Животот умее да биде навистина тежок, понекогаш и суров, но исто така непредвидлив, па во моменти кога мислиме дека немаме излез, да се појави блесок кој темнината ќе ја претвори во ден.
Роман Филипов е руски моден фотограф, кој одлучил да го искористи својот талент за да му помогне на својот пријател Јуриј Ветлугин и да ја врати светлината во неговиот живот.
„Првпат го запознав Јурa на камп за деца со посебни потреби, каде што работеше мојата мајка. Јуриј како бебе бил оставен на праг на едно сиропиталиште, каде што и порасна, а му беше дијагностицирана и психолошка попреченост. Мојата мајка и баба му помагаа во текот на годините, но тој пред неколку години беше жртва на измамници. Оттогаш западна во долгови и тешко спојува крај со крај. Забележав дека е многу згоден и фотогеничен, па помислив дека не би било лошо да го фотографирам на ист начин како и моделите“, вели 33-годишниот Филипов за телевизијата „UTV“.
Јуриј
Имено, Јуриј бил измамен да земе заем од преку 500.000 рубљи (7.000 долари), а потоа бил присилно одведен во блиското село да работи како домар и да врши други домаќински работи - неплатено. Откако киднаперите за малку ќе го убиеле со секира, успеал да избега во местото Уфа и да го пронајде патот до роднини на Филипов. Немал доволно пари за да ги отплати долговите, па Филипов дошол на идеја да направи да изгледа како модел во познатите магазини.
Модните фотографии кои изгледаат како Јуриј да е фотографиран за магазинот GQ, ги споделил на Инстаграм, заедно со оние кои го прикажуваат додека ја врши својата работа како домар или додека се одмора во својот дом во градот Уфа. На своите следбеници им ја објаснил ситуацијата на пријателот посочувајќи им со што се занимава и дека лесно можел да биде модел доколку имал малку повеќе среќа во животот. Воедно, ги замолил следбениците со мали донации да му помогнат да ги врати долговите.
Реакциите на Инстаграм публиката биле повеќе од позитивни, а Филипов успеал да собере дупло повеќе средства од потребното.
Ветлугин бил трогнат од иницијатива. Локалните медиуми исто така се заинтересирале за приказната, а 42-годишниот домар не можел да ги сокрие солзите од среќа. Тој открил дека успеал да добие и понуда да се појави во реклама за бренд за очила.
И покрај тоа што му е многу драго поради што се' што му се случило, сепак не е сигурен дали неговата кариера како модел ќе потрае. Неговиот пријател му отворил и Инстаграм профил: @ura_gq, а веќе го следат преку 30 илјади луѓе.
Без разлика што ќе одлучи, оваа приказна е пример за моќта на пријателството, добрата волја и емпатијата.
фото: @filippov_photo;