На жените им требаат пари и соба за себе

31 март 2016

Неодамна се одбележаа 75 години од смртта на писателката Вирџинија Вулф, која според многумина знаела точно што им треба на жените. „Жените треба да имаат пари и соба за себе“, ќе каже авторката во 1929 година.

Вирџинија Вулф

Со оваа изјава, таа конкретно мисли на тоа што треба да ѝ биде овозможено на жената за да може да пишува. Но, ако фикцијата од почетокот на 20-тиот век ја замениме со „успех во кариерата“ на денешницата, мислењето на писателката ќе биде сè уште релевантно.

Во текстот „A Room Of One’s Own“, Вулф смета дека жените ги пропуштиле своите шанси во последните неколку века. Таа размислува за тоа што би се случило доколку Шекспир имал подеднакво талентирана сестра.

Се прашува каков би бил светот доколку на жените им било овозможено еднакво образование и можности во 18-тиот век. Вулф заклучува дека работите бавно, но сепак се подобруваат за жените и дека за 100 години ако „имаме 500 долари за нас и соба за себе; навика за слобода и храброст да го пишуваме она што точно го мислиме“, тогаш „можностите ќе дојдат сами“.

Со други зборови: помогнете им на жените да добијат финансиска и духовна слобода и тие ќе го достигнат успехот што со векови биле спречувани да го постигнат.

Денес, 75 години откако Вулф изврши самоубиство, како последица на депресија, нејзините зборови се посилни од било кога.

Жените сè уште копнеат по храброст да пишуваат и да кажат што мислат, настрана од практичните потреби од пари и простор. Да се има 95.000 евра годишно (односно 75.000 фунти што е денешен еквивалент на 500-те фунти на Вирџинија) и имањето соба за себе е далечен сон за многу британски жени. А за младите жени во 20-тите е смешно.

Просечната плата во Британија на годишно ниво е 34.893 евра (односно 27.531 фунти), а жените заработуваат 19.2 проценти помалку од мажите, што значи дека жените се многу подалеку од посакуваните 75 илијади отколку мажите, а тука мора да се додаде и фактот дека жените преостанатото време од денот го користат на домашни обврски и чување деца.

Да се има своја соба денес изгледа како уште поголем луксуз отколку во 1920-тите. Нормата на една млада жена во Британија е да земе мал стан, со мувлосани бањи, без дневна соба и речиси 900 евра (700 фунти) месечна кирија во Лондон. Или ако се среќни, да се вратат во домот на родителите.

Идејата да се живее сам е далечен сон. Кириите се толку високи што повеќето жени во 20-тите трошат повеќе од половина од нивната месечна плата за да живеат во импровизација од стан, што го делат, затоа што не можат да си дозволат еден за себе.

Купувањето недвижнина пак е уште поневозможно за оваа генерација „под кирија“. По сè изгледа Вирџинија не можела ниту да претпостави дека и сто години подоцна, жената ќе ја нема моќната позиција што таа била сигурна дека ќе се случи.

Објавено:
31 март 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.568 пати
Извор: 
Telegraph.co.uk