ПРИКАЗНИ ОД ГРАДОТ

@mommydiarymk : Заедничкото собирање на трпеза е многу повеќе од само ручек

16 март 2020

Александра Пренџова е името на дамата што стои зад Инстаграм профилот @mommydiarymk; Приказната што се раѓа по малку срамежливо, преоѓа во инстаграм-блог кој го следат преку 5.000 луѓе.

Како вели во нашиот разговор, целта е да се покаже дека со мајчинството не застанува животот, да се даде некој корисен совет и да се ужива во Интернет односно Инстаграм просторот.

Како започна Инстаграм приказната за mommydiarymk?

-@mommydiarymk има една кратка историја, всушност пред да биде тоа мојата желба и насока, почна како блог за здрава храна. Но, со доаѓањето на свет на мојот син Огнен, бидејки приоритетите се сменија, барем моите : ) или пак можеби не сум го сакала тоа доволно од денешна гледна точка, сета таа работа која беше на почеток беше на пауза. Така, желбата за да креирам нешто на Инстаграм постоеше одамна, но ете требало да се случи Огнен за да почнам да ја остварувам и да се пронајдам тука. И моето „био“ баш целосно ме отсликува. Инаку желбата за Инстаграм блог постоеше долго време, но секој прв чекор е малку тежок да се направи, што од околината, што од несигурноста или сигурноста во себе, но ете ќе кажам дека сè си се случува во право време. Конкретно @mommydiarymk, со целата љубов за креирање го започнав пред околу една година.

Со која цел го водите профилот?

-Кога би помислила на цел, прво ми доаѓа на ум забава, всушност тоа и е целта на целата таа апликација. Сите да поминеме добро време, да се инспирираме насмееме и дружиме. Па така и содржината што ја пласирам е во однос на тоа. И секако бидејки е блог на некој начин, целта би била и споделувње на искуство, кое на некој може да му користи.

Честопати просторот по форумите, блоговите, инстаграм профилите, особено наменети за мајки и деца, знае да се користи за „солење памет“, па добар дел од жените знаат и да се исфрустрираат. Какви се Вашите искуства? Која е границата помеѓу совет и „солење памет“?

-Мислам дека денес со сета слобода и информации што ги имаме, секој знае за себе што е она што сака да го сподели или пласира на својот профил. Секој си е свој и ја почитувам рабоата на секој што сака да креира нешто на тој интернет простор. На крјаот на краиштата, публиката или луѓето сами си одбираат што ќе следат и што ќе читаат. Конкретно на мојот профил преку содржината сакам да ја прикажам забавната страна на мајчинството, но и пред сè реалната, тоа е она што го споделувам и секако да не биде тоа единствеа тема, бидејќи ние сме биле личност и пред да станеме мајки. Бидејќи, пак ќе кажам, првичната цел не е тука ние да се правиме колку многу сме мајки и „најмајки“, туку да поминеме забавно и интересно време. : )

Со оглед на новонастанатата ситуација, какви совети/идеи би упатиле Вие, како децата да го поминуваат времето дома?

-Ситуацијата не е воопшто за да не се сфати сериозно, напротив секоја несериозност носи последици, кои за жал одредени луѓе не можат да ги согледаат. Пред сè да се придржуваме на препораките на Министерството, и кога веќе правиме изолацја да поминеме повеќе квалитетно време дома со семејството. На Инстаграм има различни профили кои даваат идеи за како времето дома да биде забавно и корисно за дечиња, па може бесплатно да се добие некоја идеја која би ја реализирале во нашиот животен простор. И на крај, да не заборавиме, сè ќе биде во ред.

Сметате ли дека со предлозите што да прават родителите со децата, всушност се анимираат родителите? Каков е Вашиот впечаток (од искуствата со Инстаграм профилот и комуникацијата со други мајки/родители), навистина ли родителите не знаат што да прават во времето со децата?

-Веројатно сме навикнати да времето го трошиме секаде по малку, осбено со ова брзо темпо на живот, па тоа време дома после 16 часот, најчесто во најголем дел се сведува на рутина. Сега имаме можност и простор да поминеме малку повеќе време заедно, без да не брза некој за некаде или нешто, па да се потрудиме тоа да биде забавно. И да, со анимирање на децата, всушност се анимираме и ние самите. Ова слободно време кое го имаме сега на претек за дома, треба да се цени. Времето минува брзо и еден ден тие ќе бидат големи, а ние ќе се прашуваме кога ли пораснаа толку брзо? : )

Колку тоа што по професија сте нутриционист, влијае врз тоа како го храните Вашиот син? Знае ли тоа понекогаш да биде оптоварување?

-Не, воопшто. Пред неколку години, пред воопшто да биде во план Огнен, имав на некој начин криза на тоа што сум јас. Се обидував професијата да ја наметнам дома (што и не дека не треба, туку не може да биде наметнато), во друштво, надвор, секаде. И едноставно се најдов себеси преокупирана со тоа што јадат луѓето што се околу мене, со мене, а тоа ми правеше немир и едноставно ми го одземаше премногу вниманието. И сфатив дека морам да ги поделам работите, не дека после 16 часот  јас не сум нутриционист туку едноставно не можам да наметнувам мои избори на останатите без некој воопшто да побара макар и совет за тоа. На крај на краишта, секој си знае за себе, а доколку побара мислење од мене секако дека би го дала. Дома се трудам да имплементирам здрави навики и да се храниме здраво, но не сум параноична и преокупирана со тоа. Сакам мојот син да го научам сам да расудува што е здраво за него, а што не, без да му го наметнувам тоа, а дотогаш сме тука да го насочиме како правилно да избира. Но не сум мајка која е преоптоварена и некогаш се случува и Огнен да проба и нешто од што не треба : ) бидејки сметам дека не можеш да го заштитиш детето од сè, а и не ни треба да ги чуваме во стаклено ѕвоно. А и сметам дека има многу поважни работи на кои треба да им се придаде значење како домашното воспитување и здравите семејни односи, со кои би било покорисно да сме окупирани. Пак ќе кажам, тоа е само мое мислење и став кон оваа тема.

Од професионална гледна точка, со какви нутриционистички проблеми луѓето во Македонија најчесто се среќаваат и која е причината за тоа?

-Дебелината се разбира, а не е за потсмев воопшто и здравствените проблеми за кои таа е главен ризик фактор, како дијабет тип 2 и ред други. Причината за главниот проблем – дебелината, пред сè ја гледам во слабата или воопшто немањето на физичка активност, што за жал, без исклучок е присутна кај секој човек со БМИ >30. Навиките се друга тема, кои исто треба да се корегираат и сменат, но пред сè движење. А дебелината во детската возраст е еден голем поблем на кој треба да му се придаде ама баш посебно внимание.

Во вашиот Инста-дневник споделувате и модни комбинации. Што модно Ве предизвикува?

-Не би се истакнала воопшто како човек што следи мода, или па би била некој fashion блогер дополнително, хахах. Едноставно носам тоа што ми е удобно, тоа што ми се допаѓа и си го следам сопствениот стил, кој е лежерен и едноставен. Па така и тоа што го споделувам, доаѓа од она што го носам секојдневно и ми се допаѓа, ме отсликува мене и пред сè ми дава комоција, не сакам „тесни„ залепени парчиња облека.

Како изгледа еден Ваш ден?

-Мојот ден е многу едноставен во принцип. Будење со најубавите очиња за секоја мама – оние на своето дете, па оттука почнува трката за во градинка, на работа, попатно шминкање во лифт и финално возење на мојот велосипед до работа и назад што ми е еден од омилените делови во денот. Па кафе со работа, дома со ручек, секогаш се трудиме да ручаме заедно и да му го пренесеме тоа на синот, бидејки заедничкото собирање на трпеза е многу повеќе од само ручек. Потоа слободни активности со него, се трудам да поминеме квалитетно време заедно, преку игра да учиме и нови работи, иако тоа понекогаш знае да биде навистина захтевно за двајца родители кои се брз помош од баби и дедо преку недела, но верувам дека даваме најмногу што можеме. Потоа кревет, и пак утре рутина, сè до викенд. За викенд имаме друга шема каде Огнен поминува време и со нашите родители и тета, а мама и тато имаат време и за себе и за пријатели, што сметам дека и тој аспект од животот на еден човек е мнооогу важен. Значи за викенд полниме батерии за цела недела, со други збоови : )

 

Што е најголемиот предизвик за Вас како родител/мајка?

-Да му ги покажам вистинските вредности на моето дете, а тоа е да израснеме чесен, искрен човек, со чиста душа и срце, што знае точно кој е и што е, и што сака да биде и даде на овој свет. Но, во родителството не можеш да знаеш што си создал, сè додека не помине многу време и го видиш тоа дури кога детето што до вчера било бебе, стане возрасен човек спремен да се соочи со светот. На крајот, ние сме тие што треба да му ги насликаме вистинските вредности на тоа празно платно и како ќе се развива понатаму многу зависи од нас, родителите. Затоа квалитетното време особено во првите 5 години од животот, поминато заедно е многу важно во оформување на карактерот на детето, па да се потрудиме да го дадеме најдобро тоа што го имаме.

Објавено:
16 март 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.495 пати