Класиката се враќа на голема врата!

16 април 2014

Добро погледнете ја оваа фотографија! Дали некаде забележувате краток топ, пастелни бои, волуменозно палто, светкаво здолниште или пак куси широки панталони? Не!

Она што можете да го видите, а на што ние особено се израдувавме, се тесните капри панталони со висок струк, памучната блузичка на пруги, кусата рокерска јакничка и мачкастите очила за сонце – класици кои што неодоливата Миранда Кер ги враќа на голема врата.

Иако овие парчиња можеби не беа дел од ревиите на големите дизајнери ниту оваа сезона, некои од познатите девојки создаваат трендови на своја рака и ние сме апсолутно одушевени од враќањето на „Одри Хепберн“ модата.

И додека голем број од светските модни куќи и за следната сезона нудат многу волуменозни парчиња и повторно машка мода, дизајнерите како Фиби Фило, Николас Гескиер и Хеди Слиман се чини почнуваат да ги прифаќаат потребите на своите потрошувачи и да создаваат нешто потесни парчиња за вистински жени.

Некои од матичните куќи на споменатите дизајнери се чини ја предвидоа токму таа потреба на нивните потрошувачи – потреба за класични, елегантни парчиња кои што на вистински сексапилен и женствен начин ја истакнуваат женската фигура.

Тие потреби на потрошувачите дефинитивно ги потврдуваат и челните луѓе на некои од најпознатите онлајн продавници каде може да се најдат парчиња од голем број брендови, а за огромната онлајн побарувачка на Гучи ретро чевлите говори и првата дама на Matchfashion.com, Натали Кингам.

„Веќе неколку пати ни се случи да мораме повторно и повторно да нарачуваме од ретро чевлите на Гучи за кои има неверојатна побарувачка. Тие непрестајно се трошат откако Гучи повторно ги актуелизираше минатата година. Она што дефинитивно го забележуваме е дека побарувачката се зголемува и за други класици, за што веќе почнавме да составуваме и листи на чекање, како на пример рокерската мото јакна на Баленсијага, добро познатиот женски костим на Сен Лоран, сите чевли на Ферагамо и секако – Марк Крос чантичката на Грејс Кели“, вели Натали.

Како што и таа самата посочува, челните луѓе на модните куќи и самите се свесни колку е важно да се препознаат потребите на нивните потрошувачи, за секако, да знаат во кој правец да се движат. Она што во овој момент е и повеќе од очигледно, е потребата на купувачите за класични парчиња, парчиња со кои ќе се вратат назад во времето, кога облеката, а особено женските елегантни парчиња навистина биле одраз на вистинската сексапилност на жената.

Нешто што Натали и луѓето од нејзината бранша дополнително го посочуваат е фактот што луѓето денеска сѐ повеќе патуваат, па сакаат да патуваат во нешто удобно и супер класично, нешто во кое ќе можат да направат сѐ, а истовремено да бидат елегантни и дотерани. Токму класичните парчиња на таквите патувања се ултра корисни, бидејќи патувате низ различни земји, низ различни временски сезони и климатски промени, па доколку со себе ги понесете класичните црни капри панталони, оксвордките и Бурбери капутчето, никогаш нема да погрешите.

Денеска, постои цела една генерација млади луѓе кои се нетрпеливи да ги откријат овие класици за прв пат. Признајте, колку често ви се случува кога останувате без инспирација да отворите на Интернет и да погледнете некои ретро фотографии од комбинациите што ги правела Грејс Кели или пак Одри Хепберн?

Тие секогаш имаат што да кажат! Инспирација во нив барале и нашите мајки, тетки, братучетки, а сега и ние! Што ни кажува тоа? Дека купувачите конечно почнаа да размислуваат на вистинскиот начин и сѐ помалку да се грижат за трендовите во замена за вистинското класично парче кое што никогаш нема да „умре“.

Бидејќи како што и модната икона Коко Шанел ќе каже: Девојката единствено треба да биде две нешта: classy and fabulous!

Објавено:
16 април 2014
Категорија: 
Стории