Од пластично шише до пар хеланки: Модната сцена веќе не зборува за одржливост, туку за опстанок

14 јануари 2021

Изминатите неколку години во модата беа обоени во зелено. Не буквално, но идеолошки, технолошки, мисловно. Дизајнерите, претприемачите па и познатите ѕвезди од многу аспекти го разгледуваа глобалното затоплување, климатските промени и последиците од истото. 

Леонардо ДиКаприо во 2016 го изработи феноменалниот Before the Flood во кој патува ширум планетата, приближувајќи ги до широките маси, преку фантастични снимки ефектите од кллиматските промени.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by The Press Tour (@the_press_tour)

Истата година, Ема Вотсон се појави на МЕТ Гала во монохроматска тоалета изработена од рециклирани материјали. Со цел да поттикне што поголем број луѓе да ја реупотребуваат облеката, го активирање Инстаграм профилот @The_Press_Tour, каде објавува фото записи од нејзини изгледа од црвениот тепих каде носи облека која не ѝ штети на животната средина.

Пионер во својата мисија за одржлива мода е британската дизајнерка Стела Мекартни, која почнувајќи од 2000 година голем дел од своите колекции ги произведува исклучиво од органски и рециклирани материјали. Во тој список влегуваат и Нанушка, Вивиен Вествуд, Спенсер Фипс, Мара Хофман. 

Спортските гиганти како Адидас и Најки, го даваат својот придонес преку Dry Dye технологијата која не користи вода при фарбањето, Flyknit технологијата која го намалува отпадот од произвоство за 60%, а и двата бренда елиминираа голем дел од пластичните кеси во своите продавници. Дури и high street брендовите, како H&M дадоа свој удел во целата идеја, па од своите потрошувачи побараат да ја донесат старата гардероба во нивните бутици, со цел истата да биде рециклирана.

Агрикултурата и модата станаа гранки кои неразделно одат рака под рака, а океаните (со сиот отпад во нив) станаа главен извор на модно производство. Иноватори и визионери ги вклучија своите брилијантни умови, па создадоа машини за чистење на океаните од пластиката (The Ocean Clean Up), а од истата произведуваа конци, од нив ткаенина, а од неа гардероба, чевли, додатоци (Bionic Yarn). 

Од пластично шише до пар хеланки за вежбање

Замислата да носите облека од пластично шише, сигурно оддалеку ви мириса на полиестер. Но, според Брендот Girlfriend Collective, процесот е комплексен, а резултатот импозантен. 

Со помош на машина за сортирање пластика, се издвојува сета пластика означена со бројот „1“ и истата се пресува во големи купови. Куповите се носат на мерење, па од нив се издвојуваат етикети, капачиња и се сортираат по боја, а потоа чистите шишиња се ставаат во џиновски блендер и се ситнат на мали парченца. 

Во поинаква фабрика, парченцата се топат, па со помош на специјална машина се истенчуваат и од нив се произведуваат супер-тенки влакна. Влакната се групираат во форма на конец, а од нив, со помош на машина се плете и самиот материјал од кој се произведени хеланките. Материјалот има груба текстура која се омекнува, а оттука, материјалот се враќа во првичната фабрика каде се фарба, па од него се изработуваат хеланки. За производство на еден пар хеланки за вежбање, потребни се 25 пластични шишиња. 

Одржливоста после ковид 19 

Овие и уште многу други надежни проекти останаа во некои фиоки, затрупани под прашина и во глува тишина како резултат на пандемијата. Модната сцена веќе не зборува за одржливост, туку за опстанок. 

Но, од една страна, токму во поглед на одржливоста, можеби и добро ни дојде пандемијата. Ако претходно се организираа гигантски модни ревии 5 до 7 пати во годината, се трошеа многу природни ресурси и тотално непотребно се произведуваа тони облека која завршуваше на полињата, сега имаме модни филмови од по дваесетина минути како видео презентација на една колекција, подеднакво достапни за сите. 

Намалувајќи го производството на непотребна гардероба се придонесува кон помала емисија на штетни гасови и значително намалено трошење на вода, што впрочем е и идејата на иницијативата XR Fashion Action. За тоа зборува и дизајнерот Маркез Алмеида во својот манифест од 2020 година.

Идејата дека модата ќе ја заштити животната средина, ќе ги спаси животинските видови од истребување, дека пчелите повеќе нема да бидат во опасност и дека планетата ќе престане да се загрева, е голема заблуда. Но, во значителна мера може да придонесе кон таа цел. Многумина велат дека пролет/лето 2021 сезоната е пресвртна точка за дизајнерите. Модата одамна се бори да стане социјален и општествен двигател кој ќе донесе вистински промени, и да стане многу повеќе од индустрија која продава убави нешта за носење. Бидејќи има потенцијал!

 
Објавено:
14 јануари 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
178 пати