Највпечатлива филмска костимографија

18 мај 2013

Казанова

За вистински да се пренесе приказната и да се долови темата, покрај квалитетната актерска екипа, синхронизираната музика, возбудливата сценографија, емоцијата целосно ја доживуваме и преку соодветната костимографија која во зависност од тоа за каков филм станува збор ни го пренесува мирисот на некое друго време, не лоцира во некој за нас туѓ свет, ни го открива идентитето на улогите, не запознава со меѓусебниот однос на актерите. Светската филмска индустрија е инспиративен извор кој не натера да одвоиме неколку впечатливи кинематографски остварувања кои покрај другото се интересни да се анализираат и од аспект на автентичната костимографија.

 

Casanova (2005)

Богатата костимографија во филмот кој на големото платно го пренесува возбудливиот живот на еден од најголемите љубовници на сите времиња, е есенцијален елемент во креативниот дизајн на големото уметничко остварување.

Со оглед на фактот дека дејствието временски е лоцирано во 18от век кога Венеција била европска модна метропола, јасно е дека костимографијата за Casanova е вистински предизвик. Со цел да се пренесе автентичноста на аутфитите од 1740-те и 1750-те години и да се зачува драматичноста во нивното филмско прикажување, на костимографијата работеле четири различни италијански модни куќи:  Tirelli CostumiNicolao AtelierCostumi d'Arte и G.P. 11.

 

Titanic (1997)

Трагичната романтична приказна никого не остави рамнодушен, а доживувањето на социјалниот и економски процеп помеѓу различните сталежи на кои припаѓаат двајцата главни протагонисти, најавтентично беше прикажано преку изборот на костимографијата која ја потпишува Deborah Lynn Scott.

Емоционалното и визуелното градење на карактерите во Titanic е совршен спој помеѓу одличната актерска екипа и фантастично изработената костимографија наградена со најпрестижното академско признание-Оскар.

 

Breakfast at Tiffany's (1961)

Револуционерно филмско остварување кога модата е во прашање. Малиот црн фустан на вонземски шармантната  Audrey Hepburn после овој блокбастер станува задолжително парче облека во плакарот на секоја жена, а за светските дизајнерски имиња класика модифицирана во бесконечни варијанти.

 

Pride & Prejudice (2005)

Кога светот на романтичарката Џејн Остин ќе се преслика на филмското платно предизвикува бура од емоции и максимално препуштање на креативниот занес во изработката на костимите. Водечкиот костимограф на филмот  Jacqueline Durran се навраќа на модата од доцниот 18-ти век кога актуелни биле корсетите и природната силуета на женското тело. Костимите точно ги рангираат карактерите на општественото скалило во што секако се препознава мајсторската изведба и проучувањето на историјата на модата од тој период.

 

Chicago (2002)

Оскар за најдобра костимографија за 2002 година. Мјузиклот Chicago е посебен од различни аспекти, но целиот гламур, сексапил и отменост дефинитвно достигнуваат кулминација преку прецизно и внимателно одбираните костими.

 

 

Објавено:
18 мај 2013
Категорија: 
Стории