Милена Косиќ: Талентот те издвојува од останатите, но напорната работа те држи на врвот

13 ноември 2020

Низ нашите Приказни од градот ве запознаваме со личности за кои сметаме дека се вредни за внимание од различен аспект, благодарение на нивниот талент, одреден подвиг, животен успех инспиративен за другите или пак едноставно затоа што имаат што да кажат, а тоа да биде позитивен пример и за останатите.

Денеска ви ја раскажувааме приказната на талентираната мејкап артистка Милена Косиќ, која благодарение на тоа што вредно работи на усовршување на својот талент, стана препознатлива и како лик и како артист што успева тоа што се случува во светот да го пренесе кај нас, во рамките на нејзината бранша.

Со Милена не само што отворивме теми кои директно се поврзани со мејкап културата, туку позборувавме и за тоа колку во светот на социјални медиуми и филтрирана реалност, е проблем да се негува личниот идентитет кога наметнатите трендови агресивно напаѓаат и претопуваат во својата униформираност, а со оглед на тоа дека ноември е месец на машкото здравје, од муабетот не ја исклучивме и оваа значајна тема.

Уживајте во разговорот со @kosichmakeup како што уживавме и ние.

Милена кој е најголемиот предизвик што го препознаваш во професијата како мејкап артист? Колку сметаш дека оваа сфера ти дозволува професионален развој?

- Предизвик е одржувањето на инспирацијата со секој нов клиент, со секое креирање на makeup изглед. Уште поголем предизвик ми е пренесувањето на знаењето на моите курсисти. Оваа професија не само што дозволува професионален развој, се развиваш и како личност, во смисла на подобра организиција на време, комуникативни вештини, учење од искуствата на другите и прифесионализам.

Талент или работа? Што е пресудно за да се оствари успех?

-Талентот те издвојува побрзо од толпата, но напорната работа те држи на врвот. Пресудна е желбата за учење и константно надоградување, побивање на стравот од неуспех и трпение.

Како кај тебе се случи приказната во која ти се пронајде како мејкап артист? Каков едукативен развој требаше да поминеш за денес твоето име веќе да е препознатливо без потребата да се објаснува кој стои зад него?

- Долг пат, навистина. Не ги слушав моите инстинкти при запишување на студии и за време на студирањето сфатив дека ми треба креативен издувен вентил. Ја разгледував опцијата за запишување на втор факултет односно ликовна уметност, но беше комплетно невозможно. Сосема спонтано се запишав на обука за шминка и од тогаш сфатив дека спонтаното е она реалното. Кога веќе знаев дека сакам максимално да се фокусирам на шминкањето започнав со првите големи чекори во едукацијата. Завршив обука за напредни техники во Букурешт кај една од светски реномираните артисти Марија Лихачева и набрзо после тоа и мастер кај нејзе. Потоа во Белград на мастер клас кај Венеса Давис и бројни семинари и работилници во Македонија.

Колку социјалните мрежи ти помогнаа во тоа?

-Голем удел имаа социјалните мрежи, а уште поголем кога научив како правилно да ги користам бидејќи е цела наука. Преку социјалните мрежи освен луѓето што можат да ја следат будно мојата работа можат да ме запознаат и мене како личност, а исто и јас нив.

Од друга страна, социјалните мрежи ни го сервираат и феноменот перфекција со која особено се опседнуваат младите девојки, а тоа со себе носи и сериозни психолошки последици и нарушувања во таа бесконечна потрага по совршен изглед. Кој е твојот став на оваа тема и што како професионалец би им препорачала на младите луѓе во контекст на заштита на менталното здравје наспроти нереалната слика што ја креираат филтрите за убавина?

- Веројатно е тешко да си тинејџер во време на апликации за инстантно менување на личен опис. Потсетување - ништо од тоа не е вистинито. Најпрво да работат на самодовербата бидејќи сите се прекрасни и никогаш да не се споредуваат со некого посебно не со некој што го знаат само во виртуелниот свет. Единствено споредување треба да биде ние вчера и ние денес. Исто така, почесто користење на камерата од телефон наместо филтрите на Инстаграм или Снапчат.

Како надоврзување на претходното прашање, дали го делиш мојот впечаток, дека генерално гледано на глобално ниво, девојките се повеќе наликуваат едни на други, a со тоа се губи индивидуалноста и специфична убавина?

- Можеби. Но, верувам дека полека доаѓа ера каде што се вреднуваат несовршеностите. Дивергентноста треба да биде ин!

Дали навистина е најтешко со шминка да се постигне природен изглед?

- Навистина е така. Од причина што се треба до детаљ да биде чисто, уредно, минимално дури и неприметно, а линијата од нежно до веќе премногу за некого е тенка.

Имаш ли свои омилени техники на шминкање?

- Може да се примети и во моите постови дека посебно ги обожавам "smokey" и "halo" техниките. Секогаш се предизвикувачки. Исто руските техники како и бразилските.

Како изгледа твојата основна дневна рутина за нега на лицето и кожата? Како да изгледаме свежо и покрај динамиката на современото живеење?

- Бидејќи имам сува кожа, денот го започнувам со дневен пилинг, хијалуронска к-на нанесувам дури 7 пати дневно, крема за хидратација и секако никаде без СПФ крема. Што се однесува за шминка, коректор, маскара, ги средувам веѓите, бронзер, хајлајтер и мат кармин. Доволно за да изгледам наспиено и одморено.

Дневна наспроти вечерна шминка, да појасниме која е разликата?

- Разликата би била во интензитетот на нанесените продукти. Пример повеќе хајлајтер, можеби потемна пудра, подраматична сенка, трепчиња плус... Но, сепак шминката е експресија на личноста и кој како си се чувствува удобно во своја кожа - така треба да се носи, бидејќи во шминката не треба да има предрасуди.

Неодамна на твојот инстаграм профил, објави комерцијален видео туторијал со шминка инспирирана од „Ноќ на вештерките". Колку сценската и филмската шминка ти се предизвик?

- Да, во соработка со Вива Сокови. Голем предизвик бидејќи е сосема различно од тоа секојдневно како се гледам и меѓу другото имам целосна слобода во креирање на сосема различна физиономија на лицето и телото. Посакувам денот да имаше повеќе часови за да можам малку повеќе да се посветам на таа сфера.

Имаш и своја линија трепки. Дали можеби планираш бизнисот да го развиваш и во насока на сопствена козметичка линија?

- Линијата со трепките е можеби една од похрабрите работи за кои што сум се одлучила и сметам дека е добар старт за понатамошно развивање.

Пред краток период започнавме мал проект со моја драга пријателка со која имаме големи планови во насока на козметичка линија. Привично започнавме со пигменти и набргу се надеваме дека ќе дојде погодниот момент за лансирање на повеќе производи во декоративната козметика.

Бидејќи ноември е и месец посветен на свесноста за машкото здравје, колку мажите од твоето блиско опкружување посветуваат внимание на своето здравје? Што би им порачала јавно?

- Зависи од индивидуата. Имам пријатели кои беспрекорно се грижат за своето ментално и физичко здравје. Но, имам и пријатели кои не го прават тоа. Би им порачала да си го слушаат телото и при промена да реагираат брзо, да прочитат зошто Ноември е месец на свесноста на машкото здравје и мало потсетување дека водењето на грижа за машкото здравје е многу поважно од секојдневните обврски и навики.

 

Објавено:
13 ноември 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.647 пати