Какви професии постојат во модната индустрија

10 септември 2013

Модата е тимска игра. Вистина е дека модниот дизајнер ја диктира основата и препознатливоста на еден бренд, но практиката покажува дека успешен проект е само оној позади кој синхронизирано работи еден комплетен тим на професионалци.

Еве го распоредот на различните позиции во оваа индустрија: дизајнирање, продукција и маркетинг, каде покрај креативниот сензибилитет, неопходни се и сите останати карактерни црти типични за еден професионалец во било која област.

 

Процес на дизајнирање

Овој процес е суштината на модната индустрија, основата од која произлегуваат сите останати насоки. Моден дизајнер е базичниот профил во оваа креативна сфера и е одговорен за концептуализирање на идеите за трендовите и нивна реализација. Тие можат да бидат вработени во компанија која групира повеќе дизајнери или да основаат бренд под своето име.

 

Дизајнер на облека

Облеката е широк поим кој вклучува еден богат дијапазон на различни типови дизајнери: од спортска облека, кежуал и колекции со парчиња за секој ден за мажи, жени и деца до висока мода.

 

Дизајнер на чевли

Ниту еден аутфит не е комплетен без соодветни чевли. Ако го промашите изборот на чевли, сте ја промашиле целата комбинација. Токму затоа дизајнерот на чевли има влијателна улога во модниот свет. Освен модниот аспект, тој треба да внимава и на ортопедскиот бидејќи последиците од високите потпетици без соодветно лежиште, честопати се деформирани стапала.

 

Дизајнери на аксесоари

Вистинската уметност тука има слободен простор за кулминација. Избор во недоглед: од чанти и паричници, до шапки, очила за сонце, накит, ракавици и шалови.

 

Процес на производство

Кога веќе ја имаме идејата за еден моден продукт, следено пристапуваме кон негова реализација. Овој масивен процес вклучува неколку клучни сегменти и професионални профили кои задолжително учествуваат во склопувањето на производот и неговото финално предавање на продажбата. Од суштинско значење е квалитетната и прецизна комуникација помеѓу секој од нив.

 

Набавувачи на репроматеријали

Изборот на соодветен материјал, селектирање на вистинските бои, дезени и нијанси, изборот на деталите, па дури и видот на патентот или дебелината на конецот, имаат сериозно влијание во финалниот изглед на модното парче. Луѓето одговорни за нив мора да ги донесат вистинските одлуки базирани на квалитетот, моменталните трендови, но и карактеристичниот печат на брендот.

 

Модни техничари

Можеби тие не се експертите во однос на визуелизацијата на модното парче, но секако имаат клучна одговороност за нивниот квалитет. Сериозноста на нивниот профил укажува на фактот дека продуктот не треба само фино да изгледа, туку да биде квалитетен и функционален.

 

Моделари

Ова е најзначајниот филтер преку кој модното парче преминува од скица во реална димензија. Моделарите се оние “магионичари” кои цртежите ги пренесуваат во новата нослива димензија.

 

Кројачи

Без квалитетен кројач, целиот процес на дизајнирање ја губи својата смисла. Спојката на секое парче и секој детаљ од моделот е костурот на кој се базира она што ќе биде изнесено пред јавноста.

 

Контролори

Откако имаме готов производ, следно треба да добиеме комплетна слика за неговиот квалитет, изглед, функционалност и компактибилност со идејата на дизајнерите. Контролорите го одборуваат производот пред истиот да биде пуштен на глобалниот пазар.

 

Маркетинг

Без соодветна презентација на производот пред јавноста, работата е завршена само половично. Квалитетниот маркетинг му е неопходен на секој бренд независност од звучноста на неговото име.

 

Маркетинг менаџер

Целиот рекламен концепт за промоција на еден бренд мора да биде соодветно контролиран. Одговорноста на маркетинг менаџерите е исто толку голема колку и на самите дизајнери. Нивната улога е соодветно да го поврзат продуктот со публиката и потенцијалните купувачи.

 

Специјалисти за уредување на излози и ентериери

Секој бренд има свој препознатлив корпоративен идентитет, а секоја сезона и колекција има специфична тема која соодветно треба да биде оживеана преку изложбените салони на брендовите. За таа цел се ангажираат овие специјалисти кои треба истовремено да го сублимираат креативниот капацитет, темата на конкретната колекција, препознатливоста на брендот и актуелните трендови.

 

Сопственици на бутици и изложбени салони

Тие го имаат директниот контакт со потенцијалните купувачи и токму поради тоа имаат големо влијание во донесувањето на нивните финални одлуки.

 

Објавено:
10 септември 2013
Категорија: 
Стории