Кога ќе пораснам сакам да бидам... влогер

30 јули 2019

...Вака би изгледал одговорот на децата од новата генерација, а истражувањето на компанијата Лего спроведено неодамна го потврди тоа.

Според податоците до кои се дошло во истражувањето, три пати повеќе деца влогерството го сметаат за професија од соништата отколку работата како астронаут, што некогаш беше избор број еден на најмалите.

Инаку, истражувањето е спроведено во САД, Обединетото Кралство и Кина, во кое учествувале 3.000 деца на возраст од 8 до 12 години и 326 родители.

Конкретно, резултатите изгледаат вака:

Третина од децата изразиле желба да бидат Јутјубери, односно влогери, додека само 11 проценти се изјасниле за астронаут. Но, од друга страна, интересно е дека резултатот зависи и од која земја доаѓате.

Како што се гледа и од приказот погоре, повеќе од половина Кинези сакаат да станат астронаути и оваа професија е најатрактивна во тој дел од светот. Професор, музичар и професионален спортист се исто така посакувани професии, а влогерството е на последното место. Од друга страна, во САД и Обединетото кралство, ситуацијата е речиси спротивна. Децата сакаат да станат влогери, позициите на професор, професионален спротист и музичар се речиси исти, а на последното место е професијата астронаут.

Ваквиот резултат укажува и тоа дека во различни делови од светот, децата различно се воспитуваат и имаат различни влијанија. Но и не само тоа.

Три од четири деца изјавиле дека веруваат дека луѓето во иднина ќе живеат на некоја друга планета - 96% од Кинезите веруваат во тоа, 63% во Обединетото Кралство и 68% во САД.

На прашањето пак, дали би сакале еден ден да се качат во вселената - 95% од Кинезите одговориле да, во Обединетото Кралство 63%, односно 70% во САД.

За споредба, исто вакво истражување било спроведено и пред две години од „Fatherly“ Во истражувањето учествувале 1.000 деца од САД, а поголемиот дел од нив се изјасниле за доктор. Потоа следат професиите - ветеринар, инженер, полицаец и учител. Влогер или јутјубер не е ни во првите десет.

Но, од друга страна, неодамна се појави информација дека шестгодишна блогерка од Јужна Кореја, Борам, купила зграда во елитен кварт во Гангнам за осум милиони долари. Недвижнините всушност се во сопственост на нејзините родители, а се купени со парите заработени од јутјуб каналот на нивната ќерка, која ја следат преку 30 милиони луѓе. На каналот споделува содржини поврзани со деца - рецензии на играчки, храна, па сè до како да се справите со настинки и слично.

 Кај нас пак, неодамна се појави информација за најпребарувани поими на Јутјуб за 2019 година во Македонија, а второто место му припадна на влогерот Џи-Пи (GP), односно 19-годишниот Марко, кој има преку 170.000 следбеници, а видеата му се прегледани преку 86 милиони пати,  и е исклучително популарен меѓу младата популација кај нас и од што исто така заработува. Заедно со Стефанатор напишаа и книга која беше распродадена за рекордно време. 

фото извор: youtube.com

 Видеото е преземено од сајтот а1on.mk.

 Не е изненадување што трендовите се менуваат. Уште од најмала возраст на децата им се достапни паметни телефони, лаптопи, таблет уреди, уште од рана возраст имаат профили по социјални мрежи, па тоа што влогерството е професија број еден меѓу новите генерации воопшто не е изненадување. Исто така, со оглед на влијанието од западните земји, се добива впечаток дека со една камера и малку креативност можете да заработите многу пари, па зошто тогаш би се мачеле да учите за доктор или инженер. 

Но, исто така, тој тренд може да биде минлив, за разлика од другите споменати професии кои се на друг ранг или барем до сега биле. 

И додека од една страна се соочуваме со коментари дека ваквиот тренд е лош и децата премногу се експонираат, се поставува прашањето, може ли воопшто да се избегне или контролира и треба ли да се оди против времето во кое се живее? 

Што мислите вие?

 

Објавено:
30 јули 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
308 пати