На крајот, сите жени се претвораат во своите мајки

12 февруари 2016

Не сите жени добро го прифаќаат стареењето. За некои тоа претставува една од суровите нешта на животот. Косата станува седа, кожата од мазна – „збрчкана“.

На некои пак им е уште потешко кога ги гледаат ќерките, кои патем многу личат на нив, како потсетник за тоа како било некогаш, потсетник за изгубената убавина.

Од друга страна, ќерките внимателно ги набљудуваат мајките, гледајќи го во нив својот иден израз.

„Дејли Мејл“ одлучи да сподели пет приказни на оваа тема. Пет мајки и ќерки зборуваат за стареењето и сличностите, за тоа како се чувствуваат.

За тоа, дали сите жени и карактерно се претвораат во своите мајки, тоа е тема која друг пат ќе ја отвориме. Во протолжение прочитајте ги споментатите пет.

 

Ако изгледам како неа кога ќе остарам, ќе бидам среќна

Сара Персон (62) води своја ПР-агенција. Има три возрасни деца и живее со сопругот во Лондон. Нејзината ќерка, Клеми (30) е директор во агенцијата и живее исто така во Лондон.

Сара и Клеми

Сара: Клеми често вели дека личи на мене. Но, греши. Таа е многу поубава отколку што бев јас. Но, не чувствувам завист или било што лошо кога ќе ја погледнам. Таа е мојата сакана ќерка – како можам да чувствувам било што освен уживање и среќа? Покрај тоа, многу сум среќна што ги дочекав овие години без било какви здравствени проблеми. Секој треба да го прегрне стареењето со позитивност, а не опсесија од брчки. Менувањето на изгледот нема да те направи навистина среќен – токму затоа јас никогаш не пристапив кон ниту една козметичка процедура или зафат. Без разлика на тоа колку лошо ќе стареам, нема да го направам тоа. Постојат неколку работи што можете да ги направите за вашата кожа – редовните фацијални вежби се витални. Мојот совет до мајките како мене? Уживајте во убавината на ќерките. Тоа е подарок што сте успеале да им го дадете.

Клеми: Кога луѓето ќе кажат дека личам на мама, таа вели дека тоа е ужасно за мене. Но, ако успеам да изгледам како неа на тие години, ќе бидам среќна. Има прекрасна структура на коски и одлична кожа, на која по малку и ѝ завидувам, затоа што почнав да ги забележувам првите брчки кај мене. Можеби затоа што сум голем обожавател на сонцето, а мама секогаш става фактор 50. Ги наследив нејзините очи и насмевка. Но, најголемиот дар што можела да ми го даде е позитивниот став за мојата појава.


 Стареењето ми е тешко бидејќи бев многу атрактивна

Џоси О’Рурк (48) е заменик менаџер во книжара. Разведена е. Нејзината ќерка, Џоди Кларк О’Рурк (24) е менаџер на настани.

Џоси и Џоди

Џоси: Мојот изглед ми е многу важен. Признавам дека сум површна. Кога ќе се видам без шминка, за мене е тоа обесхрабувачки. Некои жени го прифаќаат стареењето, но јас не можам затоа што бев многу атрактивна, токму како мојата ќерка Џоси. Стареењето дефинитивно е потешко за атрактивните жени. Ако се грижите за изгледот, имате повеќе да изгубите. Но, сметам дека за 48-годишна жена изгледам прилично добро. Како и да е, секој пат кога ќе застанам до Џоди се потсетувам на тоа како беше. Имаме исти образи, само што нејзините се помлади. Откако наполнив 40, на секои шест месеци ставам ботокс. Но, треба да има баланс. Јас секогаш носам многу шминка, но не треба да се претера. Сакам да изгледам младо, но не и глупаво.

Џоди: Стареењто уште не ми ни паднало на ум. Ми се допаѓа тоа што го гледам: Атрактивна сум. Мама е јасна во ставот дека го мрази стареењето. Би сакала да види дека сè уште е прекрасна. Ми се допаѓа тоа што личиме – имаме исти очи, насмевка и дупчиња на образите. Мама има неколку правила за убавина, што ми ги повторува. Покрај кремите за кожа, ми вели кога ќе ми се појави некоја дамка или мозолче, да го наместам алармот да ми ѕвони на секои два часа во текот на ноќта, за да ставам креми за можам што побрзо да се „решам“ од нив. Исто така, ми вели да избегнувам сончање, но јас го игнорирам тоа. Многу сакам златен тен. И да користам еден ден ботокс како мама, нема да ми пречи. Не ми пречи ако изгледам како неа. Се надевам дека ќе е така.


Убаво е кога луѓето ќе ги забележат сличностите помеѓу нас

Истер Сејвиџ (73) е пензионирана домаќинка. Мажена е и има две ќерки. Нејзината ќерка Венди Брејк (43) е педијатар и живее со синот Даниел (3).

Истер и Венди

Истер: Откако наполнив 40 години, не носам шминка, освен за ова сликање. Не ми стои многу. Тоа е тотална спротивност од моите 20-ти, кога сакав да ставам тони, да експериментирам со косата и да носам високи потпетици. Потоа се омажив и добив деца. Моите приоритети се променија – не поради годините, но поради инаквите перспективи. Моите деца секогаш беа на прво место. Минатата година закрепнав од сериозна операција, така што тоа ми е уште една потврда дека да си здрав е многу поважно од тоа како изгледаш. Интересно е да се види како Венди од мене го прифатила ставот за убавината. Воопшто не вложува многу во скапи лосиони. Но, не ни се само ставовите слични. Имаме иста насмевка и нос. Убаво е кога ќе се види таа сличност.

Венди: Стареењето не ми пречи. Исто како и мама, за мене тоа е ослободувачки. Постојат многу поважни работи во животот, како на пример здравјето. Неодамна изгубив преку 10 килограми откако имав вградено гастро-бајпас. Пред три години станав мајка и тоа исто така ми помогна да видам што е важно. Тоа дефинитивно не е изгледот. Така што, кога ќе видам линија од брчка, воопшто не се грижам. И како и мајка ми, не носам шминка. Зошто да ставам? Изгледам добро и без неа. Мојата рутина е едноставна. Го мијам лицето со вода и тоа е сè.


Мислев дека никогаш нема да личиме, сè до сега

Френсис Дунскомб (83) е домаќинка, која неодамна стана модел. Од пред пет години е и вдовица и има една ќерка, Тинека Фокс (57), која исто така е модел. Мажена е за Бери (63) и имаат три возрасни деца.

Френсис и Тинека

Френсис: Кога ќе се погледнам во огледало, гледам некој што секој ден старее. Но, секогаш се чувствував помладо во споредба со моите врсници. Повеќето од нив се со една нога в гроб. Шмикањето и грижата за кожа не ми пречеше сè до доцните 50-ти. Но, тоа што минатата година ме прашаа да бидам модел, ме натера да размислувам повеќе за мојот изглед. Сепак, нема потреба за грижа. Не можете да ги смените работите. Сè уште се чувствувам младо и танцувам низ куќата кога слушам радио. Сè до денеска, мислев дека јас и Тинека никогаш нема да си личиме. Во неа секогаш ги гледав сопругот и свекрвата. Во моите очи, таа секогаш беше поубава од мене. Сега гледам колку многу ќерка ми има од мене. Се надевам дека и ставот го попримила. Позитивноста секогаш те прави привлечен.

Тинека:  Мајка ми секогаш беше прекрасна, а без многу труд. Секогаш бев свесна за тоа. За среќа, нејзините добри гени ги имам и јас, како и здравите навики. Дури и во 1970-тите, кога не беше по модата, таа купуваше здрава храна. За среќа го имаме истиот метаболизам. Мислам дека не изгледам старо, барем не додека го видам својот лик во моите ќерки, кои имаат 22 и 32 години. Само тогаш мислам: „Боже, што ми се случи“. Погледот насочен кон мајка ми пак, ме охрабрува, не ме плаши.


Ако за 30 години изгледам како мама, супер!

Ронда Мекинтош (45) е модел и живее со сопругот Кенет (53) во Гласгов, со двете деца, од кои едното е ќерка, Дарси и има 15 години.

Ронда и Дарси

Ронда: Кога ќе ја погледнам Дарси, се гледам себеси млада. И тоа многу јасно. Како да одам наназад во времето. И другите го забележуваат тоа. Ја застануваат на улица и ѝ велат, ти мора да си ќерката на Ронда. Нејзинте сини очи, што никој друг во семејството ги нема, секогаш привлекуваат внимание. Би сакала да ги имав. Стареењето не ме прави несреќна. Веќе сум во 40-тите и сè уште се чувствувам удобно со самата себе. Важно е да се грижиш за себе, другото ќе си дојде само по себе.

Дарси: Иако отсекогаш знаев дека си личиме со мама, сепак кога ги гледам овие фотографии, нашата сличност навистина ме изненади. Ако за 30 години изгледам како таа, ќе биде супер! Но, има и неколку работи што не ги сакам кај мене, на пример обликот на носот. Го наследив од татко ми. Никогаш не сум чувствувала некаков притисок околу мојот изглед поради изгледот на мајка ми. Таа ме научи дека е многу подобро да си паметен отколку убав, затоа што изгледот може многу бргу да го снема.

Објавено:
12 февруари 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
5.824 пати