Оваа 2016 никако не попушта. Светските модни медиуми вчера ја објавија веста за смртта на познатата, 66-годишна уредничка Франка Созани. Таа 28 години беше главниот уредник во италијанското издание на „Вог“, а вчера ја изгуби едногодишната борбата со канцерот на белите дробови. Созани починала во Милано, во кругот на семејството.

Нејзините соработници за неа ќе кажат дека ќе остане запаметена како „Дама во модата“, која имала неверојатна визија и чувство за нештата што допрва треба да дојдат. Исто така, велат дека важела за жена што секогаш ќе ја каже вистината без оглед на сè и поради тоа била една од најпочитуваните личности во модната индустрија.

Неодамна во јавноста беше пласирана и веста за документарниот филм за Франка, низ признам на нејзиниот син Франческо Карозини. Остварувањето ја имаше премиерата за време на годинешниот Кански фестивал, а остатокот од светот ќе може да го види следната година. Во него Франческо ја пренесува како изгледа животот со познатата уредничка, како изгледа нејзиниот работен ден. Исто така, во документарецот се појавуваат и многу гости, како Миуча Прада, Диего дела Вале, Рикардо Тиши, Донатела Версаче, кои зборуваат за тоа како тие ја доживуваат Франка.

Франка е родена во 1950-тата година во Мантова. Кариерата ја започнува во Condè Nast, за во текот на 1970-тите да биде дел од Vogue Bambini, потоа магазинот „Lei“. Во текот на 1980-тите е дел и од тимот на магазинот за мажи „Per Lui“, а потоа следи „L’Uomo Vogue“. Од 1994 година Созани ги уредува едиторијалите на „Condè Nast Italy“.

Култниот „Вог“ во принтано издание е повеќе од педесетина години, а Франка Созани е една од ретките која го има главниот збор кога се работи за создавање на авангардни изданија на магазинот. Таа беше на чело на италијанскиот Вог веќе 28 години, а не стравуваше да ги признае своите грешки, кои ќе каже сепак придонеле да работи понапорно за прогрес во професионалната сфера. Првото нејзино издание за „Вог“ е тотално различно од она што претходно се претставувало. Созани на насловната стави модел без шминка со обична бела маица, а на долниот дел пишува „ново“.  Тоа е изданието кое означи нов старт односно нова фаза за италијанското издание на магазинот, во кој претходно преовладувале модели со впечатлива шминка, масивен накит и луксузни фустани.

Според Франка, универзален јазик за разбирање со остатокот од светот е токму фотографијата. Во една пригода ќе каже, во Италија се зборува само италијански јазик и за да може да комуницира со остатокот од светот, тоа знае најумешно да го направи токму преку моќните фотографии. Можеби тоа е и разликата помеѓу италијанското издание на „Вог“ и сите останати, особено американското кое е направено според потребите на пазарот и е достапно и за оние домаќинки кои живеат во помалку населени места, а сепак сакаат да бидат во тек со модните трендови. Клучната разлика е токму тука, американскиот „Вог“ може да се купи и во обичен супермаркет, но не и италијанскиот, кој сè уште држи до своето реноме.

Уредничката на италијанскиот „Вог“ исто така ќе остане запаметена по изјавата дека сака необични модели за своите едиторијали. Стереотипната убавина според неа е монотона, а Инстаграмот го користи за пронаоѓање токму на нови и интересни индивидуи кои би биле дел од новите содржини на магазинот. Според неа, модниот пазар повеќе не е конзервативен и резервиран само за богатите дами, а интересот од Западна Европа и САД е насочен кон Источна Европа и Азија.

Во однос на модните блогери, Созани ќе каже дека верува дека со текот на времето ќе се направи природна селекција и дека ќе останат да функционираат оние што имаат навистина што да кажат, а не да го користат блогот за навредливи и површни изјави. Иднината на модата според уредничката е процес на еволуција, односно тоа што било модерно вчера, денес може да биде тотално неважно и токму затоа е  неопходно е постојано да се бараат нови детали. 

Слободоумна и уникатна, италијанската уредничка на „Вог“ знаеше да го пронајде совршенството во ситниците , но истовремено да биде достојна и да признае дека по повлекување од модната индустрија, ќе прекине да ги следи содржините кои ќе бидат дел од публикацијата.

А еве како познатите личности од модниот свет се збогуваа со Франка:

 

 

 

A photo posted by Jourdan Dunn (@jourdandunn) onDec 22, 2016 at 11:01am PST

 

 

 

 

 

A photo posted by Marc Jacobs (@marcjacobs) onDec 22, 2016 at 9:18am PST

 

 

A photo posted by Bella Hadid (@bellahadid) onDec 22, 2016 at 9:24am PST

 

 

 

Објавено:
23 декември 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
940 пати