Доколку сте девојка која е вљубена во колоритните парчиња, тогаш е време да слушнете за брендот Мочи со седиште во Дубаи.

Младата и талентирана дизајнерка Аја Табари со потекло од Пакистан, почна да го освојува светот некаде во 2012 – тата година со нејзините шарени и уникатни парчиња, меѓу кои и фустани, здолништа, куси маички и неодоливи чантички.

Зад нејзиниот бренд се крие една поинаква и интересна приказна. За речиси секоја нова колекција, таа патува низ различни делови од светот каде се инспирира од тамошната култура и создава супер парчиња.

Оваа девојка се фокусира на различните култури од светот и ги пренесува во нејзините колоритни дизајни, кои ги изработува рачно со помош на локални занаетчии од местото каде се инспирира.

Името на брендот доаѓа од називот на првите чевлари од нејзината родна земја кои со текот на годините, станале неверојатни ескперти во шиењето и везењето.

Како што самата Аја ќе каже, нејзиниот бренд бил основан со цел да ги промовира локалните занаетчии од различни страни на светот и она што тие го работат.

На тој начин, тие добиваат пари за нивната работа, дел се од различни проекти и имаат можност да се запознаат со бројни професионалци.

Нејзините креации денеска ги носат девојки како Кара Делевињ, Леандра Медин, Кортни Кардашијан, Попи Делевињ и Рита Ора, а зад себе има бројни обожаватели и огромен број следбеници на социјалните мрежи.

По завршувањето на студиите по дизајн во Лондон, оваа креативна девојка се сели во Дубаи каде денеска можете да најдете најголем дел од нејзините креации.

Како што и самата ќе каже, инспирација наоѓа и од секојдневниот живот, модните писти, храната, авантурите, но тврди и дека ќе продолжи да трага по нови идеи што ќе ги претвори во супер дизајни какви што само таа знае да создаде.

Објавено:
27 август 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.960 пати