Приказни од градот

Како Македонец се најде на снимањето на оскаровскиот филм „Nomadland“?

7 мај 2021

„Nomadland“ е филмот кој годинава доби „Оскар“ за најдобро остварување. Во стотиците луѓе кои беа дел од снимањето на овој филм е и еден Македонец.

Се вика Мартин Качулачки.

Тој за нашиот сајт ја раскажа ситуацијата во која сосема непланирано се нашол - да биде статист во оскаровско остварување.

„Бев на сезонска работа во Америка, работев во Wall Drug Store, правев и продавав крофни. Еден ден ни најавија дека тука ќе се снима филм, не знаевме за кој се работи. Мислевме дека е некоја нискобуџетна продукција“, ја започнува приказната Качулачки.

И навистина после неколку денови, екипата од филмот пристигнала, но тој не обрнувал внимание многу на тоа што се случува.

„Еден ден во продавницата дојде една повозрасна жена и беше облечена исто како мене. Си помислив дека е нова колешка, на која ќе треба се' да ѝ објаснам околу процесот на работа. Започнавме некој неофицијален разговор и очекував дека во секој момент ќе ми каже дека треба да почне да работи тука. Но, на крајот, дојдоа уште неколку луѓе и ме прашаа дали сакам да се пријавам за статист во филмот. Жената за која мислев дека ќе биде моја нова, возрасна колешка, всушност беше оскаровката Френсис Мекдорманд“, раскажува Мартин.

Вели, нема некое посебно впечатливо искуство, иако на одјавната шпица го пишува и неговото име.

„Она што можеби и најмногу ми направи мерак е што крофните што јас ги правев се најдоа во филмот, баш бев горд“, посочува тој.

Иако филмот постојано се снимал на 30-тина метри од неговото работно место и постојано одблиску сведочел на она што се случува, сфатил дека тоа не е нешто во што би се пронашол.

„Многу сакам филмови, посебно ме интересира режија, но сфатив дека самиот процес на снимање на филм не е нешто што може да го задржи моето внимание подолго време. Сепак, морам да кажам и дека целата екипа беше многу пријателски настроена. Се однесуваа природно, како да не се познати личности. Но, и процесот на филмот не беше во онаа  гламурозна холивудска атмосфера која ја очекуваме или пак сме ја гледале на филм. Не, се работеше многу скромно во тој поглед“, вели Мартин.

Од престојот во Америка во посебно сеќавање му останала средбата со неговиот омилен тату-мајстор, Арло Дикристина.

„Не ми се веруваше дека разговарам со него. Му кажав дека сум негов обожавател, беше дојден со неговата сопруга Рајан Ешли, ги угостив двајцата со крофни и кафе и пресреќен бев што имав можност да разговараме“, потенцира Качулачки кој и самиот е тату-мајстор.

Со тоа професионално се занимава од 2014 година, но желбата ја имал уште од четврто одделение.

„Пред извесно време, школска другарка го најде детскиот споменар, кој сите сме го пополнувале и на прашањето што сакаш да бидеш уште тогаш сум одговорил - тату мајстор. Години подоцна, навистина сум тоа, но потекнувам и од уметничко семејство, цртањето отсекогаш било присутно, така што за мене тоа и не е некое изненадување. Оваа професија е мој начин на просперитет, љубов и страст!“, нагласува Мартин.

За оние што можеби се двоумат за прва тетоважа, ни сподели и неколку совети.

„Да се информираат од повеќе артисти. Да почнат со мали тетоважи, во црна боја и секако би било убаво тоа што ќе го одберат за нив да има некое значење. А кога ќе почнете еднаш, магијата ќе ве повлече, па ќе посакате уште некоја. Често е прашањето дали боли, но тоа е многу релативно, бидејќи секој има различен праг на толеранција“, смета тој, нагласувајќи дека е и советник на тетоважи и кај него секој што ќе посака, може да добие бесплатен совет, па дури и бесплатен дизајн на тетоважа.

Иако го прошетал светот, на крај одлучил да се врати во Берово. Како страствен велосипедист, ја поминал и речиси цела Македонија на велосипед, но сепак неговите најубави приказни и спомени се врзани пред се' за овој град. На прашањето, зошто кога сите бегаат во поголеми градови, тој одлучил да се врати и остане во родниот ќе рече:

„Сметам дека имам капацитет да просперирам и дома, во Берово. Знам дека е храбар начин и одлука да се живее така, но сепак дома си е дома. Се обидов и навистина не се пронаоѓам во странство, ниту било каде далеку од дома. Другар сум, чаршијар и немам граница за другарство. А и во Берово најмногу ја сакам природата, има посебна аура. Секаде, каде и да погледнам ми е убаво, ми дава спокој“.

Објавено:
7 мај 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.206 пати