Машките модели, посебно оние од Европа, се соочуваат со можна елиминација од модните писти. Причината за тоа се гледа во сѐ помалиот интерес за ревиите за мажи.
Имено, модните недели посветени на машката мода, традиционално се одржуваат месец дена пред оние за женската мода, но сега полека се бришат од модните календари, велат стручњаците.
Пример за тоа може да се најде и во актуелната Модната недела за мажи, што се одржува во Милано. Како пренесуваат странските модни медиуми, дури 10 дизајнери одлучиле воопшто да не ги презентираат годинешните колекции, а меѓу нив се и Келвин Клајн и Ерменџиљо Зења.
Ваквиот развој на настаните потекнува од еден друг тренд. Имено, брендовите како „Барбери“, „Гучи“, „Том Форд“ неодамна соопштија дека во иднина ќе ги комбинираат машките и женски ревии. Тие истакнаа дека тоа е добро решение бидејќи клиентите истовремено ќе се информираат за комплетната идеја за дизајнот и за двете колекции.
Дел од модните инсајдери и аналитирачи велат дека ваквите одлуки се должат и на фактот дека посебните машки ревии чинат и до неколку стотици илјади долари, но веќе не се вредни за луксузните брендови. Заработувачката е сѐ помала.
-Брендовите се фокусираат на она каде што има најголемо враќање на инвестицијата – вели Марио Ортели, моден аналитичар.
Дел од брендовите успеваат да донесат познати личности во првите редови и за машките колекции – Рики Мартин и Кевин Спејси го привлекоа вниманието на неодамнешното шоу на „Армани“. Сепак, ниту јаноста, ниту пак „селебрити“ ѕвездите не се толку заинтересирани за машките трендови .
Женските ревии пак од друга страна, привлекуваат многу поактуелни и попознати личности меѓу помладата популација како Џорџ Клуни, Бијонсе, Ријана, Ким Кардашијан итн...
На крајот на краиштата, бројките кажуваат сѐ. Ако се верува на проценката на „Еуромонитор интернешнал“, продажбата на дизајнерските парчиња за мажи на годишно ниво се очекува да достигне повеќе од 40 милиони долари во 2020 година. Тоа значи дека во однос на 2015 ќе има раст од 6.8 проценти.
Но, продажбата на дизајнерските женски парчиња ќе донесе заработка од 75 милијарди долари, што е неспоредливо повеќе од 40-те милиони за машките дизајни. Со тоа ќе се оствари раст од 7.7 проценти од минатата година.
Со оглед на промените што секојдневно се случуваат на политички и на економски план, не изненадува тоа што во модната индустрија сè повеќе се штеди и се следи современиот начин на живеење, а со тоа и пласирање на производите.