Каква е перспективата на младите креативни брендови во Македонија?

23 мај 2018

За да се стартува нов, млад, креативен бизнис во Македонија, покрај стандардните предиспозиции за ветувачки старт како оригинална идеја, добро разработен бизнис план, квалитетен производ, соодветно воспоставена релација со таргетот итн, потребна е и храброст, надпросечна упорност, но пред сè самоиницијатива.

Не е невозможно во услови какви што се моментално, да се создаде успешна стартап приказна, а за тоа како позитивен пример ќе ги посочиме и нашите соговорници. Но, од друга страна менталните рамки што самите си ги поставуваме, со изговорот дека нашата е мала земја, економски недоволно развиена, сомневањето во сопствениот потенцијал колку и да е реален – уште пред да созрее идејата што ја имаат младите, потенцијални претприемачи, не го доживува дури ни својот обид на пазарот.

Ама некаде помеѓу големиот креативен потенцијал на нашите млади луѓе и песимистичките пресметки, сведоци сме на се повеќе позитивни примери, успешни стартап приказни.

На темата каква е перспективата на младите креативни брендови во Македонија, разговаравме со неколку креативци што веќе развиваат своја успешна приказна, секој во различна фаза и во различен креативен сектор. Некои од нив ја нарекуваат идеја, други љубов што резултирала во конкурентен бизнис, трети талент што добил соодветна форма во вистинско време – но, она што е НЗС за сите нив е тоа што веќе имаат препознатлив белег со потенцијал да прерасне во бренд. Во разговорот ни се приклучи и Марија Матовска, како претставник на секторот за неформално образование, програмска менаџерка во Social Impact Lab и национална координаторка на интернационалната програма Награда за социјално претприемништво – Social Impact Award, за да не информира за нивните искуства од соработките со младите и талентирани луѓе.

Марија Матовска

-Во Social Impact Lab, ние им помагаме на младите луѓе пред се' да работат на создавање идеи, а понатаму и оддржливи бизниси и сопствени бреднови кои ќе креираат изразено позитивно општествено влијане. Во моменотот спроведуваме различни програми, како Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award (доколку младите сакаат да се пријават на оваa програма истото може да го сторат до 31-ви мај годинава :) , Investment ready program и слично каде ги поттикнуваме малдите да размоислуваат креативно и иновативно. Годишно во програмите насочени за млади луѓе имаме од 30 до 50 различни пријави кои понатаму ги поттикнуваме да постанат компании со сопствени обележја и карактеристики. На ниво на држава, не би можела да шпекулирам со бројки, но можам да кажам дека да – кај нас градењето на бренд и бизнис воопшто е навистина предизвик, младите луѓе кои сакаат во иднина да си ја земат кариерата во свои раце, притоа да го прават она што најмногу го сакаат, на својот пат ќе наидат на многу бариери и предизвици. Но, доколку навистина го најдат за што имаат најмногу страст, ако го најдат својот вистински сон, ќе успеат. Се разбира во тој контекст многу е важно младите да имаат поддршка од различни ментори, експерти, но и државна институционална поддршка. И морам да напоменам дека чувството е одлично кога ќе видиш како малдите луѓе ги градат своите препознатливи брендови и кога навистина доживуваат раст и успех, како што тоа е случај со корисниците на нашите програми: Фрешис, Создади, Храна за сите, АвАв Хепи дог центар и многу други", го започнавме разговорот со Марија.

Дизајн на Омајгад

За своето лично искуство и развојот на сопствениот креативен потенцијал, ни раскажаа графичкиот дизајнер Гоце Велески (Омајгад), младата креаторка Ена Зафировска (EZ), талентираниот Валентин Петрески (ТиноСки) и модниот дизајнер Драган Христов (LUDUS), сите со свои оригинални идеи кои и како такви беа препознаени на пазарот.

Гоце (Омајгад) – Јас создадов идеја која добро се прифати

Технички гледано на работите, јас не создадов бренд туку презентирав идеја која се прифати добро. Не го гледам Омајгад како бренд, поточно не го чувствувам како бренд. Омајгад е идеја која за среќа пројде добро на првата промоција па си продолжи. Брендот како бренд си има правила и прописи, а овој дел од мене што го давам преку Омајгад сакам да биде фристајл.

Ена – Модата е мојата движечка сила

Модата е во моите гени. Предиспозицијата е едно, но љубовта кон модата е движечката сила која ме води. Мојата баба беше костимограф и од малечка бев опкружена со материјали, конци... На почетокот на средното училиште изработував накит, подоцна бев окупирана со складноста на боите и дезените, следеше прекршување на модните правила што беше пресудно да ја истакнам својата уникатност во работењето и создавањето. Во текот на моите студии имав можност да фантазирам и да се изразам на различни начини. Искуство да се запознаам себеси и да ја пронајдам црвената нишка во моите дизајни. Седум години подоцна сум магистриран дизајнер и работам на брендот под моето име.

Креација на Ена Зафировска

ТиноСки – Сè започна од идејата да имам шолја за себе

Пред Тиноски да биде ТиноСки, беше само еден личен и нов профил во инстаграм светот  Се започна од идејата да имам шолја за себе, онаква каква што сакам, а ја нема да ја купиш. По објавата на оваа шолја, која беше и се уште е единствената жолта шолја нацртана до сега, следеа коментари од најблиските, а за некој ден и побарувања за да им направам и нив. И така, од еден на друг започна да се раскажува прикзната на ТиноСки која постојано се надоградува и збогатува со нови идеи, производи а најново и креативни дизајнерски решенија за различни намени. Се радувам што многу луѓе ја препознаа уникатноста на дизајните, минимизирањето на истите и сосема ненаметливо стана препознатливо креативно катче кое секојдневно има се повеќе фанови и поддржувачи.

Дизајни на ТиноСки

Драган – Од линија започната за жени, LUDUS се разви како безродова модна линија

LUDUS како модна линија започна од истоимениот концепт стор во 2010-тата година. Сметавме дека интересот на клинетите за мода е доволно голем за да започнеме сопствен моден бренд. Од линија започната за жените, LUDUS се развива како унисекс, безродова модна линија изработена од стопроцентно природни материјали од 2014-тата година до денес.

Креација на LUDUS

Сè почнува од мотивот! Добро мотивираната идеја има сериозен потенцијал за успех. Секој од нашите соговорници ни посочи што ги провоцирало, односно мотивирало на првиот ентузијастички чекор. Можеби нивните приказни ќе бидат мотивирачки за вас?

Гоце: Немаше достава на „Дечко Цар' маици во Македонија :) А и сакав да направам нешто што ќе ги тргне од улиците оние маици со натписи као „Не сум гинеколог, али може да ѕирнам".

Ена: Во позадината на моите колекции има многу рачна изработка, посветеност, истражување на пазарот и акцент на одржливата мода. Тоа значи вклопување на етичките принципи на дизајнирање. Одржливиот развој се залага за поодржливо производство и потрошувачка, што е во согласност со етичките стандарди. Етичкиот начин вклучува вистинско почитување на локалните занаетчии и нивните оригинални дизајни и традиционални занаети. Етичкиот начин покрива широк спектар, некои експерти дури би ги изедначиле со одржлив начин. Еколошки, социјални и економски прашања во модата. Често се поврзуваат со лоши работни услови во фабриките за облека. Клучна загриженост тука е потребата за фер живот, соодветни безбедносни мерки и здрави работни места и часови.

ТиноСки: Намерата никогаш не беше да се гради бизнис, мислам дека и сè уште е рано да се зборува во тој контекст, но веројатно ќе треба да се прилагодуваме на промените и насоките кои доаѓаат од самата работа :) Бегство од секојдневните обврски беше главниот мотив да започнам со цртањето на порцелан, нов предизвик за кој кај нас се уште немаше соодветни материјали па бев приморан да набавувам од соседните земји. Денес е се достапно, но се радувам што ТиноСки е првото креативно семејство кое започна со оваа приказна. Отсекогаш сум сакал нетипични работи, поразлични и нешто што го нема, тука е предизвикот да се истражува и експериментира.

Драган: Мотивацијата е несомнено личниот нагон за изразување и концептуална комуникација на одредени идеи, размислувања како и приказ на сопствената естетика и некаква општествена идеологија.

Но, наспроти мотивацијата несомнено постојат и слаби точки во релацијата помеѓу младите креативци во нашата земја и реалните можности во нашето окружување, кои соговорниците ги посочуваат во неколку сегменти на кои треба да се посвети сериозно внимание.

- Кај нас мислам дека предизвиците се содржани прво во самиот систем на образование. Во многу ретки случаи, нас образованието нè учи на креативност, иновативност, различност во размислувањето, како што се вели нели размислување „надвор од кутијата". Понатаму многу малку не учат дека преземањето на ризик е во ред, дека неуспехот некогаш е поголема лекција од колку тоа само да редиме позитивни и успешни резултати. Понатаму, потребно е повеќе да се работи на креирање партнерстава со јавните инстутуции, да имаме повеќе афирмативни мерки за самите млади луѓе. И важно е да зборуваме за нашите идеи, да најдеме наши поддржувачи и партнери и секако да ги истакуваме што повеќе позитивните приказни со кои секојдневно се соочуваме, дури и ако навидум тие излегадаат како само кревки мали почетоци и чекори, поентира Марија.

Од своја перспектива, Гоце го посочува отсуството на фокус.

-Немањето фокус е дефинитивно најслабата точка која постои кај нас. Сè почесто гледаме како ќе се почне со еден проект и истиот после тоа ќе се разграни на сите страни, најчесто од причина „Абе види и оние онде нешто прават". А со самото прерано разгранување скроз нормална појава е да се случи и разводенување на истиот проект/бренд/идеја. Треба младите да се фокусираат на една точка и таа да ја зголемуваат пополека, но сигурно. Преку ноќ не бива да се стане нешто.

Ена упатува на проширување на хоризонтите на размислување, наспроти ограниченоста.

-Соработката помеѓу младите дизајнери ќе ги надмине критиките помеѓу нив... Многу работи се веќе измислени, трикот е во тоа да размислувате пошироко. Најдете нови материјали што би се рециклирале, смислете како да не и штетите на околината додека создавате, научете ги традиционалните занаети (полека но сигурно веќе не се пренесуваат од колено на колено). Модата е втор најголем загадувач во светот. Но, бидејќи не можеме да ги видиме штетните гасови што излегуваат од нашите парчиња облека, се успева да се избегне критиката.

ТиноСки проблемот го посочува во недоволното внимание посветено на промоција.

- Кај нас има премногу таленти. Од искуството до сега и запознавањето со дел од нив, сфаќам дека единствениот проблем зошто нив ги нема на пазарот е промоцијата. Секој сака да биде уметник во своето ателје, но за другите да дознаат за твоите дела мораш да се претставиш. Маркетингот и промоцијата исто така е работа, тука да не се лажеме. Секој сака да биде само уметник, но мораш да одвоиш време и енергија за да ја промовираш својата работа. И мислам дека фали мотивација и лична самодоверба. Многумина на почетокот не веруваа во идејата на ТиноСки, но мене тоа ми беше уште поголем поттик да докажам дека не е точно и дека кај нас луѓето сакаат уникатни и персонализирани работи. Не е лесно, не е се така розево, но млади сме и мора да се бориме со предизвиците. Рачната изработка во последниве години станува се поактуелна, па мислам дека треба да се искористи моментот. Задоволство е кога го работите она што го сакате, па можноста за тоа не се испушта.

Драган најслабата точка ја воочува во стандардите што се поставени во нашето опкружување.

- Токму опкружувањето и стандардите што се поставени кај нас се најслабата точка кај младите брендови, особено кога ќе се споредат со интернационалните.

Од друга страна, нашето мало општество има и свои предности, како на пример фактот дека младите луѓе многу лесно може да се вмрежат во сите засегнати страни.

-Во моментов не само компанијата за која јас разботам, туку и многу други ентитети нудат програми за млади луѓе во кои можат да добијат целосна поддршка и помош за остварување на идеите кои младите ги имаат замислено (тука ги вклучувам и дел од програмите на јавните инстутуции). Дури и во ситуација кога младите немаат идеја што би можеле да работат и да направат поразлично преку ваквите програми можат да добијат инспирација и насока за развој на својот кариерен пат. Дополнително, имаме многу настани кои се јавно достапни и бесплатни каде младите можат да добијат знаења, вештини и контакти. Предноста на нашето мало опшство е дека навистина младите луѓе многу лесно можат да се вмрежат со сите засегнати страни. Предност е и тоа што Македонија е земја која и тоа како користи Интернет и социјални мрежи и медиуми, па младите можат да ги користат овие канали за да ја зголемат својата видливост. Можности има, само навистина младите треба да покажат инцијатива, желба и да почнат да размислуваат на начин кој не бил користен до сега, вели Марија.

Во текот на нашиот разговор, побаравме од соговорниците да се присетат на најкорисниот совет што го добиле додека ја профилирале својата идеја, а преку нивните совети и да им дадеме одредена насока на нашите читатели кои можеби се во почетна фаза на формирање сопствен креативен бизнис.

Гоце: "Абе Гоце, седи не се заебавај маици ќе си правел. Нема леб во тоа." Ова е дефинитивно најдобриот совет што го добив, затоа што идејата за маиците не беше и никогаш нема да биде заработка. Напротив, како што кажав погоре, ова е идеја која се прифати. Имам 8 саати работно време во фирма, плус работам и проекти на страна. Ова го правам од љубов. Не сакам да звучам сега као оние лајф коучеви што кажуваат дека не требаат парите, ама ќе кажам дека првично идејата треба да ја сакаш ти како создавач на истата, за да полесно ја засакаат другите.

Ена: Поддршката и критиките од соработниците, партнерите и љубителите на модата се најголемиот репер и патоказ за продолжување , истражување и мотив повеќе. Водена од постапките на најпознатите модни куќи во светот кои во последно време ја пропагираат политиката на чиста и здрава животна средина направив моден перформанс кој на мое големо задоволство беше приметен од Пакомак кои ме поддржаа во мојата замисла за ревијата на Модниот викенд Скопје. Инспирирана од флората и заштитата на животната средина како прв чекор во обид да променам нешто направив колекција во која акцентот е на рециклираниот материјал. Со самото тоа се издвојува и е специфична. Некарактеристични кроеви и 3Д ефекти се забележуваат во креациите кои се носливи.

ТиноСки: Одлично прашање, и ова за прв пат ќе го споделам бидејќи ме инспириравте. Кога започнав пред 3 години со истражувањата дали имаме соодветни бои и материјали кај нас за порцелан, имаше еден специјализиран дуќан за сликарски материјали и вработената ме праша за што и како ми треба. Откако си помуабетивме околу мојата идеја, и ја забележа страста за истата во секој мој збор ми кажа: "Се што ќе правиш прави го за себе и од срце, еден ден ќе се исплати". Мислам дека оваа реченица многу кажува и треба на секој да го мотивира. Најважно е да го правите она што го сакате, идејата никој не може да ви ја земе.

Драган: Постојат безброј совети и препораки што се многу битни кога се започнува некаков бизнис. Мој совет што е парафразирање на неколку особено корисни што јас сум ги добил на почетокот е да се држите до она што знаете и можете да го правите, да бидете упорни и истрајни и да го насочите фокусот надвор од границите на Македонија.

Без предизвиците и бариерите на патот во градењето на успешен бизнис, отсуствува и адреналинот. Не постои голема и значајна стартап приказна, која не посведочела за макотрпното соочување со ограничувачките фактори во различни форми и на различни нивоа. Секој од нашите соговорници има различно искуство:

Гоце: Идејата на Омајгад е да секоја маица биде издадена во лимитирана едиција. Тоа значи дека јас од дизајн едвај го задоволувам минималниот број да се испечати една маица. Со самото тоа си небитен, поточно приоритетот на мојата нарачка е прва одпозади. Има и пар технички недостатоци за начинот на печатење, ама па тоа да се објасни треба уште два три дена да зборуваме.

Ена: Имав темелно образование и пракса. Многу труд и посветеност вложив во сите мои проекти. Секое ново претставување е и ново искуство. Уметноста нема точно определени правила,а прифаќањето на околината е еден од клучните моменти. Секако најважно е претставувањето на меѓународни манифестации. Тоа е и голем предизвик токму од аспект на размена на идеи и искуства помеѓу дизејнерите.

ТиноСки: Доколку нема предизвици и сопки веројатно и нема да сте толку силни. Имало и има ограничувања. Од најбаналните за снабдување на материјал и сл. па до игнорирање на одредени потенцијални соработници. Се случуваше често пати да снема од моделот на шолји, и никогаш незнаеш дали ќе има пак или не. Бидејќи и секој модел е избран внимателно, не сакам да има било каква земана, мора да се внимава пред се на квалитетот. Одредени идеи кои ти текнуваат проблем е технички да се реализираат. Една од поголемите пречки на почетокот беше што многу од комапниите кај нас не се подготвени за нови идеи. Се што е надвор од нивната понуда не се ни обидуваат да го направат. Од друга страна, бараат многу количини што за еден нов бренд не е секогаш оправдано и лесно да се направи па се откажуваш од таа идеја тогаш. Но, јакнење на себеси е целиот процес, се менуваат работите со секојдневната работа па и ставовите на компаниите, но за тоа да е случи треба време на докажување и јакнење на брендот.

Драган: Сметам дека успешно ги надминавме почетните препреки што ги наметнува македонскиот пазар, нема заобиколување туку вешто справување и решавање на каков било конфликт.

Она во што сите наши соговорници се согласни, а може да го дефинираме како ветувачки одговор на нашето почетно прашање: дали имаме потенцијал за сериозен развој на млади домашни креативни брендови, е позитивното видување и успешните примери кои го поткрепуваат оптимизмот дека имаме огромен потенцијал и перспектива на кои треба да се работи и правилно да се насочат. А неограничените можности на интернет се исклучително значајна бенефиција која нуди отворени можности нашите креативни идеи глобално да се шират елиминирајќи ги сите физички граници.

-Македонија бележи успешни примери каде наши луѓе успеале да ги „извезат" своите приказни надвор од границите на државата. Важно е младите да најдат доволно креативна и иновативна идеја која ќе ги задоволи потребите и на таргетите надвор од државата. Сепак, кај нас зборуваме за лимитиран пазар кој нема некоја голема апсорпциона моќ. Токму затоа за да бизнисите можат да растат надвор од Македонија, младите мора постојано да бидат во тек со новите трендови, да учат, да патуваат (барем сега е полесно од кога било младите да излезат од нашите граници, ефтини летови, бесплатни образовни множности, професионални програми сл.), да останат со отваорени умови и се' што ќе научат чекор, по чекор да почнат да го имплементираат тука, да решат локални предизвици и потоа да растат надвор, го заокружува разговорот Марија.

Објавено:
23 мај 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
667 пати