Како Коко Шанел го откри фамозниот твид?

19 март 2014

Најпрепознатливиот печат во дизајните на жената-визионер во модниот свет, Коко Шанел, покрај класичната линија сведена на минимализам, е твидот како најкористена ткаенина во нејзините колекции, традиција која ја продолжи и нејзиниот современик, Карл Лагерфелд.

Сега веќе легендарната ткаенина, дизајнерката ја интегрирала во својот дизајн, инспирирана од машката облека, но пред се поради удобноста и пријатното чувство кое го овозможува, а истовремено и поради софистицираниот изглед и квалитетот на материјалот.

Во 1924 година, Коко почнала соработка со шкотска фабрика која специјално за нејзината модна куќа изработувала твид кој дизајнерката го користела во широк фазон: од изработка на спортски парчиња, до деловни костуми и палта.

Изборот на бои го правела најчесто инспирирајќи се од животот на село во Шкотска, доминантно користејќи ги земјените тонови. Подоцна, твидот почнала да го комбинира и со други материјали како свила, волна и памук со цел да најде што поширока примена во нејзиниот креаторски свет. Многу брзо, носењето твид станало секојдневие и еден од најпопуларните трендови во периодот кога таа ја уживала својата најголема слава.

Карл Лагерфелд ја продолжи традицијата на Коко Шанел, осовременувајќи го дизајнот и проширувајќи ја палетата на бои, па во секоја негова колекција откриваме нови страни на фината ткаенина и нови начини за нејзина модификација и прилагодување на денешните трендови.

Објавено:
19 март 2014
Категорија: 
Стории