Криси Тиген објави емотивно писмо за губитокот на детето и фотографиите за кои доби многу критики

29 октомври 2020

Откако со светот го сподели еден од најмрачните и интимните моменти во својот живот, Криси Тиген предизвика разни реакции.

Како последица на компликации во бременоста, таа го загуби бебето во петиот месец од бременоста и јавно проговори за тагата.

Сега пак, напиша интимно писмо, со кое се обраќа до јавноста, зборува зошто одлучила да ги сподели фотографиите, како и дека ова писмо за неа претставува симболично затворање на тоа поглавје од животот, иако доживотно ќе живее со болката.

Писмото ви го пренесуваме во продолжение:

„Немав идеја кога ќе бидам подготвена да го напишам ова. Дел од мене мислеше дека ќе биде порано, кога се' уште ја чувствував болката од она што се случи. Мислев дека ќе седам во ќошот во мојата спална соба, со пригушени светла, и со мислите во мојата глава. Со чаша црвено вино, удобно сместена во топло ќебенце и конечно со можност да се обратам за “она што се случи“.

Наместо тоа, пишувам од каучот на приземје, завиткана во ќебе, од утрото опкружена со пријатели и пржено пилешко. Ги читам безбројните белешки од мојот телефон - мисли кои ми надоаѓале последните неколку недели. Не знаев како ќе го започнам текстов, без разлика на собата или состојбата во која сум, но ми изгледа правилно да започнам со - благодарам. Со недели, нашиот под беше покриен со цвеќиња на добрината. Не' преплавија писмата и сите до едно ги прочитав со очи полни солзи. Пораките на социјалните медиуми од непознати луѓе ми ги продолжуваа деновите, повеќето започнуваа со „веројатно нема да го прочиташ ова, но...“.Ве уверувам, ги прочитав.

Но, да ви кажам, некои од најдобрите писма почнуваа со: „Не мораш да одговориш на ова, но...“. Откако го изгубивме Џек, бев загрижена дека нема да сум во можност да им се заблагодарам на сите за нивната неверојатна љубезност. Многумина ги споделија своите неверојатни лични искуства, некои праќаа книги и поеми. Сакав да се заблагодарам на сите, да ја споделам нашата приказна со секој поединечно. Но, знаев дека не сум во состојба да го направам тоа. За мене тоа „немаш потреба да одговараш“, беше вистинско олеснување. Се заблагодарувам.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by chrissy teigen (@chrissyteigen) onOct 16, 2020 at 1:53pm PDT

Еден од моментите што се издвојуваат тоа утро (или вечер? Немам поим) беше како одам покрај салите за породувања и Џон ми вели: „Се случува ли некоја забава тука??“ Еве не', тукушто се спуштивме на друг кат, ме покрија со тенко ќебенце за да се кријам, со мисла дека ќе го донесам на свет она што требаше да биде петиот член на нашето прекрасно семејство, син, со кој се збогувавме неколку моменти подоцна. Луѓето славеа и се смееја од другата страна на нашата врата, разбирливо го славеа раѓањето на новиот живот.

Во тој момент веќе се помирив со она што ќе се случи: Ќе имам епидурална анестезија и со провокации ќе го донесам на свет нашето 20 неделно момче, кое немаше да преживее во мојот стомак (простете ми на едноставните изрази). Претходно, повеќе од месец дена строго мирував во кревет, обидувајќи се да го доносам нашето чедо 28 недели, да создадам „безбедна“ зона за фетусот. Докторите ми дијагностицираа делумна плацентарна абрупција. Отсекогаш имав проблем со плацентата. Со Мајлс морав да се породам месец дена порано, бидејќи не добиваше доволно храна од мојата плацента. Но, ова беше мојата прва абрупција. Следевме многу внимателно, надевајќи се дека работите ќе се поправат и ќе престанат. Но, крварев во кревет и крварев, не обилно, но цел ден, си менував пелени на секои неколку часа, кога стануваше непријатно да лежам со крв. Станав експерт за пелени за возразни за моја лична забава, вистински почитувајќи ги брендовите кои направиле производи кои нема да ме направат да се чувствувам како бебе. Некои беа во нежни бои, некои со цветчиња. Дојдов до момент кога довикував: „Донеси ми ги розовите“ - нешто за што никогаш не мислев дека ќе бидам возбудена. Но, ете до таму бевме.

Можев тие денови да ги поминам и во болница, но немаше да има многу разлика. Секако имав доктори кои доаѓаа дома, тивко ги „превртуваа“ нивните негативни зборови во позитивни, мислејќи дека се' уште постои шанса се' да биде во ред. 

На крајот, имав многу лоша ноќ во кревет, после не толку добар ултразвук, крварев малку повеќе дури и од моето абнормално количество. Крварењето стануваше се' пообилно и во еден момент Џек веќе немаше ни доволно плодна вода, ниту во што да „плови“. Не ве лажам кога ви велам дека дури ги почувствував неговите раце и нозе припиени за мојот стомак од внатрешната страна. Ситуацијата излезе од контрола. Сите негативни зборови на докторите секогаш се трудев во себе да ги протолкувам што е можно попозитивно и не сакав да гледам црно на работите. Меѓутоа, дојде до она за што не ни сакав да размислувам. После неколку ноќи во болница, докторот ми го кажа она што знаев дека доаѓа - беше време да се збогуваме. Тој едноставно немаше да го преживее ова, а ако продолжеше оваа ситуација уште малку, ниту пак јас. Се обидовме со ќеси и ќеси крвни трансфузии. Доцна вечерта, ми рекоа дека утрото ќе треба да го пуштам да оди. Првин плачев малку, а потоа прснав во плач, што губев здив кој не можеше да ја следи мојата длабока тага. Дури и сега кога го пишувам ова, одново ја чувствувам болката. На лицето ми ставија кислородна маска и тоа беше првата фотографија која ја видовте. Потполна тага.

Ги замолив мама и Џон да направат фотографии, без оглед на тоа колку беше непријатно. Му објаснив на Џон, кој беше неодлучен, дека тие фотографии ми се потребни и дека никогаш НЕ посакував тоа да го барам од него. Му кажав дека тоа едноставно мора да го направи. Го мразеше тој момент. Ми беше јасно. Во тој момент, немаше смисла. Но, знаев дека ми треба засекогаш да го паметам тој момент, поеднакво како што ми е потребно закогаш да паметам кога се бакнуваме на преминот, на истиот начин на кој ми е потребно да се сеќавам на нашите солзи радосници кога се родија Луна и Мајлс. И знаев дека ми е потребно да ја споделам оваа приказна.

Не можам да ви кажам колку малку ми е грижа што не ви се допаднаа, што ги мразевте фотографиите. Колку малку ми е грижа што вие тоа не би го направиле. Јас го преживеав тоа и донесов таква одлука и над се', овие фотографии не се за никој освен луѓето кои го искусиле ова или се доволно љубопитни да се запрашаат какво е тоа искуство. Овие фотографии се само за луѓе на кои им се потребни. Мислењата на другите не ме интересираат.

После не знам колку часови, бев во состојба да се опуштам и одлучив дека сакам да почекам додека навистина не почувствувам дека е готово. 

Подоцна таа вечер, отидов во бањата, се заклучив (ова го правев со месеци) и уште еднаш се скршив. Количеството крв ми го покажа она што го чекав. Беше време.

Не сум сигурна дали некогаш ќе го заборавам ова искуство. Секогаш се шегував колку ја сакам епидуралната... но оваа не баш. Лежев со часови таму, чекајќи да ми кажат дека е време да буткам. Тој беше многу мал. Лежев на страна, менувајќи ги страните кога ќе ми речеа. Се сеќавам, лежев на десната страна, гледав во Џон, кога ми рекоа да се свртам. Ги раширив нозете и го свртев лицето накај Џон и тој беше веќе надвор. Докторите викаа и... не знам што да кажам, дури и сега. Мајка ми, Џон и јас го држевме и на свој начин се збогувавме со него, мама кажуваше тајландска молитва. Ги замолив сестрите да ми ги покажат неговите раце и нозе, ги бакнував одново и одново. Немам поим кога престанав. Можеби беа десет минути, можеби еден час.

Не знам колку долго чекал за да биде предаден. Тоа е нешто што секогаш ќе ме прогонува. И додека го пишувам ова, ми трепери носот и очите ми се со солзи. Се' што знам е дека неговата пепел е во мала куптија, чека да биде ставена во почвата под дрвото во нашиот нов дом, оној што го купивме, мислејќи и на неговата соба.

Велат дека ова искуство создава дупка во срцето. Дупката секако постои, но исполнета е со љубов кон нешто што многу го сакав. Чувството не е празнина, овој простор. Чувството е полно.

Дури и премногу. Се фаќам како плачам од никаде, размислувајќи како сум среќна што имам две прекрасни мали деца, кои оваа куќа ја исполнуваат со љубов. Ги гушам со љубов додека тие викаат: „Мамооооо!“. Не ми е грижа. Плачам и кога ќе се налутам на себе затоа што сум премногу среќна. Понекогаш читам работи кои ме смеат или ќе видам објава на Инстаграм која заслужува лајк (да, ме немаше, но сеедно ѕиркав!). И постојано заборавам дека веќе не сум бремена. Ја држам раката на стомак кога одам наоколу. Секој пат ме фаќа паника кога децата ќе ми скокнат на непосточекото испупчување. Јаснотијата која ваквите мигови ја носат, секогаш ме растажува.

Жал ми е што нашата тага беше така јавна, затоа што и среќата ја направив да биде јавна. Бев среќна кога ја поделив веста со светот. Сега ми е тешко да гледам во објавите за тоа. Бев толку сигурна дека се' ќе биде во ред. Жал ми е што ве растажив сите. И секогаш ќе ми биде.

Го напишав ова затоа што знаев дека ми е потребно да кажам нешто пред да успеам да го преболам ова и да се вратам во живот, па ви благодарам од срце што тоа ми го овозможивте. Џек секогаш ќе биде сакан, секогаш ќе им објаснуваме на децата како тој живее во ветерот, дрвјата, пеперутките кои ги гледаат. Неизмерно благодарам на секоја личност поединечно која мислеше на нас или која одеше и подалеку - да ни ја прати својата љубов и својата приказна. Имаме неверојатна среќа.

Со многу многу љубов,

Криси“

Објавено:
29 октомври 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
710 пати
Тагови: 
Криси Тиген