Каролина Херера: Aмбасадор на софистицираната аристократска мода

6 јуни 2014

Постојано имаме можност да се восхитуваме на креациите што ги создаваат модните дизајнери, но не секогаш знаеме доволно за нивните животи. Затоа денес ќе ви раскажеме малку повеќе за неверојатната Каролина Херера и нејзиното творештво. Иако станува збор за жена која е моден магнат и нема никаква модна едукација, сепак нејзиното вродено чувство за аристократија и естетика и помогна да се најде меѓу највлијателните имиња во модната индустрија. Нејзините колекции се исклучително инспиративни, бидејќи пленат со исклучителна елеганција и апсолутна женственост.

Дизајнерката смета дека елеганцијата кај една жена не се изразува само преку облеката, туку и преку начинот на кој таа размислува, зборува и се однесува.

„Јас создавам модни приказни за софистицирани дами. Современата жена е активна во сите области од животот, патува многу, во истовремено се грижи и за своето семејство, а гради и кариера“, вели Херера.

Вистинското име на дизајнерката е Марија Каролина Џозефина Паканис Нињо. Таа е родена на осми јануари 1939 година во Каракас, Венецуела. Нејзиниот татко Гиљермо Паканис Асеведо, бил офицер во воздушните сили, а нејзината мајка Марија Кристина Нињо Пасиос, имала прилика да патува мошне често и да комуницира со влијателни личности, што впрочем бил и главниот стимул кој подоцна го разгорел жарот кај Каролина за таа да почне да се занимава со мода. Херера зад себе има два брака и четири ќерки. Во 1957 година таа се омажила за Гиљермо Бехренс Тељо, венецуелски земјопоседник, од чиј брак ги добила ќерките Мерцедес и Ана Луис.

Двајцата се разведуваат во 1964 година, а четири години подоцна, креаторката се мажи за Рејналдо Херера Гевара, продуцент и актуелен уредник на рубриката „специјални проекти“, во рамките на магазинот Vanity Fair. Од тој брак Херера ги добива другите две ќерки Каролина Адриана и Патриша Кристина.

Се чини дека Адриана најмногу ја наследила мотивацијата и чувството за мода, па во индустријата таа е позната како муза и соработник токму на нејзината мајка. Таа од Херера го наследува и силното чувство за препознавање на уникатен и префинет стил, затоа секогаш е на мета на медиумите кои не пропуштаат прилика да ја искоментираат нејзината појава.

дел од пролет-лето 2014 колекцијата дел од пролет-лето 2014 колекцијата

Откако добива лавина позитивни критики за својата прва модна колекција, во 1980-та година, Каролина Херера решава со своето семејство да се пресели од Каракас во Њујорк, за веќе наредната 1981 година да создаде свој бренд што ќе го носи нејзиното име.

Дел од пред-есенската колекција за 2014 година Дел од пред-есенската колекција за 2014 година

Дизајнерката поседува десетици продавници ширум светот, а со годините станува популарна и во кругот на високото општество, па така многу угледни дами почнуваат да ги носат нејзините дизајни, со што самата Херера е прогласена за прворангирана, најстилска жена во светот во периодот на 70-тите и 80-тите години.

Дел од колекцијата есен-зима 2014/2015 Дел од колекцијата есен-зима 2014/2015

Освен колекции на висока мода, дизајнерката лансира и линија на секојдневна облека во 1986 година, а нешто подоцна, во 1987 година и колекција за венчаници. Позната е и по дизајнирање на модни додатоци, со особен акцент на диоптриските и очилата за сонце што со години го задоволуваат вкусот дури и на најпребирливите дами. Парфемите се исто така заштитен знак што ја одбележува креативноста на Херера, а парфемот „212“ за мажи и за жени е апсолутен хит на пазарот и руши секакви рекорди се до ден денес.

Нејзините креации импресионираат со едноставна сензуалност, интересен спој на принтови и апликации, богати текстури на материјали, елегантни кроеви и гламурозност, а секоја една дама во светот копнее по нејзините неверојатни парчиња!

Објавено:
6 јуни 2014
Категорија: 
Стории