Приказни од градот

Не сакам да сум обичен студент!

3 октомври 2019

Студент по медицина, оратор, водител, автор на книги, трчач... Сето ова е дел од секојдневието на 21-годишниот Филип Дракалски. Поводот за средбата беше најавата за неговата прва книга поезија насловена „Его“. Ни кажа дека никако не сака да биде обичен студент, па со тоа и го започнавме разговорот.

„Наскоро ќе ми биде објавена четвртата книга, а прва книга поезија. Воедно, имам и свој блог, каде што се промовирам. Но кога некој ќе ја прочита ќе сфати дека книгата не е само за љубов, туку и други теми кои ми се мене блиски. Целта на блогот е не само себепромоција, туку сакам да ги вклучам и другите што се креативни. Верувам дека од другата страна има уште некој Филип кој што сака да сподели нешто, но нема храброст. Но, пред се треба да се има желба и упорност. Па со промоцијата на книгата, ќе има и промотивни акции и кампањи, со цел да се поттикнат и другите на креативност“, најави Дракулски.

За него поезијата и медицината се тесно поврзани.

„Науката и технологијата знаат  да бидат поврзани, речиси секој пат. Сега најголемото прашање е зошто треба да се поврзани и како. Верувам дека медицината и моето хоби, пишувањето поезија имаат една заедничка работа – срцето“.

Но, ова не се единствените активности на Филип.

„Завршив втора година, но освен што студирам, работам и на проекти. Неодамна, во рамки на Вториот конгрес на студентите по медицина, каде темата беше „Зошто ни е медицината, ако на крајот сепак умираме“. Земав учество со интересна тема, хистопатолошка, кде целта беше да се зборува за начинот, изработката и визуализацијата на нервите, односно по методот на Линдер, како преку импрегнација да се направи разлика помеѓу сите нерви и нервни завршетоци, како тоа изгледа, притоа се земаат од хумано потекло... Од манифестацијата се вративме со награда, заедно со мојата ментока, проф.д-р Лена Какашева Маженковска. Многу сум ѝ благодарам бидејќи не само што ме убеди дека сум створен ова да го работам, туку како студент кој не е од фамилија доктори, успеа да ме  насочи, да застане позади мене и да ме убеди дека тоа што го правам е добро. Така, добивме награда – најдобра орална презентација, а мојата љубов кон медицината да стане уште поголема“, ни раксажа Филип.

Инаку, љубовта кон пишаниот збор ја има уште од дете. Првата книга ја објавува на 12 години и е автобиографија.

„Сега ќе си речете како дете да напише автобиографија. Но, тоа е времето во кое јас созреав и имав потреба некои работи да ги пренесам на хартија. Отсекогаш сум бил „мета“, бидејќи сум бил амбициозен и успешен, па на некои им пречела мојата успешност. Токму со овој роман победувам на „Романијада“ во Битола. Секогаш сум бил самоуверен за тоа што го пишувам. Или човек се раѓа со тоа или не. Тоа тешко се учи. Предрасуди знам дека имало, што и да направиш во животот, може да биде предмет на предрасуда. Истото ми го кажаа и кога запишав на медицина – зошто, па ти пишуваш или можеш да бидеш телевизиски говорник. Но, тоа е моја одлука, и на луѓето им пречи туѓиот успех. Предрасудите се тука да не потсетат за тоа кои сме “, вели студенот.

Инаку, Филип е од Берово, детството го поминува таму, а на прашањето која е неговата прва асоцијација за родниот град ќе каже:

„Првата асоцијација за Берово ми е : „мал град“. Колку што го сакам, толку ми е енигма. Се познаваме цел град, а една третина не си велиме здраво. Таму завршив основно училиште, бев стипендист на Јахја Кемал во Штип, но после две години се враќам во Берово, затоа што моите родители мораа да заминат за Германија поради егзистенција, а јас бев приморан да се запишам во беровската гимназија. Иако го сакам, сепак знам дека не ми соодветствува. За Скопје пак, првата асоцијација ми е : „Ова сум јас“. Повеќе ми одговара ова темпо на живот, а и мајка ми е од тука, па може и тоа има влијание.

Во слободно време прифаќа и водителски ангажман. Годинава, по четврти пат го водев „Етно плоштад фестивал“ во Берово. Не сакам да гледам серии, уживам да слушам музика, да читам. Коста Петров ми е омилен автор, на неговите книги „Нашето последно кафе“ и „Никој не рече дека ќе биде лесно“ знам да им се навраќам повеќе пати. Коста Петров кажува сè што јас сакам да кажам :). Исто така и спортувам, обожувам да трчам, така си ги „луфтирам мислите“ – вели Филип.

Инаку, љубовта кон трчањето ќе започне во средношколските денови, кога ќе доживее и комплетна трансформација.

-Во тој период изгубив 58 килограми и е приказна која не секогаш ја споделувам. Бев дете кое не го интересирало спорт, антиталент сум бил за тоа. Но, во еден момент доживувам трансформација и во главата, дека не сакам да изгледам така и дека морам да се посветам на себе. Покрај здравствените причини, сфатив дека за себе, морам да почнам да спортувам и да се хранам здраво. Сметам дека во прв момент од една отидов во друга крајност, но потоа дојдов до балансот кога е изгледот во прашање. Килограмите ги симнав за година ипол, но со интензивни тренинзи секој ден од по 4 часа. Првин трчав по 4 километри, за да стасам до 14 километри и до изгледот кој го имам сега. Сето ова се случува поради погрешна дијагноза на доктор, доживувам незадоволство. Му благодарам на Бога што ништо од тоа не е точно, туку само една погрешна дијагноза. Но, тоа не е причината поради која запишав медицина. Сакам да им помагам на луѓето и уште од дете знаев што ќе студирам – потенцира Дракулски.

Инаку, Филип победи и на 21. Ораторска вечер на Правниот факултет.

- Ја освоив специјалната наградата за најдобар сценски настап „Бранко Ѓорчев“. Говорев за незадоволството на студените, зошто си одиме од Македонија, како професорите мислат дека се вистинскиот двигател во светот....Заклучокот беше дека засекогаш треба да се бориме, без оглед дали сме први или последни – објаснува тој.

А на прашањето, дали тој би заминал од Македонија, ќе каже:

„Каменот си тежнее онаму каде што му е местото. Во животот сакам сè да постигнам сам. Не сама мама или тато да се тука да трчаат секогаш позади мене, сакам сам да управувам со својот живот.  Без разлика колку сакам да прошетам и да видам што се случува во странство, сепак мора и тука да остане некој и да се бори. Што ќе се случи ако сите заминеме? Ќе оставиме пустош, а само со борба за заеднички да функционираме можеме на еден начин да го оттргнеме она што не ни се доапаѓа и да изградиме, па зошто да не и нов, подобар и помодерен свет за нас – порачува Филип.

Објавено:
3 октомври 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.006 пати