Стилот на жените на познатите политичари

Моден обид или вкус?

23 јули 2015

Со самото тоа што фигурирате како сопруга на висок функционер во државата, и повеќе од сигурно е дека и самите сносите голема одговорност! Како што постои дрес код за функционерите, истото важи и за нивните сопруги. Низ неколку примери, денеска сакаме да посочиме на изборот на облека на сопругите на политичарите, кои не се тука само да ги поддржат нивните посилни половини, туку и да ја инспирираат нацијата на секаков можен начин.

Во текстот, ќе говориме за стилот на актуелната прва дама на Македонија, Маја Иванова, сопругата на премиерот Никола Груевски, Боркица Груевска и за комбинациите на госпоѓата Снежана Георгиевска.

Кога ќе се спомене името на госпоѓата Маја Иванова, голема е веројатноста да ја поврзете со костими во темни бои кои секогаш се чинат како проверена варијанта. Иако таа е една од ретките која го почитува дрес кодот во кој спаѓа и носењето здолништа до колена, можеби е потребно да внесе промени во однос на боите и моделите што ги одбира. Ние препорачуваме избор на костими во посветли бои, што одлично би прилегале на нејзиниот тен. Она што може да го забележиме кај првата дама, е фактот што госпоѓата Маја Иванова сака да одбира сигурни варијанти во кои секогаш изгледа елегантно.

Фото: Миа

Конкретно, костимот на фотографијата со семејството Обама, би можел да биде во некоја пастелна варијанта, со која таа би оставила уште подобар впечаток. Што се однесува до чевлите, соодветно со изборот на посмели бои на костуми, одлични би биле и елегантни салонки или пак чевли на минимална потпетица.

Фото: Миа

Тука би ја споменале првата дама на САД, Мишел Обама која умее да прави интересни комбинации за јавни настани, иако и таа понекогаш греши. Она што таа го пренесува преку нејзиниот избор, е дека таа е смела, храбра и позитивна жена. Таа е пример и за сите оние што обожуваат да носат иста фризура со децении, посочувајќи им дека промените се добри, дека тие се потребни за да се случуваат повозбудливи работи и да бидете подопадливи за луѓето. 

Пример за елеганција е и сопругата на поранешниот премиер на Република Македонија, Снежана Георгиевска која секогаш беше уникатна каде и да се појавеше. Таа беше една од ретките што умееше да прави модерни и шик комбинации, но истовремено да биде елегантна и достојна на она што го претставува. И денеска, иако ја гледаме многу поретко, таа остава впечаток на дама со вкус која знае да ја одбере соодветната комбинација за конкретен настан. Секогаш со доза мистериозност во неа, госпоѓата Снежана Георгиевска е жена која знае како се носат шапки, жена која не се плаши да ги скрати шишките асиметрично, жена на која одлично ѝ прилегаат и машки костуми.

Фото: Вест

Кога говориме за елеганција и смелост, не смееме, а да не ја споменеме и првата катарска дама Шеика Мозах. Таа е пример за тоа како треба да изгледа секоја прва дама, без разлика колку и какви можности има за купување на дизајнерски или сосема обични парчиња. Речиси секогаш, таа вешто комбинира панталони со свилени блузи, носи неверојатни фустани и секогаш модерни потпетици! Повторно, она што кај неа излегува на површина е харизмата со која зрачи и убавиот и течен збор!

Госпоѓата Боркица Груевска е позната по нејзината природна убавина и елегантните комбинации што ги прави. Она што кај неа е потребно да се посочи, е тоа дека би било одлично доколку одбира малку подолги здолништа и фустани, со оглед на потребата секогаш да се потенцира дрес кодот што важи и за жените на политичарите.

За секоја пофалба кај неа е и тоа што таа многу често сака да прави промени кај косата, односно речиси при секое појавување, има поинаква должина на косата, боја, шишки или пак фризура. Конкретно, на фотографијата со семејството Обама, таа изгледа навистина елегантно и соодветно за настанот, но комбинацијата би била совршена доколку фустанот би бил неколку сантиметри подолг.

Фото: Влада на РМ

Исто така, потребно е да се спомене и тоа што таа изгледа одлично и речиси никогаш нема потреба да носи чевли на платформа и без проблем може да ги промени истите во едноставни салонки, или пак шик рамни чевли и повторно да изгледа убаво и елегантно.

Фото: Меѓаши

Вистински пример за тоа е сопругата на поранешниот француски претседател Карла Бруни, која секогаш е модерна дама, дури и кога носи рамни чевли.

Сосема на крајот, во речиси сите правилници за дрес кодот на жените во политиката, стои дека тие секогаш мора да одбираат здолништа или фустани до колена, елегантни потпетици или соодветни балетанки, женски костими и модни додатоци како шапки или ракавици за настани што го бараат тоа од нив. Во поново време, вистински пример за одличен избор на комбинации како жена на висок функционер или политичар, е дефинитивно првата дама на САД, Мишел Обама која е инспирација за жените. Речиси секогаш, таа знае да одбере соодветна комбинација за конкретна прилика и секогаш да ја украси со нешто свое, модерно и шик.

Објавено:
23 јули 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
20.357 пати