Од „Spice Girls“ до „All Saints“: Влијанието во модата на женските поп групи од 90-те

22 април 2020

Иако звучи како вчера, од 1990-та година поминаа три децении. За мојата генерација, симболиката на оваа декада е што ни го обележа детството: веројатно припаѓаме на последните кои растеа без технологија или барем без значајно влијание на технологијата. Па така растеретено бевме деца на 90-те.

Паметам дека омилените поп женски бендови ги слушавме на касета, па песните ги паузиравме на секој стих за од прилика да го доловиме и напамет научиме текстот, па потоа следуваше осмислување кореографија и ритмичка точка што ја изведувавме или пред маалските другари или во некој двор или во некоја скриена уличка, далеку од љубопитните погледи на „јавноста". Ама ни беше забавно, особено моментот кога требаше да се договориме за „костимографија", нели за сценскиот настап да биде комплетен.

Е тука доаѓаме до етапа на полемики, дебати, заседанија, главоболки... Кој каква маичка со каква боја ќе носи, со кои патики, со или без качкет и така до бесконечност додека уживавме во нaшето безгрижно детско безделничење и наивно осмислување на нашиот „сценски идентитет".

Прво што ми паѓа на памет, како дете од 90-те и како јас тогаш ја доживував модата преку женските поп групи, се неколку фази што ги обележала некоја визуелна естетика, па веројатно така и сум ги селектирала во мојата меморија.

„Spice Girls" фаза... Без разлика какви биле вашите лични музички афинитети и во кој музички правец бил вашиот свет, „Spice Girls" едноставно беа сеприсутни и не можете, а да не ги знаете, барем од општа култура. Често се идентификувавме со некоја од нив, па тука филмовите се размотуваа до детали. Така се пренесуваше нивното влијание кое понатаму создаваше тенденции, што секогаш ќе останат белег на 90те, на кои и денеска после 30 години, дизајнерите се навраќаат (па дури и самата Викторија Бекам) и ги редефинираат и репродуцираат, па така осовремени им ги сервираат на новите генерации тинејџери.

„Кртака маичка и широки панталони" фаза... Хип-хоп културата во 90-те беше особено ангажирана. Иако алтернативна, се рефлектираше во трендовите што беа прво скептично, а потоа општо прифатени. Се сеќавате на TLC? Кратки маички, гол стомак и широки панталони им беа документ за лична идентификација.

„4 Non Blondes" фаза... Важеа за алтернативен поп-рок бенд и имаа широка база фанови. Децата од 90-те во нив гледаа бунтовничка сила и се идентификуваа со нивната бескомпромисност. Малку рок, малку гранџ, карирани кошули врзани околу струк и искинат џинс, совршено одеа со „Баш ми е гајле" став.

„All saints" фаза... Беа поим за фраерки. Во време на 90-те тие беа ИН. Тоа што беше актуелно од моден аспект, го имаа на себе. Џинс, џинс, џинс.. Секоја од четирите членки имаше јасно дефиниран стил, а заедно функцонираа како совршена хомогена целина. Миксаа стилови што ги охрабруваше тинејџерките да експериментраат со својот имиџ и токму поради нивнинте флексибилни стилски трансформации, имаа големо влијание во насочувањето на модните текови во 90-те.

Секој имаше своја препознатливост, карактер и идентитет, копирањето немаше вредност, туку на цена беше автентичноста. Затоа, кога ќе ги разгледате фотографиите во галеријата, ќе се потсетите дека дури и кога поп ѕвездите во 90-те имаа слична фризура или шминка, секој личеше на себе, а нималку не наликуваше на друг.

Календарски е 2020 година, но ретро носталгијата по 90-те се насетува дури и во актуелните модни тенденции. Нови клинци и ретро мода...

Фото: Pinterest

Објавено:
22 април 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
416 пати