Модната индустрија има голем интерес за алтернативните модели

16 јуни 2014

Емисијата„Outsiders“ на Дарен Мек Мулен која се прикажува на Тв каналот Национална Географија во фокусот ги прикажува најпознатите топ алернативни модели, меѓу кои е и Иска Итхил чие вистинско име е Кетрин. Позната е по шарената коса, цртаните веѓи и пирсовите низ целото тело, а досега покрај тоа што била дел од кампањата Specsavers, се појавила и низ страниците на модната библија Вог.

„Според тоа колку сте спремни да се жртвувате, толку и ќе успеете. Мојот изглед е веќе дефиниран и  без разлика колку и да сакам да изгледам кежуал, сепак се издвојувам од целата група“, изјавила Иска.

Самодовербата е пресуден фактор во креирањето на алтернативниот имиџ, но исто така голем број од моделите на овој начин успеале да ја подигнат на повисоко ниво. Како што е примерот со Лиса Иглтон, која минатата година ја доби наградата Best Look, а која пред седум години во сообраќајна несреќа ја изгубила десната нога. Дополнителен шок во целата ситуација следел кратко потоа, кога ја оставило нејзиното момче.

„Моето момче повеќе не беше заинтересирано за мене откако ја изгубив ногата. Тоа допринесе да не се чувствувам како посакувана жена. Но, една вечер додека ги разгледував содржините на Фејсбук, ми беше понудено да сликам фотосесија. Потоа продолжив со други ангажмани и тоа допринесе да изградам кариера на модел“, вели препознатливата моделка.

Како мајка на четири девојчиња, таа сака да ги научи да не веруваат во сето тоа што медиумите го презентираат како совршенство.

Но, кои се предиспозициите за да се стане алтернативен модел? Одговор на ова прашање дава ЕјшаТанк, основач на Dark Arts Alternative Model Agency

– Потребно е индивидуата да биде стилски поразлична од она што според општите критериуми е прифатено како нормално. Тоа значи да не изгледаат стандардно како моделите од модните магазини, туку кога ќе поминат низ улица, луѓето да ги забележат и да кажат дека тие изгледаат невообичаено.

Предноста на алтернативниот моделинг е тоа што не постојат ограничувања околу телесната тежина, висината или годините. Токму поради тоа што не постои ограничување, на аудициите се појавуваат тинејџери, но и постари лица.  Модната индустрија полека почнува да го прифаќа овој тренд, а доказ за тоа е ангажирањето на Џони Џорџ за разни ревии, алтернативен модел кој победил на изборот во 2012 година. Победникот од овогодинешниот избор ќе добие договор со  The Twisted Agency.

Објавено:
16 јуни 2014
Категорија: 
Стории