Од каде огромниот интерес за Мерилин Монро во 2022?

17 мај 2022

Мерилин Монро е една од најпопуларните личности во 2022 година, барем досега. Таа секогаш привлекувала огромно медиумско внимание, но годинава сите светла се повторно свртени накај нејзиниот живот.

Една од главните причини е што токму годинава се одбележуваат 60 години од нејзината смрт. Таа беше пронајдена мртва во нејзиниот дом во Лос Анџелес на петти август, 1962 година. Од друга страна, да не беше така, на 1 јуни ќе го прославеше 96 роденден.

Оваа годишнина беше предизвик за многу уметници да го посочат значењето на Монро за американската, а и генерално поп културата.

Да тргнеме само од последната МЕТ Гала и изгледот на Ким Кардашијан, која се појави токму во фустанот кој Монро го носи на роденденската забава на Џон Кенеди, пеејќи му ја „Среќен роденден, господине претседателе“. Првиот таканаречен „гол фустан“ кој денес е една од најзастапените естетики во шоу-биз сцената, а тогаш се граничеше со скандалозна креација.

На забавата се појави во реплика на уште еден нејзин фустан, и на нејзин начин оддаде почит кон нејзиното влијание врз американската култура и мода.

Претходно, кон крајот на април, „Нетфликс“ беше премиерно прикажан документарниот филм „The Mystery of Marilyn Monroe: The Unheard Tapes“. Се работи за филм во кој главната тема е нејзината смрт и непознатите детали околу трагичниот настан. Исто така, содржи необјавени снимки на околу 650 интервјуа на Ентони Самерс, ирски писател, со луѓе кои ја познавале Монро или ги знаеле деталите за нејзината смрт. Тој во 1985 година ја има објавено книгата „Goddess, the Secret Lives of Marilyn Monroe“. Сепак, колку и да звучи интригантно, критиките не беа благонаклонети кон остварувањето, бидејќи како велат критичарите, во фокус се ставен шпекулации и веќе познати факти за смртта на Мерилин. Но, од друга страна, повторно ги поттикна приказните и интересот за неа. 

Покрај документарниот филм, годинава на големото платно ќе ја врати и режисерот Ендрју Доминик. Се работи за биографската драма „Blonde“, која се “крчкала“ уште од 2010 година. Минатата година конечно го завршува снимањето, кое е неколкупати одложено поради пандемијата. Ана Де Армас е Мерилин Монро, додека Едриан Броди е во улога на нејзиниот тр ет сопруг, Артур Милер. Во филмот се појавуваат и Џо Димаџио, Џулијан Николсон, Боби Канавале, Каспар Филипсон... Филмот се занимава со тоа како траумите од детството го обликуваат човекот на возрасни години, па многумина очекуваат поинакво филмско остварување за култната Монро.

За сега се знае дека премиерата ќе биде на „Нетфликс“, но точниот датум се' уште не е познат.

Инаку, нејзиното вистинско име е Норма Џин Мортенсон. Нејзината баба и мајка имале ментални проблеми, па поради тоа Мерилин целиот нејзин живот се плашела да не полуди, а поради траумите од детството, понекогаш знаела да пелтечи.

Таа била испратена во сиропиталиште на девет години, откако мајка ѝ била хоспитализирана поради прблеми со психичкото здравје. На само 16 години, Мерилин за прв пат се омажила со Џим Доерти со кого била во брак четири години.

Уметничкото име ѝ го дал Бен Лајон од студиото Фокс кој во една прилика ѝ рекол дека таа за него е Мерилин, мислејќи на Мерилин Милер, позната актерка од мјузикли. На името, таа го додала презимеро од нејзината баба, Монро.

Во 1950 направила пластична операција на носот и брадата за да изгледаат позаоблени и поцврсти. Истата година, за прв пат се обидела да се самоубие откако дознала дека нејзиниот партнер и агент Џони Хајд починал.

Позната била по тоа дека секогаш многу доцнела на било какви состаноци и настапи. Со славата, и нејзиното однесување многу се променило, па дури и режисерите на филмовите во кои глумела секогаш ја чекале, дури не ни знаеле дали ќе се појави.

Во бракот со Артур Милер таа останала бремена, но го изгубила бебето по шест недели бидејќи станувало збор за вонматерична бременост.  По неуспешната бременост, таа повторно се обидела да се самоубие. По неколку месеци, повторно забременила од Милер, но го изгубила и тој плод. Нејзините пријатели велат дека оваа бременост била за време на снимањето на „Some like it hot".

Нејзиниот колега Тони Куртис ќе каже дека било многу тешко да се работи со неа и дека изгледало како „да се бакнуваш со Хитлер". Колку што се' било јавно, толку било и обвиткано со мистерија, што можеби е и еден од клучните фактори поради кои секогаш ја интригира јавноста, па дури и 60 години по нејзината смрт.

Објавено:
17 мај 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
386 пати