Не носат сите херои наметки: Не сакам респиратор, спасете некој помлад

2 април 2020

Сузан Хојлаертс е името на 90-годишната жена од Белгија која го разнежни сиот свет со својот гест. Имено, во текот на претходниот месец, таа била примена во една болница, откако почувствувала губење на апетитот и на здивот. 

Испитувањата покажале дека е позитивна на вирусот Ковид -19, а нејзината ситуација многу бргу се влошила. Година дена претходно, таа била болна од пневмонија, а нејзината ќерка Џудит, вели дека не ѝ е јасно како се заразила од вирусот, бидејќи ги почитувала сите мерки.

Како пренесуваат белгиските медиуми, Сузан им кажала на докторите: „Не сакам да ми давате респиратор. Чувајте го за некој помлад пациент и спасете го. Јас веќе имав добар живот“.

За жал, два дена после тоа, нејзиниот живот ќе згасне.

„Пред да ја стават во изолација, мајка ми ми рече, мораш да бидеш силна и да не плачеш. Ти направи сè што можеше. Не можам да се збогувам со неа, а исто така поради околностите, не можам да присуствувам ниту на нејзиниот погреб“, изјавила Џудит.

Оваа трогателна приказна допре до многумина и се рашири на социјалните мрежи.

„Не носат сите херои наметки“, „Никогаш нема да ја заборавиме жртвата на Сузан“, „Ваков гест во денешно време е вистинска реткост“, „Ти благодариме жено со огромно срце“, се само дел од коментарите.

Поради недостиг на респираторни машини, докторите во некои земји се принудени да избираат на кој пациент ќе му дадат можност да живее. Најчесто тие ги поставуваат на механичка вентилација пациентите кои имаат најголеми шанси да преживеат во борбата против вирусот.

Ќе беше идеално оваа приказна да добиеше среќен крај, но макар и ништо друго да не направила во животот, овој гест е живот вреден. Толку возвишено, а истовремено и тажно.

Инаку, во Белгија бројката на заразени е околу 14.000, а на оние што го загубиле животот, повеќе од 800.

 

Објавено:
2 април 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
283 пати