Моменти кои засекогаш ја сменија модата

7 јуни 2013

Одредени модни парчиња направија модна револуција во минатиот век и до денес ги сметаме за задолжителен дел од нашиот орман. Прочитајте ги приказните занекои од нив.

1914 Мантил од Бурбери

Од понова колекција на брендот Бурбери Од понова колекција на брендот Бурбери

Популарниот мантил за дожд се роди во рововите на Првата светска војна по што и го добил името (trench на англиски значи ров, па оттука и оригиналното именување на мантилот како trench coat). Приказната е следнава: еден британски офицер му се обратил на Томас Бурбери, човекот кој ја патентираше ткаенината габарден, и од него побарал тогашните генералски мантили да ги прилагоди на борбените услови и да ги направи попрактични. Тешкиот материјал Томас го заменил со полесен, додал еполети, алки на ременот во облик на буквата D околу кои можело да се закачи пропратна опрема, ременчиња околу ракавите и околувратникот. По војната ваквиот мантил почнал да се вовлекува во плакарите на обичните граѓани, подоцна и на холивудското платно, а доста го популаризираше Хемфри Богарт кој ова парче облека го носи во култниот филм „Казабланка“. Во својата скоро стогодишна историја мантилот доживеа безброј преобразби и до денес остана едно најпосакуваното парче облека во машката и во женската гардероба.

 

1939 Андрогениот стил на Кетрин Хепберн

Кетрин Хепберн обожаваше да носи панталони во времето кога не беше вообичаено жените да ги носат Кетрин Хепберн обожаваше да носи панталони во времето кога не беше вообичаено жените да ги носат

За разлика од популарната Одри Хепберн која во култниот филм „Доручек кај Тифани“ го носеше оној фамозен мал црн фустан и низ својот моден стил промовираше женственост, нејзината „презимењачка“ си поигруваше со машкиот принцип во женското облекување. Филмовите во кои глумеше кон крајот на 30-тите години од минатиот век во фокусот го доведоа нејзиниот „маскулизиран“ стил. Во годините по разиграните чарлстон-девојки, таа комбинираше панталони со машки крој заедно со свилена кошула и оксфорд-бродарици, со што ги „направи“ панталоните не само прифатливи за жените, туку и посакуван дел од женската гардедоба. Панталоните толку многу ѝ се вовлекоа под кожа, што се смета дека Кетрин во својот орман немала ниту едно здолниште. Актерката со својот стил беше инспирација за повеќемина, од Дајан Хитон и нејзиниот лик Ени Хол од истоимениот филм до дизајнерските творештва на Ив Сен Лоран и на Келвин Клајн.

 

1947 Новиот изглед на Кристијан Диор

Оваа фотографија одлично го отсликува новиот изглед (1947) Оваа фотографија одлично го отсликува новиот изглед (1947)

Воените години од мода ги истераа луксузот и женственоста, завладеа рационалноста и во кроевите и во материјалите. По една таква „модна диета“ жените копнееја по женственост, а славниот дизајнер Кристијан Диор точно знаеше што треба да им понуди. На 12 февруари 1947 година на авенија Монтењ во Париз претстави колекција од 90 модели која ја нарече „Карол“ (цветно венче), а на името нов изглед (new look) кумуваше тогашната уредничка на Harper’s Bazaar, Кармел Сноу. Долните ѕвонести здолништа од луксузни материјали за кои некогаш биле трошени и до 20 метри ткаенина, го воодушевија модниот свет. Иако на почетокот се појавија и оние кои го критикуваа поради расипништвото и луксузот кој бил непотребен во годините по Втората светска војна, неспорно е дека Диор со новиот изглед го врати Париз на модната мапа.

 

1953 Костимот на Коко Шанел

Коко Шанел и Роми Шнајдер – и двете во шанел-сако Коко Шанел и Роми Шнајдер – и двете во шанел-сако

Иако дизајнерот Пол Поаро, своевремено најголемиот ривал на Коко, се потсмеваше на нејзиниот мал црн фустан нарекувајќи го „делукс сиромаштија“, во 1926 година списанието Vogue прогнозираше дека токму тоа парче облека ќе стане незаменлив дел од стилот на секоја жена. Втората светска војна ја натера Коко да го затвори својот париски салон, а во модниот свет се врати дури во 1953 година како седумдесет годишна жена испровоцирана од успехот на новиот изглед на Диор. Во неговите здолништа и фустани со широк крој, стегнати во половината со корстет, Коко не виде ништо модерно. Не ги сметаше да пригодни за жените кои во воените години презедоа активна улога и се ослободија од наметнатите стеги. Како одговор на креациите на Диор понуди костими од твид со тесни здолништа до колена и сако без ревери кое е порабено со ленти и златни ланци. Како и малиот црн фустан, твид-костимите станаа статусен симбол за новата генерација на жени, ја оживеаја модата и оставија длабока трага во денешното облекување.

 

1965 Модно востание со мини здолниште

Мери Квант мери колку да скрати од здолништето на манекенката Мери Квант мери колку да скрати од здолништето на манекенката

Иако појавата на мини здолништето често се поврзува со францускиот дизајнер Андре Куреж чии креации во 1964 година за првпат ги открија женските бедра, лондонската креаторка Мери Квант покажа многу повеќе и се смета за изумител на ова парче облека. А за името, таа вели дека се инспирирала од омилениот автомобил Мини купер. Кратките здолништа надополнети со високи чизми дизајнерката премиерно ги претстави во 1965 година во Њујорк на тогаш популарната модна манифестација Youthquake. Нејзините креации го одбележаа културниот и модниот период на она што се нарекува Swinging London и покренаа вистинска револуција, а и со нив настана high street модата која трендовската мода ја направи достапна до сите. Мери Квант советувала мини здолништетода го носите со најлонки во боја или со некој интересен принт, што не е многу различно од она што го носиме денес, нели?

 

1985 Стилот на вработена девојка

Мелани Грифит и Сигурни Вивер во сцена од „Вработена девојка“, филмот кој го промовираше стилот на моќна деловна жена Мелани Грифит и Сигурни Вивер во сцена од „Вработена девојка“, филмот кој го промовираше стилот на моќна деловна жена

Како што јакнееше позицијата на жената во деловниот свет, костимот со нагласени раменици или таканаречениот powersuit стана задолжителна женска униформа. Најважното правило за овој стил гласи „Колку поголеми раменици, толку подобро“. Филмот „Вработена девојка“ со Мелани Грофит и Сигурни Вивер најдобро ја отсликува психологијата и модата на тоа време. Во тој период Дона Каран креираше колекција од седум парчиња кои извонредно се комбинираат меѓу себе, нудејќи на тој начин конкретни решенија за деловен изглед. Со големи раменци или без „потпунки“, сакото и денес е неизбежно и имаа важно место во секојдневното облекување.

 

1969 Хипи гламур

Легендарната фотографија на Талита и Џон Пол направена на покривот на нивната куќа во Маракеш во 1969 година  Легендарната фотографија на Талита и Џон Пол направена на покривот на нивната куќа во Маракеш во 1969 година

За Талита Гети јавноста не знаеше многу, освен дека е холандска актерка без некој успех во кариерата, втора сопруга на богаташот Џон Пол Гети, но нејзината прерана смрт го овековечи митот за Талита како стилска икона на хипи-боемскиот стил од 60-тите години. За време на својот живот важеше за муза на креаторот Ив Сен Лоран, но и по смртта нејзиниот стил ги инспирира дизајнерите Дрис Ван Нотен, Долче и Габана, Фиби Фајло... Талита во 60-тите години на една забава кај балетанот Рудолф Нуреев го запознава Џон Пол Гети помладиот, наследник на нафтена компанија и син на најбогатиот човек на светот. Лудо се вљубуваат еден во друг. Иако нивната приказна завршува трагично (таа умира на 30 години од последици на користење дрога, тој е исклучен од тестаментот на својот татко), нивната заедничка фотографија на маракешкиот кров засекогаш ќе остане како симбол на декадентниот и хедонистички живот од тоа време. Талита Гети облечена во шарен свилен кафтан како олицетворение на гламурозниот хипи изглед од доцните 60-ти и денес ги инспирира следбениците на бохо-стилот како Рејчел Рое, Никол Ричи, Кејт Мос и Сиена Милер.

 

1990  Супермодели

Легендарната насловна страница на британски Vogue со Наоми, Линда, Татјана, Кристи и Синди Легендарната насловна страница на британски Vogue со Наоми, Линда, Татјана, Кристи и Синди

Ерата на топ-моделите ќе ја паметиме по реченицата на канадската манекенка: „Не станувам од кревет за помалку од 10.000 долари.“ Манекенството во тоа доба станува доста добро платена работа, а и до денес е единствената професија во која жените заработуваат повеќе од мажите. Целата супермоделска лавина започна со јануарското издание на британски Vogue од 1990 година со пет манекенки фотографирани од Питер Линдберг – Синди Крафорд, Линда Евангелиста, Кристи Тарлингтон, Татјана Патиц и Наоми Кемпбел. Девојките подоцна се појавија во видео-спотот Freedom на Џорџ Мајкл, а сѐ кулминираше со ревијата на Џани Версаче кога дизајнерот се согласи на секоја манекенка да ѝ даде хонорар од 30.000 долари. На списокот на супермодели од тоа време треба да ги додадеме и Клаудија Шифер, Стефани Сејмур, Хелена Кристенсен, Карен Мулдер, Надја Оерман, Карла Бруни... Повеќето од оригиналните супермоделки остварија успешни и деловни кариери, голем дел од нив сѐ уште држат рекорди по број на насловни страници на кои се појавиле,  некои од нив сѐ уште се актуелни во модниот свет.

 

1992 Гранџ

Од фамозната колекција на Марк Џејкобс за Пери Елис Од фамозната колекција на Марк Џејкобс за Пери Елис

Заситен со модата од 80-тите тогаш непознатиот дизајнер Марк Џејкобс приреди модна ревија за американскиот бренд Пери Елис на која прикажа колекција од фланелски кошули, паршиња со измешани шарени принтови, чизми Док Мартинс, долги цветни фустани, црни капи на разбушавените коси на манекенките... Модните новинари веднаш се воодушевија на овој рокерски стил, но управата на Пери Елис не беше задоволна и сметајќи дека парчињата нема да бидат носливи веднаш му дадоа отказ на Џејкобс. Сепак, оваа колекција трајно го обележа овој американски дизајнер и денешен креативен директор на луксузниот француски бренд Луј Витон, а и го отвори патот на гранџ-музиката и хероин-шик-имиџот кој најде своја муза во манекенката Кејт Мос.

 

2000 Сексот и градот

За серијата „Сексот и градот“ костимографката Патриша Филд подготви одлични стилски комбинации За серијата „Сексот и градот“ костимографката Патриша Филд подготви одлични стилски комбинации

Изјавата на Кери Бредшоу „I lost my Choo“ како да ја најави меѓународна женска опседнатост по чевлите на тогаш непознатитот малезиски чевлар со бутик во Лондон и го лансира во врвот на светската мода. Истото се случи и со потпетиците на Маноло Бланик, чии чевли се продаваат по вртоглаво висока цена. Еден од најголемите печати во серијата која се врти околу животите на Кери, Миранда, Шарлот и Саманта го даде стилистката Патриша Филд. Таа направи мала револуција на полето на костимографија и моден стајлинг во телевизиска серија, а нема да погрешиме ако констатираме дека доста жени ги голтаа епизодите најмногу поради нивната љубопитност да видат која ќе биде следната необична модна комбинација што Кери ќе ја облече.

Објавено:
7 јуни 2013
Категорија: 
Стории