Мода и вештачка интелигенција: Иднината на модната индустрија е во дигитализацијата

11 јуни 2021

Пандемијата стави голем број индустрии во сериозна криза. Поштедена не беше ниту модната индустрија. Физичките продавници се затворија, но затоа онлајн продавниците беа поактивни од било кога. Па, дури и тие што претходно беа скептици за ваквиот начин на функцонирање и купување, сега немаа друга опција освен да ги прифатат промените.

Оние пак, што веќе ги знаеја придобивките, уште еднаш се уверија во заштедата на време која ја добиваат при онлајн купувањето.

Воедно, и пред пандемијата, голем број индустрии посегнаа по автоматизацијата (делумна или целосна), па во тие рамки некои се послужија и со придобивките на вештачката интелигенција, со цел да го забрзаат работењето, а да ја зголемат прецизноста и ефикасноста.

Сепак, во модната индустрија има само неколку такви обиди, кои за сега се покажуваат како успешни и ја покажуваат добрата страна на спојот на модата и технологијата. Меѓу луѓето кои се пионери во овој сегмент од работењето е и Светлана Кордумова - Трајанова. Идејата за вклучувањето на вештачката интелигенција во модата оваа Македонка ја добива во Холандија каде докторира, по што се мотивира да отвори и своја компанија „Pixyle“ со тим составен од Македонци и Холанѓани - тим од девелопери, експерти за data sourcing, потоа маркетинг, како и бизнис развој... 

Со неа разговаравме за тоа како вештачката интелигенција ѝ помага на модната индустрија, како би се развивала модната индустрија во иднина, како и за развитокот на онлајн продавниците.

Целиот разговор во продолжение:

Мода и вештачка интелигенција, софтвер кој го олеснува онлајн купувањето, можете ли практично и едноставно да ни објасните како функционира?

-Развиваме софтвер на вештачка интелигенција за мода. Поспецифично, процесирање на слики. Што значи тоа? Ако гледаме слика на која има фустан или чевли, нашиот софтвер со вештачка интелигенција ќе ја процесира таа фотографија и ќе детектира дека на таа фотографија има фустан и точно каде се наоѓа тој фустан во сликата. Воедно, ќе успее да ги детектира карактеристиките на тој фустан, неговите атрибути – дали е долг, дали е црвен, со цветен дезен, со долги или кратки ракави, кој фит е – дали е oversized или regular size, дали е со round neck, V neck итн... Нашиот софтвер може да детектира преку 308 атрибути за 57 категории на модни парчиња. Оваа модна таксономија, која што ја имаме изградено последните три години, успева да ги детектира овие атрибути кои се важни за една онлајн  продавница да функционира успешно и да има добро организирани каталози со продукти.

Вметнувањето на филтрите на една онлајн продавница најчесто се прави рачно. Ние таа рачна работа ја правиме да биде многу поефикасна, односно, ја намалуваме работата на некој начин, така што тие податоци се внесуваат автоматски. Онлајн продавниците ни ги испраќаат на нас фотографиите што треба да се внесат, ние ги процесираме. Нашиот систем има АПИ, што директно може да се поврзе со нивните онлајн продавници, со нивниот веќе постоечки систем, така што можеме директно да ги преземеме сликите оттаму, да го процесираме и да ги вратиме податоците директно кај нив, во нивниот каталог. 

Тие податоци, како што ви кажав, се користат за менаџирање на каталогот и за групирање на продуктите на онлајн продавниците, за да можат после нивните потрошувачи лесно да пребаруваат тоа што им треба. 

Светлана Кордумова - Трајанова

Кои се најинтересните проекти на кои сте работеле досега?

-Ова што го спомнав претходно е само еден сегмент од работата. Другиот сегмент на клинети ги нарекуваме fashion tech.  Меѓу поинтересните е една апликација за персонализација, за стилизирање... Од клиентите имаше проект  апликација за дигитализирање на нивната облека. Тоа значи дека можете да си ја сликате облеката што ви е во плакар, па на некој начин да си направите дигитален плакар во телефонот, бидејќи со таа апликација секој ден добиваш предлог што можеш да носиш, односно како да ги комбинираш парчињата што ги имаш во плакарот.  Од неодамна соработуваме и со продавници за облека од втора рака, кои што во Европа и светот стануваат се попопуларни, на кои им помагаме да ги организираат податоците.

Меѓу најбараните решенија ни е автоматско тагирање на продукти. Меѓутоа нудиме и други решенија како визуелно пребарување. На кратко и со практичен пример за тоа што значи изуелно пребарување - ако некаде сте виделе слика од некое парче што ви се допаѓа, или дома имате фустан кој го обожавате, но сте го извалкале, и сакате нешто такво повторно да си купите, таа слика можете да ја закачите на онлајн продавница што е наш клиент, ние ја процесираме сликата, гледаме каков тип на продукт е, какви атрибути има, и наоѓаме слични парчиња како тоа на сликата, за да може лесно и брзо да се купи. На пример, визуелното пребарување е нов начин на купување на потрошувачите, кои наместо да поминуваат низ тој цел процес на селектирање, со филтри и текстуално пребарување, единствено што треба да направат е да ја прикачат сликата и да го најдат тоа што им треба. 

Кога пред три годни ја основавте компанијата и започнавте со работа, веројатно не можевте ни да претпоставите дека само една година подоцна светот речиси комплетно ќе се префрли на онлајн купување... Што значеше тоа за вашето работење – беше полесно да се пласира или пак беше предизвик да се направи нешто ново кое ќе биде прецизно, функционално и иновативно?

-Беше комбинација од двете работи. Да, мајндсетот што го спомнавте, дека претходно луѓето не беа многу расположени за онлајн купување, пред година и повеќе се доведовме во ситуација да немаме друг избор. Веќе нема сомнеж дали треба или не треба онлајн да се купува, туку се соочивме со период низ светот, кога физичките продавници беа затворени и онлајн купувањето беше единствен начин да ги задржиме навиките на купување кои сме ги имале или сме ги создале. Порано задоволство беше да се прошета низ продавница, а сега отвараш онлајн, гледаш и се замислуваш како ќе изгледаш во некое парче. Така што, навиките дефинитивно се променуваат кај купувачите. Модната индустрија стана свесна дека мора повеќе да инвестира во дигиталните решенија, да нудевме такви решенија за физички продавници, тогаш ќе бевме во проблем. Всушност, нашето работење помага во насока на автоматизирање на процесите на работа. На пример, на големи пазари, market places/sales, на внесување на податоци работат 20-30 луѓе, па со работењето од дома, тоа знае да биде предизвик, ние со нашите решенија ја подобруваме ефикасноста на нивното работење. 

Но, на тој начин може и да се намали кадарот, што веројатно би внело немир кај вработените?

-Ние не го нудиме нашето решение за да се намали кадарот, туку за на тој начин заштедуваат до 80% од времето кое претходно го трошеле, што значи дека тие луѓе сега може да го искористат заштеденото време за исполнување на други задачи и активности.  Конкретно, таа задача на внесување податоци е многу репетитивна, мануелна и на некој начин досадна. Понекогаш внесувањето на податоци може да трае и недела и повеќе, а ако тоа го намалите на еден ден или два, значи дека остатокот од времето можете да го искористите за други важни работи – како да се подобри маркетингот и слично, значи луѓето, нивните способности и капацитет може да се искористат во насока на растење на онлајн продавницата, наместо да се трошат на мануелна и повторувачка работа.Така што, со сите што сме соработувале и зборувале, никој не размислувал во насока да отпушти луѓе, туку во насока дека сите имаме многу работа која не стасуваме да ја завршиме и добро би ни дошла помош и од тој аспект, среќни се што со истиот број на луѓе можат да постигнат повеќе. 

Што станува со физичкото купување и посета на продавниците?

-Пред некој ден зборувавме со Англичанец, ни кажуваше како после отворањето на продавниците, луѓето ставале шатори за да одат први во шопинг.Тоа е само знак дека луѓето долго време беа затворени и дека купувањето во физички продавници ќе се врати. Верувам дека на почетокот ќе има и ете, ваков некој бум, кога ќе се пуштат забавите, прославите, свадбите...Меѓутоа, навиките кои што сме ги стекнале сега и бенефитите од онлајн купувањето, луѓето ги почувствуваа и верувам дека ќе остане некоја комбинација од двете. 

Какви се резултатите од овие три години работење, каде има најголем интерес за примена на овој софтвер и од страна на кои брендови? 

-Од досегашното искуство, повеќе интерес гледаме кај мултибрендовите, market places, затоа што тие имаат повеќе брендови и со тоа имаат и многу повеќе податоци. Меѓутоа, колку повеќе продукти имаш, толку повеќе луѓе ти требаат да ги менаџираат. Не е исто да имате 100 и 100 000 продукти месечно. Веќе започнавме да соработуваме и со Македонија, а во светски рамки соработуваме со PVH Томи Хилфигер, Келвин Клајн групацијата и со нив работиме на дигитализација на еден чекор понапред. Тие користат две решенија – едното за автоматско тагирање и второ – автоматско рескалирање на сликите, за да можат автоматски да креираат убави презентации.

Од кога и зошто модата е една од Вашите страсти и како ја замислувате иднината на оваа индустрија?

-Несомнено е дека ќе се случат големи промени, особено со излегувањето на новите дигитални решенија. Иднината е таму! Онлајн продавниците се последната карика во тој синџир на набавки, меѓутоа гледаме интерес, за дигитализација и на други делови во синџирот на набавки, како големо продажбата, произвотсвото, дизајнот итн. 

Добивте ли конкуренција во меѓувреме и како компанија и како жена?

-Конкуренција во однос на решенијата што ги нудиме, секако имаме, но можам да кажам е дека наша среќа е што конкуренција ни се пет-шест компании низ целиот свет. Една од компаниите е во Сингапур, Израел и Америка. Најблиску до нас во Европа е во Барселона. Но, ние сме делумно и холандска компанија, така што на овој западниот пазар – Холандија, Германија и скандинавските земји, немаме конкуренција, за наша среќа и тој е нашиот таргет.

А како жена, не знам, повеќе сум била фокусирана на конкуренцијата што ја имаме како компанија/ односно како дејност, индустрија. Но, генерално, во полето на вештачката интелигенција во модата, гледам дека е многу ретко да има жена. Имам докторат во Амстердам, и во групата од 20 луѓе, само две бевме жени. Така што, во светот на технологијата има дисбаланс во однос на застапеноста на жените. Но, сметам дека, уште поголем дисбаланс има чекор понатаму, меѓу претприемачите. Ги нема многу, а јас искрено кога би имало повеќе жени претприемачи не би ги гледала како конкуренција, напротив, би ми било многу мило да си помагаме на некој начин, едни на други, не само поради тоа што сме жени, туку бидејќи сите сакаме да успееме. Сметам дека таквиот мајндсет на помош веќе се развива и во Македонија – комуницираме и со други стар-ап комапнии од Македонија, имаме добра соработка, без оглед дали се мажи и жени, интерес се повеќе има и од страна на жените, и баш би сакала да се развие таа свест која на Балканот долги години е доминантна – жената со деца може да биде и успешна професионално и да има и води свој бизнис. Но, за да имаме повеќе жени претприемачи, не треба да се смени само размислувањето кај жените, туку и кај мажите и да имаме помош од нив дома. Ако во домот сме еднакви, тогаш можеме да бидеме и на професионален план. Работата дома е исто така работа.

Која е целта на она што го работите?

-Пред сè, ова што го правам го правам со голема љубов. Уживам во работата и ме носи помислата на креирање на вредност, на нешто ново кое што ќе решава некаков проблем, практичен. Ме води таа мислам и плус е голема и радоста да се изгради нешто во Македонија. Целиот тим овде е понесен од тоа дека правиме нешто ново во Македонија и светот. Целта е да се развиваме што е можно повеќе, да прераснеме во голема компанија, во која ќе вработиме што повеќе луѓе од кај нас. Да покажеме дека и кај нас се можни успешни старт-ап компании, кои ќе прераснат во нешто поголемо.

 
фото извор:pixyle.ai
Објавено:
11 јуни 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
295 пати