Колку скапо се плаќа детството во модната индустрија?

11 април 2015

Деветгодишната Русинка Кристина Пименова е еден од најпознатите детски модели во светот на глобалната модна индустрија. Вонсериски убавото девојче со ангелско лице уште од својата најрана возраст е ангажирано за кампањи за детските колекции на светски престижни модни брендови како Роберто Кавали, Армани, Бенетон, Долче и Габана и други.

Јасно е дека веќе сите во неа препознаваат топ модел и во светот на возрасните кој со нетрпение ја очекува за неколку години. Но, што до тогаш?

Медиумите буквално го голтаат секој нејзин чекор, а  на социјалните мрежи има милиони следбеници.

Покрај позитивните страни на популарноста, малата Кристина уште од сега се соочува со голем број искушенија. Секако дека за нејзината кариера, но пред се за нејзиниот приватен живот одговараат нејзините родители, но тоа не значи дека општеството, институциите и нејзините соработници се помалку одговорни.

Нејзината мајка веќе се соочува со критиките на јавноста. Неретко, фотографиите од малолетната Кристина кои се објавуваат на социјалните мрежи се коментирани недолично, па дури и во сексуална конотација. Мајката на девојчето е официјално лице кое ги води нејзините профили на социјалните мрежи, па токму затоа таа е повикана да одговори на критиките. Нејзиното објаснување е дека секогаш кога недолично се коментира, таа ги брише таквите коментари, но сепак доволно ли прави да го заштити своето дете од немилосрдната публика? Секако дека најголем дел од нејзината публика се фановите, но има и такви кои тоа го злоупотребуваат.

Успехот, особено во модната индустрија скапо чини. Кога детството се продава за сметка на успешната кариера,  се оставаат отворени многу прашања на кои треба да одговорат сите засегнати во случајот. Секако, детството поминато во модниот свет ужива и многу привилегии, луксуз, посебен третман, но другото лице на приказната е сурово.

 

Објавено:
11 април 2015
Категорија: 
Стории