Business of fashion направи истражување во модното образование

Модни креатори или бизнисмени?

27 август 2015

Едукативниот магазин Business of fashion, честопати отвора прашања кои се испровоцирани од теми во модната индустрија за кои постојат поделени мислења.

Во нивното последно истражување се фокусираа на тоа на кој принцип работат модните образовни институции, односно дали нивниот приоритет е да ги развијат креативните спосонобности на студентите или повеќе да работат на „бизнис инстинктот".

Истражувањето вклучува интервјуа со модни инсајдери, професионалци во модниот бизнис и професори кои секојдневно се соочуваат со оваа проблематика.

Central Saint Martins

Обично студентите што се запишуваат на престижни универзитети од калибарот на Central Saint Martins во Лондон,  очекуваат да работат на развојот на нивната креативност. Но, прашењето што го поставува BOF е дали е тоа доволно или постои сериозна потреба да се балансира со развојот на практичните способности за бизнис и продажба?

Сепак, модната индустрија постои покрај другото, и да ги задоволи потребите на клиентите, да најде начин да допре до поширок таргет и на крај да оствари профит.

Како модните образовни институции може да ги подготват своите студенти да ги развијат и искористат нивните креативни и практични способности?

„Студентите може да го практикуваат бизнисот со работно искуство во конкретни компании, но доколку не се талентирани и не работат на својот креативен развој, тогаш никогаш нема да станат ниту асистенти на дизајнери", вели Walter Van Beirendonck, директор на одделот за мода на престижната академија Antwerp во Белгија.

Кога студенти од овој универзитет ќе се вработат во луксузни куќи како Диор или Баленсијага, тој нагласува дека од нив го бараат талентот и чувството за естетика и дизајн, а не нивните корпоративни способности.

Неговото мислење го поддржува и дизајнерот на женска облека базиран во Лондон, Erdem Moralioğlu.
„Не верувам дека ако некого го научите за макро економијата, дека веднаш ќе стане импресивен и успешен дизајнер поради неговите економски познавања. Мислам дека е многу поважно суштински да се развивате како дизајнер", вели тој поучен од личното искуство.

Но, спротивните мислења се базирани на едно поинакво искуство и пред се нивната поента тргнува во обратен редослед, односно од клиентите и потрошувачката сила.

„Големите компании, гигантите во модната индустрија не сакаат дизајнери-ѕвезди", вели Danilo Venturi, декан на Институтот за дизајн и маркетинг, Polimoda, во Фиренца, Италија.

„Тие се во потрага по луѓе кои се способни да креираат колекција која веќе ќе биде подготвена за продажба", додава тој алудирајќи на визионерскиот однос на дизајнерите кон нивните колекции и нивниот пласман на пазарот.

Со проблематично искуство се соочил дизајнерот Bruno Pieters од белгискиот универзитет Antwerp, кој започнал свој бренд. Неговот хендикеп било тоа што на пазарот се соочил со практични порблеми за кои претходно немал можност да се едуцира за време на неговите студии, како: истражување на пазарот, пласман на производот, продажба итн.

Неговиот пример ги прикажува реалните проблеми на малдите дизајнери кои сакаат да започнат самостоен бизнис.

Затоа, многу често дизајнерите кои финансиски може да си дозволат, ангажираат професионалци за маркетинг што исклучително ќе се посветат на продажбата и ќе го дополнат она што недостасува во професионалниот профил на креативецот.

Дизајнерот Кристофер Кејн, за време на неговите студии на Central Saint Martins, паралелно постојано работел и го надоградувал своето знаење со практична работа и со соочување со вистинските проблеми на пазарот.

„Студентите треба да знаат дека е неопходна многу, многу работа. Сепак основата на секое знаење е праксата и личното искуство. Додека бев студент, работев за без пари, но за искуство. Секојдневно рацете ми беа валкани, и постојано бев активен. Но, сепак искуството ја прави разликата", вели Кристофер Кејн.

BOF ја резимира својата студија со заклучокот дека одговорот не е да ги затвориш студентите во административна канцеларија и дека од идните дизајнери не би требало да се очекува да бидат експерти во доменот на бизнисот и економијата. Но, генерално предност за младите креативци би било доколку тие имаат и општи познавања за индустријата, бизнисот, начинот на кој функционира и која е нивната улога во тој свет. На тој начин ќе си создадат олеснителни околности кои ќе им помогнат во пласманот на нивните производи пред нивната таргет група.

Објавено:
27 август 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.008 пати