. LGBT заедницата треба да се третира еднакво. Треба да има еднаквост за луѓето да можат сами да ја креираат својата иднина. Тоа е она што геј луѓето го прават. Еднаквост во правна смисла и еднаквост во животот е различно нешто. Луѓето се различни од она како правото може да ги контролира. Ние имаме мошне комплексен живот наречен човечки живот. Има многу повеќе од само еднаквост во животот –објаснува Јоко Оно.

Прашањето за нејзината сексуалност предизвикува смеа кај неа.

- Сметам дека мојата сексуалност е екстремно старомодна. Многу луѓе мислат дека јас сум силна жена. Јас пак, никогаш не размислував за тоа, но веројатно сум. Можеби мислат дека мажи не ме интересираат, но тоа не е вистина. Ги сакам нормалните врски, што и да се подразбира под нормална врска.

На прашањето дали имала сексуална врска со друга жена, вели:

-Тоа е веќе друга работа. Џон и јас имавме долг разговор на оваа тема, бидејќи во основа сите сме бисексуални. И мислевме дека не сме бисексуални поради општеството. Па затоа ја криеме нашата друга страна, која е помалку прифатена. Но, немам силни сексуални желби кон жените.

Постоеја гласини во тоа време дека Ленон имал секс со менаџерот на „Битлси", Брајан (што беше и тема на филмот од 1991 година, The Hours and The Times). Ленон во тоа време изјави: „Беше речиси љубовна афера, но и не. Никогаш не ја консумиравме, но беше прилично интензивна и блиска врска".

-Приказната што мене ми беше пренесена беше мошне експлицитна и од тоа мислам дека тие немале сексуален контакт. Но, отидоа за Шпанија, а кога се вратија, сите медиуми прашуваа: „Дали го направивте тоа?". Па, Ленон одговори: „Да, го направив. Нели е тоа неверојатно?". Но, секако дека ќе го речеше тоа. Сигурна сум дека Брајан се обидел.

Тоа би значело дека Ленон го одбил Брајан, но Оно вели:

-Мислам дека едноставно, тој не сакал да го направи тоа.

Токму оттаму таа смета дека Ленон немал сексуална врска со маж.

-Мислам дека имаше желба, но мислам дека беше премногу резервиран. Не, не резервиран. Рече: „Не би ми пречело ако се појави некој неверојатно атрактивен маж". Многу е тешко. Тие мора да почувствуваат привлечност, не само физичка туку и ментална. А такви луѓе не се наоѓаат. На почетокот на годината кога беше убиен ми рече: „можев да го направам тоа, но не можев да најдам некој толку атрактивен." И тој и јас бевме многу по привлечноста, убавината – открива Оно.

Таа додава дека и самата се соочила со предрасуди.

-Големи се предрасудите поради тоа што сум Азијатка, што сум од друга раса и што сум жена. А една од причините поради кои преживеав – преживувам нели? (се смее) – е што тоа не го сфаќав сериозно. Многу посериозни беа моите родители, кои имаа сосема поинаква идеја што треба да правам. Бев премногу авангардна, веројатно. Чувствував дека се посрамени.

Нејзиниот татко, банкар по професија, не можел да ја поднесе идејата таа да биде родена, затоа што тоа би значело губење на слободата. Пред да се роди Јоко Оно во Токио, тој заминал за Сан Франциско.

Јоко со родителите

-Тоа е првиот пат кога го загубив мојот татко.

Дури и кога пораснала, а семејството се селело во САД, па во Јапонија, па повторно во САД, постоела дистанца помеѓу нив двајца.

-Во некои нешта сум различна од нив, затоа што се трудам да имам топол однос со мојот син Шон и ќерката Киоко.

Таа и Киоко биле разделени 27 години откако нејзиниот поранешен сопруг, Ентони Кокс го киднапирал девојчето. Но, од друга страна, вели дека е многу слична на нејзините родители. Татко ѝ свирел и на пијано, а нејзината мајка била уметник. Тие биле изненадени од определбата и стремежите на нивната ќерка.

-Мислам дека ќе сакаа да станам музичар, да се занимавам со класична музика или да бидам композитор. Беа многу учтиви во врска со тоа. Никој од нив не дошол на моите шоу-а. На тој начин тие ги изразуваат своите чувства. Но, и тие не беа доволно разбрани. Беа премногу културни за другите да ги разберат. Не им пречеше тоа. Велеа: „Ќе поминеш низ различни искуства, размислувај за нив како за игра. Биди објективна, наместо да се вознемируваш".

Поради врската со Ленон вели, исто така била осудена на предрасуди, на токсичен микс на расизам и сомнежот во нејзиното влијание.

-Не знам зошто заслужив толку многу различни облици на предрасуди. Тоа беше навистина добра врска. Сè околу нас беше многу лошо. Многу од нештата што ги направивме Џон и јас, ги направивме природно, наместо да се правиме паметни и да велиме: „Ајде да ги научиме". Тоа што бевме свои влијаеше врз луѓето.

Ленон сметаше дека јас повеќе се разбирам во бизнисот, што не беше точно. Па, сакаше јас да ги водам тие работи, а тој сакаше да се грижи за нашиот син, што беше неверојатна работа. Во тоа време никој не го правеше тоа. Владееше мачо ставот. Ленон и отвеше. Месеше и печеше леб – открива Оно.

Но, она што најмногу го мразела е да биде жената што „ги раздвои Битлси".

-Една од причините што тие работи не ме погодија е бидејќи имав сосема поинаков живот. Не беше многу плодоносен. Имаше многу негативни работи за мене, но беа од луѓето што навистина не ме разбираат. Да застанев да зборам нешто, немаше да има ефект врз ништо. Само ќе се смееја. Затоа и замолчев.

Пол Макартни и Јоко Оно

Оно и Пол Макартни имале долга, променлива врска. Тензиите помеѓу нив се смируваат за момент , но потоа Макартни изјави за Esquire дека славата на „Битлси" после смртта на Џон, била центрирана околу Ленон. Пол го лутеше тоа што Јоко не го вреднувала неговиот труд и работа, па изгледало како целиот успех на групата да е поради Џон, што музичарот го демантираше.

За тоа дали денес се блиски со Макартни, ќе каже:

„Битлси“

-Мислам дека тоа е една чудна ситуација. Заглавени сме во ситуацијата 30 или 40 години, па се разбираме еден со друг – да кажам така. За тоа што тој го изјави во Esquire, мислам дека е во право. Тој мора да страдал многу, како што ја страдав помалку или повеќе за истата работа. Така што разбирам.Сочуствувам со него за сите болки што ги има. Многу од луѓето мислат дека Пол или јас немаме никаква болка, затоа што сме привилегирани. Но, не е вистина. Степен на болка секогаш постои.

После смртта на Ленон, постојат само неколку мажи во животот на уметницата, за кои и не се знаеше многу. А сега е сама.

-Тоа не беше криење. Многу ми беше важно да имам некој до мене за да ме заштити. Сега, сакам што сум сама. Се мажев три пати (со композиторот Тоши Ичијанаги од 1956-1962, потоа со Кокс од 1962-1969 и со Ленон од 1969 до 1980). Третиот брак беше екстремно добар и сакав да трае, но не траеше. Секогаш сум била со некој. Сега, за првпат не сум и се чувствувам добро. Не морам да мислам за другата личност, во смисла: „Што би сакал денеска за ручек", да бидам загрижена за другата страна, немам време за тоа. Мислам дека оваа слобода ми е дадена затоа што имам многу работи што треба да ги направам. Обидот да направиш нешто добро за светот и да се грижиш за наследството на Ленон, во почетокот беше многу комплицирано, но сега е смирувачки.

Kога се во прашање децата, смета дека е добар родител.

Јоко и Шон

-Јас сум за тоа дека родителите не треба цело време да им дишат на децата за врат и претерано да им се мешаат во животот. Шон и јас посебно добро се разбираме еден со друг и музички и на сите други полиња и во таа насока имаме добра врска - вели Оно.

Исто така додава дека и Џулијан (синот на Ленон со Синтија) ѝ се допаѓа:

-Тој е интелигентен, но и мошне чувствителен. Всушност, имаше навистина ужасен период и исто како и Шон, фактот дека имате познат, „голем" татко не помага многу.

Оно е искрена кон себе и не ја погодува многу ако не ја разбирате. Таа е неконвенционална и секогаш одбива да игра по нечии туѓи правила, освен по своите. Не сака да се компромитира и да ја направи перцепцијата за себе поблага или поубава на другите. И покрај критицизмот и сите лоши работи „фрлени" врз неа, таа создава уметност што ѝ е неа важна, зборува за нешта што неа ѝ се важни. Не верува во институционални политики.

-Жал ми е за политичарите. За да добијат гласови мораат да прават многу различни работи. Не сум многу возбудена околу идејата Хилари Клинтон да стане претседател. Можноста за прв женски претседател е симболична работа. Претседател мора да биде вистинската личност за таа функција, не затоа што е жена или маж - смета Јоко.

Размислувам за смртта и смрттноста како и секој друг. Постои можност да бидам изненадена од смртта, но сметам на фактот дека ќе имам долг живот.

Иако нема никого во моментот, не е осамена.

-Мислам дека најпознатите луѓе се осамени, бидејќи се разделени. Имаат разделени животи - што и да претставува тоа - разделени од луѓето околу нив. Дури и кога сте со нив, постои одредена разделеност. Тоа е нешто што вие не го креирате, туку се случува во вашиот живот и или ќе го прифатите или нема. Јас комплетно го прифатив.

Објавено:
15 октомври 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.568 пати