Модната инспирација во актуелните филмски фаворити

15 јануари 2014

sexy_retro_zlatni-globus

„Американски измамници“, „Волкот од Вол Стрит“ забележија успех на Златните глобуси, а исто така се и дел од фаворитите за претстојните Оскари. Како и да е, за одредени филмски остварувања за кои слушаме секојдневно ќе се зборува уште, но не само поради дејството, актерите, улогите, туку и поради модниот израз.

Модата во поголемиот број годинешни филмски хитови  е инспирирана од  минатите времиња и ретро нотата, без оглед дали се работи за гламурозните 1970-ти во „Американски измамници“ и „Rush“, или пак женствените 1990-ти во „Волкот од Вол Стрит“. Раскошните и опуштени фризури со многу волумен кои и оваа сезона завладеаја со модните писти, одлично се вклопија со впечатливиот златен накит, меѓу кои и големи, округли обетки, но и одличната шминка и разнобојниот маникир.

Како и минатата година, кога инспирацијата на модните дизајнери беа 1930-ти, а кината беа најпосетени на „Големиот Гетсби“, оваа година се враќаат раскошните и провокативни фустани и фризури, карактеристични за 1960-тите и 1970-тите, кои костимографите Џулијан Деј, Сенди Пауел или Мајкл Вилкинсон веќе ги презентираа во споменатите остварувања.

Rush

Во филмот Rush кој е снимен по вистинска приказна, освен возбудливата приказна за ѕвездата на Формула 1, неверојатните сличности на главните актери, впечатливи се и костимите. Раскопчаните кошули со големи и шпицсти крагни, струкирани одела, шарени марами од веселите 1970-ти, развија креативност кај костимографот Џулијан Деј.

За скромната и класична Марлен (сопруга на Ники Лауда), тој избра женствени, еднобојни фустани и кошули во комбинација со ѕвонести панталони, додека за филмската ѕвезда Сузи (сопруга на Џејмс Хант), бираше секакви комбинации- од кожени капути со крзно и бохо шапка, фустани на преклоп, како оние на Диана фон Фурстенберг, до свилени вечерни тоалети со длабоко деколте.

Во секој случај,  познатиот костимограф признал дека внимавал на секој детаљ. Деј се стремел да биде што поверодостоен, особено кога е венчавката на Хант во прашање. Ги споредувал старите фотографии, а за што подобро да го реконструираат оделото на Хант и да ја прилагодат венчаницата на Сузи, односно Оливија Вајлд, добил помош од Гучи. Така, актерката без проблем се адаптирала на слободните 1970-ти и на снимањата го отфрлила градникот.

The Wolf of the Wall Street

Костимографката Сенди Пауел, за ликот на Леонардо Дикаприо од „Волкот од Вол Стрит“ бирала само проверена класика, презентирана преку оделата на Армани. На иста линија беа и заводниците во „Американски жиголо“, „Добри момци“ и „Покојните“. А мора да се признае дека Дикаприо совршено добро знае како да носи костум.

Со зголемувањето на богатството, се менувал и стилот. Од предимензионирани шарени кошули со широки, истакнати раменици, до скапи одела, кроени по мерка. Женските костими во живи бои се инспирирани од Шанел и Диор, а модата од 1990-тите е забележлива во изборот на легендарни парчиња од тоа време, како Версаче „bondage“ фустани, винтиџ фустани со гол грб (како оние на Х.Леџер) или свилени кошули кои во 1995 година ги дизајнираше Том Форд за Гучи.

American hustler

Кога се во прашање модата и костимите во „Американски измамници“, градникот и тука не беше потребен. После класичните и конзервативни 1950-ти, доаѓа време кога жените уживаат нова слобода во модата. Строгите кроеви се заменети со длабоки деколтеа, секси лелеави фустани и транспарентни кошули. Овие практични и женствени трендови се враќаа во мода веќе неколку пати, а некои никогаш не ни излегоа.

American hustler

Инспириран со винтиџ парчиња од Диана фон Фурстенберг и Ив Сен Лоран, Кристијан Диор, Одисеј Кларк, Гучи, Халстон и други, косимографот Мајкл Вилкинсон сакал да создаде посебен стил за секој лик во филмот. Така како инспирација за модниот стил на Ејми Адамс, односно Синди Просер се модните икони на 1970-тите, како Бјанка Џегер, Џери Хал и Лорен Хатон.

Објавено:
15 јануари 2014
Категорија: 
Стории