Модна кулминација естетика и садизам низ уникатните дела на Стивен Клејн

11 февруари 2014

Јавноста може ќе дојде до заклучокот дека е помината границата на добриот вкус, но веќе многу одамна во модата и уметноста се проширени границите и стегите, па креативноста и пред се оригиналноста доаѓаат во преден план, за разлика од монотоните содржини кои се повторуваат одново во нов контекст.

Славниот Меквин сметаше дека неговите фотографии може да бидат дел од мејнстим, а всушност тоа што го одбележува неговиот стил е агресивноста во сликите, еклектичноста, благата порнографска нота, искреноста, флертувањето и садизмот испрлеплетен со елементи на модата и уметноста – продукт кој скриено е желба на сите модно инволвирани субјекти во оваа сфера.

Токму затоа модната индустрија го обожува Стивен Клејн, човек кој успешно ги прекрши поставените правила и кој и ден денес се исмесјува со нив. Тој никогаш не бил заинтересиран за Барби куклите, туку тоа што се случува зад затворените врати, реалноста во една сосема друга конотација. Неговите фотографии потсетуваат на хорор филм кој се прикажува во доцните часови, каде преовладуваат ладни ликови, со улоги на психолошки растроени луѓе, без емоции, машка голотија и крвави лица.

Кога работи со познати личности ги претставува во едно хаотично издание, како што е фотосесијата со Бред и Анџелина направена во 2005 година. Едиторијалот беше објавен во магазинот W, а на сликите актерите седат на масата за време на ручек и се молат со своите деца. Приказната е поврзана со домаќинствата во шеесеттите години каде Џоли е претставена како домаќинка со средена фризура, а децата и сопругот со средени и испеглани кошули, всушност зад целата искривена вистина преовладува семејното насилство. Покрај познатиот пар, има соработувано и со Мадона и Џастин Тимберлејк.

Страсниот фотограф ни во сон себе си не се доживува како уметник. Својата пасија кон сликањето ја започнува уште на 10 годишна возраст кога постојано ја следел и фотографирал својата соученичка, во која бил заљубен. По завршувањето на студиите по сликарство  заминува во Париз каде добива понуда да работи на рекламната кампања за новата маскара на Кристијан Диор. Тоа беше само отскочна даска од која следеа уште поголеми соработки со Долче и Габана, Келвин Клајн, Том Форд и други. Дури и славната уредничка на американскиот Вог, Ана Винтур има високо мислење за него истакнувајќи – „Неговите фотографии се исклучително интелегентни, концептуални и ултимативно лирични“.

Според него, гламурозната фотографија која  го иницира убавиот и раскошен живот е мртва слика. Стивен Клејн е познат по експерименталната природа, тој е непредвидлив, болно искрен и талентиран фотограф кој успешно се бори со општествените стеги преку создавањето на ремек дела со сурово реална вистина.

Објавено:
11 февруари 2014
Категорија: 
Стории