Како ќе изгледа црвениот килим во иднина?

27 јули 2020

Пандемијата на Ковид-19 ги одложи сите планови, сите настани, сите свечености. Дури и „Оскарите“ чие одржување секогаш е во февруари месец, следната година ќе се одржат на 25 април.

Никој не знае колку долго ќе трае оваа нова ситуација, и кое одложување е доволно долго за да може да гарантира одржување на некој настан.

Филмската и модната индустрија се зависни една од друга, а токму затоа одржувањето на некоја престижна свечена манифестација со црвен килим за нив е од исклучителна важност.

Овие два сектора имаат исклучително голем број ангажирани луѓе. Актерите, режисерите, продуцентите се големите имиња, но во позадина има уште илјадници луѓе на кои повторното функционирање на овие настани им е од исклучителна важност.

ОД модна перспектива гледано, не се само дизајнерите и модните куќи тие што го чувствуваат ударот од оваа непредвидлива ситуација која сите ги снајде, тука се и стилистите и визажистите. Шминкањето бара допирање и близок контакт со клиентот, а тоа во моментов никој не го сака и покрај препораките и мерките на заштита.

Стилистката на Лупита Нјонго и Дајан Кругер, Микаела Ерлангер, вели дека повеќето од нив се „фриленсери“, сериозно „погодени“ од кризата.

„Јас почувствував комплетен застој во работата како стилист, бидејќи луѓето сакаат да ги почитуваат мерките за заштита и да се држат на дистанца. Среќна сум што имав можност да ја раширам мојата креативност и бизнис на нови категории, без разлика дали се работи за невестински стајлинг или да се биде нечиј бренд амбасадор. На некои приходот од „фриленс“ ангажманот им е единствениот на кој што се потпирале, и губењето на тој избор на приходи е навистина страшен“ вели Ерлангер за „Вог“.

Платформите „Zoom“ и „Face TIme“ станаа главна алатка за консултации за стајлинг.

„Мислам дека целава ситуација ќе нè натера да се подготвуваме поинаку. На пример, праќање на облеката многу порано, доколку е потребно и дополнително кроење или преправки. Порано, преправките се правеа во „од“, без присуство на стилист. Но, сега ќе биде поинаку. Изминатиов период видовме одлични фотографии направени дома и со почитување на дистанца. На крајот од денот, луѓето сакаат мода и сакаат да видат мода. Навистина е предизвикувачки, Се' се случи толку ненадејно, па одеднаш мојата работа стана виртуелна. Ова е нова територија за сите, ќе мораме да се адаптираме, што воедно значи дека ќе мораме да се обединиме. Во ова сме заедно и мораме да најдеме соодветен начин да продолжиме напред. “, вели Николас Бру, стилистот на „Шакира“.

А што ќе значи тоа?

Дел од компаниите за организирање настани - од свадбени, до максимално луксузни, како споменатите „Оскари“, велат дека ќе мора да постои детална реорганизација.

Тимот на една од најпознатите компании „15I40 Productions“, која организирала преку 200 холивудски премиери, периодов се посветил на консултации со други студија, на темата како да се инкорпорира препорачаната дистанца и мерките за заштита при одржувањето на манифестации со црвен килим.

„Телевизиските екипи и фотографите, кои најчесто се и најмногу бројни, ќе мора да бидат поделени во редови, меѓу нив ќе има плексиглас, а помеѓу медиумите и ѕвездите ќе има најмалку два метра растојание. Публиката пак, ќе комуницираат со своите омилени ѕвезди преку ЛЕД Екрани. Комуникацијата во живо со обожавателите на овој начин е прашање на време. Тоа е иднината. Се чека само вакцината“, вели Крег Валдмен, претседател на „15I40 Productions".

Тој додава дека работат на тоа прашањата и одговорите да се одвиваат преку технологија, која нема да бара луѓето да бидат блиску. Исто така, ѕвездите ќе излегуваат сами на црвениот килим, а на сите гости ќе им се мери температура. Обожавателите за жал, ќе заборават на присуство на вакви настани, но сепак ќе им биде овозможена комуникација преку онлајн платформи.

„Исто така, килимите ќе мора да се направат да бидат пошироки и подолги“, посочува Валдмен.

Инаку, оваа компанија во моментов работи на создавање мобилни студија, кои ќе се движат помеѓу домовите на ѕвездите и телевизиите каде ќе биде емитувана снимката. Тие размислуваат и за „движечки“ премиери. Што значи тоа? Ѕвездите да се паркираат во првите редови или пак да седат на пикник ќебенца и да остварат интеракција со фановите преку линк на камера.

Но, ова значи дека бројот на медиумите на црвениот килим ќе биде значително намален, а ќе подразбира и многу маски.

„Не знам дали ќе видиме некоја актерка номинирана за „Еми“, со маска на црвениот килим. Но, фотографите, новинарите, публиката (ако ја има), ќе мора да ги поставуваат прашањата преку маска“, смета Крис Грднер, новинар за магазинот „Холивуд Репортер“.

Од компаниите за обезбедување пак велат, дека постојат познати личности од А-листата, кои и сега кога нема никакви настани, бараат заштита и не сакаат воопшто да се мешаат меѓу луѓе, ниту да имаат било каков контакт, за што и го ангажираат обезбедувањето сега, па според нив, одржувањето свечености ќе почека минимум до следата зима.

И додека Валдман смета дека на луѓето им е здодеано да бидат дома, и дека со нетрпение чекаат да се случи некој настан кој ќе им го врати чувството дека работите се враќаат во „нормала“, дизајнерот Кристијан Сириано смета дека е прерано за луксуз.

„На луѓе на кои некој член од семејството им е болен или умира, не им е до луксуз и црвен килим воопшто. Сметам дека сите треба да ја прифатиме оваа пауза и да почекаме да дојде помош во облик на некаков лек и тогаш да размислуваме за овие нешта“.

Она со што сите се согласуваат е дека, без разлика на кој начин ќе се консумира модата во овој за сите нов период, треба да се искористи за да пренесе порака. Таа нејзина улога не смее да се занемари. Црвениот килим отсекогаш го користел тој начин на комуникација. Сетете се само на движењето #MeToo и црните креации, панделките за поддршка на загрозени групи, креации со директни пораки... Затоа и оваа „нова нормалност" како што сите љубат да ја нарекуваат, треба да биде дополнителна инспирација и мотивација модата да не се сведе само на убава облека, туку и на јазик кој соопштува важни пораки и сведочи за едно време.

Објавено:
27 јули 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
203 пати