Кој ги наметнува и одредува модните трендови?

16 септември 2013

Во последните години, модната индустрија работи со полна пареа. Речиси на секои три месеци се наметнуваат нови трендови и стилови, постојано се снимаат кампањи и се следат модните недели ширум светот, а тоа најчесто резултира со хоспитализација на голем број дизајнери поради користење на различни хемии или едноставно поради преголема истоштеност и стрес.

Од ден на ден се појавуваат нови имиња кои по секоја цена сакаат да се наметнат како култен бренд, па конкуренцијата секојдневно станува многубројна. Сепак моќниците како што се LVMH и Gucci Group и натаму ја држат водечката позиција.  Комерцијализацијата доведе до поделено мислење и кај потрошувачите: во првата група се оние кои внимателно одбираат на што ќе ги потрошат своите пари, а тие се оние купувачи кои сакаат да поседуваат современо парче со потпис од Александар Ванг на пример, а од друга страна се оние кои се' уште го почитуваат винтиџ стилот, па купуваат на пример јакна од Баленсијага која знаат дека и по 20 години се' уште ќе го држи култниот статус.

Сепак, не може да се негира дека потребно е да спроведе филтрација со цел квалитетот да дојде до израз. Меѓутоа, тоа што сите нас не интересира е кој всушност ги одредува модните трендови? Логичен одговор би бил дизајнерите, но сепак тоа е голема грешка.  Со цел да се одржи реномето и стекнатото име, светските дизајнери всушност на модните недели презентираат шоуа за паметење и модни парчиња и додатоци кои најчесто никогаш не се продаваат. Сите се свесни дека трендовите всушност ги одредуваат купувачите, па токму поради тоа секогаш во бутиците се дистрибуира облека која е наменета за широка потрошувачка. На пример, доколку на модните писти манекенките носеле чевли со висока потпетица од 15 см, во бутиците се продаваат чевли со потпетица од 7 сантиметри. На крајот, секогаш во фокусот се токму потрошувачите и се продава облека која секој би посакал да ја носи.

Сите оние кои ја знаат моќта на медиумите се свесни за начинот на кој најдобро може да ја искористат во своја полза. Би се излажале доколку го занемариме влијанието на светски познатите модни уредници, модни икони или пак модните блогери кои полека, но сигурно го зацврстуваат својот статус во модниот свет. Токму нивните критики или стајлинзи и добро спроведениот PR е клуч за успех и преживување на уште една сезона. Тоа што ќе го продадат модните куќи ќе го одреди и успехот на колекцијата, а францускиот Collet и италијанскиот 10 Corso Como одлучуваат кои парчиња со потпис од Живенши, Проенза Скулер и Гучи ќе го најдат своето место на рафтовите за продажба, па на овој начин се создава некој тренд.

Луѓето задолжени за продажба, уредниците и купувачите се секогаш на првите редови на модните ревии. Информациите зе модните парчиња се пренесуваат во модните брендови каде PR –те заедно со луѓето задолжени за продажба и челните лица одлучуваат кои парчиња ќе бидат пуштени во продажба. Кога се работи за моден бренд од висок калибар, бројката на луѓе за продажба и маркетинг секојдневно се менува и расте во зависност од потребите на пазарот.

Кога кажавме дека купувачите се тие што ги одредуваат модните трендови не мислевме за „обичните смртници“.  Доколку не сте знаеле, најголемиот број купувачи доаѓаат до Кина, Русија и Дубаи, а тие преферираат тренд од кој Европејките се откажале уште од пред многу години. Модните брендови Луј Витон и Прада на време сфатија дека тоа е пазарот каде што треба да се наметнат, па токму затоа и големите логоа кај нив поминуваат успешно бидејќи станува збор за купувачи кои не се можеби големи познавачи на модата, но сакаат да носат етикетирани парчиња.

Целата магија се случува откако ќе завршат модните ревии и ќе се изгасат рефлекторите. Токму во помалку познатите Showrooms започнува вистинската продажба.  Секој моден бренд има свој знак на препознатливост, на пример ексцентричноста или гламурот, а при создавањето на колекција без разлика која и да е темата, секогаш се останува доследен токму на знакот на препознатливост и уредувачката политика. Тоа што се презентира зад затворените врати е 30% од колекцијата изработена посебно за истенчени вкусови и луѓе со длабок џеб што со сигурност ќе ги поседуваат тие модели. Останатите 70% се всушност комерцијалниот дел од колекцијата наменет за широка потрошувачка. Овие купувачи нема да ги видите на црвените килими, ниту пак ќе се обидат да бидат видени во првите редови на модните шоуа, но сепак тие се двигателите поради кои брендовите егзистираат.

Кога станува збор за модните додатоци, ситуацијата е обратна. Се случува и самите купувачи со свои сугестии да придонесат за некое парче да биде хит сезоната. Жените обожуваат да носат култни чанти или чевли. Токму затоа се случува модните додатоци да бидат одредени дури шест месеци претходно бидејќи се бара голема концентрација при правење на вистинскиот избор.

На крајот треба да се знае дека токму оние поединци кои на себе носат совршено скроени одела и уникатни чевли се всушност владетелите во модната индустрија. Овие поединци не се дел од толпата која по секоја цена сака да биде видена на модните ревии, ниту пак се дел од реномираните друшта на познатите актери и пејачи кои се заштитни лица на кампањите на модните брендови. Но сепак, ова се однесува на пазарите и земјите кои се далеку од нас, не само по километрите, туку и по развојот на модата и културата на живеење, која таа сама по себе ја наметнува.

Објавено:
16 септември 2013
Категорија: 
Стории