Интересни, поинакви, деликатни, магично женствени, едноставно прекрасни модели во кои не можете, а да не се заљубите од прва...

Парчињата на брендот Self Portrait се меѓу омилените на бројни девојки ширум светот, а истите обожуваат да ги носат и познатите дами меѓу кои и Миранда Кер, Бијонсе, Ријана, Ана Ивановиќ и бројни други.

Во време кога на голема врата се враќа модата од 70 – тите, но и онаа од 90 – тите кога омилени парчиња беа волуменозните спортски блузи со капа и чевлите на платформа, романтичните парчиња се и повеќе од посакувани.

Доколку истите можете да ги набавите и по пристапни цени за разлика од оние астрономските на бројните светски дизајнери, тогаш имате полн погодок.

Брендот Self Portrait е основан во 2013 – тата година во Лондон од Хан Чонг, а публиката ја привлече со своите нежни и женствени тантелни фустани кои дефинитивно личеа на оние од високата мода.

За многу кратко време моделите на Хан беа откриени од девојките од А – листата, кои ги носеа како за секојдневни настани, така и на црвениот килим.

И покрај огромната популарност што брендот ја стекна за многу кратко време, цените на парчињата не се променија. Сите парчиња можат да се нарачаат онлајн, а цените се движат околу 300 евра за фустан.

Креативниот Хан постојано ги радува девојките со нови колекции на фустани кои се продаваат и подобро од очекуваното, а како што самиот ќе каже, најголемата радост му се случила во моментот кога првата дама на САД Мишел Обама се појавила во фустан од неговата последна колекција.

Тој е исклучително талентиран млад дизајнер со големи соништа и амбиции кој за кратко време постигна успех од епски размери, а сепак и денеска е супер скромно момче што може да се види и по начинот на кој го опишува она што досега го постигнал.

„Во мојот град Пенанг во Малезија, не се случуваат многу работи. Кога имаше некои посебни настани, тоа беа главно венчавки. Тогаш моите роднини се подготвуваа и се дотеруваа, а јас максимално се забавував во тие моменти. Всушност тоа за мене беше најинтересниот дел и тогаш всушност сфатив колку ме интересира модата. Од мојот професор слушнав многу убави работи за познатиот St.Martins колеџ и почнав да сонувам да студирам таму. Работев напорно на моето портфолио и кога дојде време за тоа, аплицирав, ме примија и се преселив во Лондон. Така почна сѐ“, вели Хан.

Неговите креации се неверојатно популарни, а уште попосакувани ги прават пристапните цени за разлика од останатите брендови.

„Оваа сезона во Self Portrait е многу опуштена, бидејќи повеќе не сакам да работам парчиња за посебни прилики. Размислам за денешната девојка и сите нејзини обврски. Неа и се потребни парчиња што ќе ги носи по цел ден“, додава дизајнерот.

Токму поради тоа, во неговата нова колекција девојките ќе најдат помалку свечени парчиња со неговата позната тантела, а повеќе секојдневни.

И овие парчиња се богати со вез и фини женствени кроеви, нежен памук, а има и женски костими, здолништа, кошули и панталони.

Сепак, и во оваа колекција можеме да го видиме препознатливиот печат на брендот и деталите како отворениот грб и интересните пресеци кај деколтето за уште поженствен изглед.

Објавено:
22 септември 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.008 пати