Ќе се врати ли квалитетот на модата од времето на нашите мајки?

13 септември 2013

Омилениот креатор на сите времиња Кристијан Диор ќе каже „Модата отсекогаш ги привлекувала жените. Затоа, би рекол дека модата настанала во исто време кога настанала и жената“.

Според ова, за многумина од нас модата почна да се создава уште во времето кога задолжително претуравме по плакарите на нашите мајки во обид да најдеме совршена комбинација за замислената вечера со нашите пријателки.

Она на што се сеќавам е плакар полн со елегантни костумчиња во сите бои и лелеави здолништа во кои обожував да се вовлекувам. Во нејзиниот плакар имаше и неколку исклучително квалитетни капути и наметки што таа обожуваше да ги носи за време на вечерите надвор.

Додека љубопитно ги набљудував како се подготвуваат да заминат тивко зборувајќи со баба ми пред вратата, не можев, а да не уживам во нивните луксузни комбинации за кои замислете, тие не трошеа огромни суми на пари како што е тоа случај денес.

Тие изгледаа како две совршени дами во нивните комбинации од исклучително квалитетен материјал на кој тешко може да се налета денеска.

Во разговор со моите пријателки, понекогаш знаеме да се потсетиме на старите фотографии од нашите мајки и баби и да посакаме да сме живееле во тоа време.

Посакуваме модата и денеска да е толку едноставна и квалитетна и единствено да можеме да ја комбинираме со насмевката на нашите лица.

Во обид да дојдам до квалитетни парчиња облека, се наоѓам во ситуација да соберам неколку десетици евтини парчиња облека чија вредност и квалитет се помали од она портокалово здолниште на мојата мајка што нималку не ја загуби бојата и по 25 години.

Различното во тоа време, покрај се останато, беше исклучителната елеганција и креативност. Се сеќавам како жените од моето семејство одеа на кројач за секоја пригода и секогаш се враќаа со нешто единствено. Токму поради тоа, тие целиот свој живот беа гламурозни и елегантни и секако, ниту еднаш не се поклопија со друга девојка на било која свеченост.

Она на кое им се восхитував беше и фактот што тие секогаш знаеја да одберат убави и квалитетни парчиња облека. Иако немаа плакар полн со десетици палта, сепак имаа две или три умешно избрани и соодветни за секоја пригода.

Мојата мајка никогаш не ја видов во тренерки како што тоа е случај денес со сите девојки. Според неа, тоа не беше дозволено за една дама. Елеганција пред се!

Денеска, и повеќе од можно е да видиме десетици девојки што се движат кон своите работни места во лежерни комбинации составени од нешто налик тренерки и машки патики. Се во име на модата и удобноста!

Модата во времето на нашите мајки и баби и оваа денешнава е скоро невозможно да се спореди, освен ако не говориме за некои стилови што низ отворена врата се враќаат и прифаќаат и во ова наше време на постоење.

Кога станува збор за вистинска мода и елеганција, посакувам барем еден миг да се најдам на прочуената улица Македонија кога младите девојки излегуваат на корзо каде ќе можам да ја видам сета елеганција и префинетост на едно место. Таквата дефиниција за мода денеска како да не постои, што мислите вие?

Објавено:
13 септември 2013
Категорија: 
Стории