Одри Хепберн – безвременска приказна

26 октомври 2016

Холивудската звезда која светот ќе го освои со филмот „Доручек кај Тифани“, „Празник во Рим“ и „Сабрина“, по многу работи беше единствена и предизвикуваше не само восхит туку и почит.

Стилска икона на модерното време, многу повеќе од актерка и моден арбитер. Слаба и со струк од неверојатни 50 сантиметри, секогаш елегантна во крезиите на нејзиниот омилен дизајнер Живанши, таа беше вистинско отелотворување на идеалот за женственоста.

Велат, поседувала неверојатен шарм, добрина, големо срце, а пред сѐ, драмска префинетост со која се издигнувала над она холивудско секојдневие проследено со скандали и сензации.

Многу рано останува без својот татко и тоа е причината што многу големо значение ќе посвети на своето семејство и на нејзиниот приватен живот. Посветувајќи се на своите деца, таа ќе почне да се грижи и за децата на светот  како амбасадорка на УНИЦЕФ.

Родена е 1929 година во Брисел, мајка и е Холанѓанка, инаку припадник на холандската аристократија, а татко ѝ е ирски банкар. Тие ја праќаат во интернат во Англија каде почнува да учи балет.

По завршувањето на Втората светска војна нејзините родители се разведуваат и таа оди со мајка и во Холандија надевајќи се на подобри денови после сите сивила за време на војната.

За време на војната таа неуморно ќе игра балет  и тоа ќе ја доведе до изнемоштеност, па често и немала сила докрај да одигра некоја претстава. Поради недостаток од храна, таа ќе има пореметување во начинот на исхрана со кое ќе се бори до крајот на животот.

Токму нејзината линија ќе и ја одреди иднината. Професорката по балет постојано и велела дека никогаш нема да биде од неа примабалерина затоа што била превисока (170 сантиметри), а тешка 50 килограми. Нејзината женственост подоцна ќе ја слави целиот свет, но себеси таа се гледала како предебела и грда. Тоа нејзино чувство ќе ја доведе до состојба да биде несигурна.

Иако нејзините соништа за балетска кариера се завршени, таа сепак добива улога во мјузиклот „Монте Карло бејби“, а потоа и пред филмската камера. Француската писателка Колет во неа ќе препознае исклучителна актерка која може да ја одигра нејзината хероина Жижи од истоимениот роман. Набргу ќе ја препознаат и другите холивудски продуценти.

За време на снимањето на филмот „Празник во Рим“, таа ќе го стекне најдобриот пријател во животот Грегори Пек со кој никогаш не била во љубовна врска, иако за тоа многу се зборувало. Имено, Одри била во тоа време верена за Џејмс Хенсон со веќе нарачана венчаница кај италијанските дизајнерки - сестрите Фонтана , но ја откажува венчавката, а венчаницата ќе ја подари на најсиромашната невеста која ќе ја најде.

Подоцна го запознава актерот и режисер Мел Ферер кој ја освоил со упорно додворување и ја убедува да игра во неговата претстава „Ондине“ за која улога ја добива наградата Тони 1954 година. Таа ќе се венча со Мел Ферер кој е 12 години постар од неа, а нему му е тоа трет брак. После поголеми компликации го раѓа синот Шон, а Ферер многу повеќе ќе и става сопки во кариерата отколку да и помогне, занемарувајќи ја исто и во љубовта.

Упорно сака да ја контролира нејзината кариера докажувајќи и како тој знае повеќе од неа кога се работи за филм и театар. Токму поради овие причини „Доручек кај Тифани“ е сниман под исклучително лоши околности за неа и на општо незадоволство на целата екипа. Но, после овој филм пиедесталот на неприкосновена модна икона останува само нејзин. Со помош на Живанши, Одри ќе го дефинира својот препознатллив стил преку ликот на Холи. Филмот ќе ги промовира и очилата за сонце „Ray Ban Wayfarer“, шалот околу вратот кој паѓа на нејзиниот грб, чевлите со мачкеста потпетица, класичниот беж балонер мантил и она најважното - малечкото црно фустанче кое го комбинира со бели бисери и крупен накит.

Во 1968 се разведува од Ферер и Одри влегува во фаза на депресија, па дури се обидува да си ги пресече вените. Се впушта во флерт со Алберт Фини, нејзиниот партнер од филмот „Two For the Road“, а после една година стапува во брак со италијанскиот психијатар Андреј Доти со кој го добива синот Лука. Се разведува со него оној момент кога ќе одлучи дека децата се доволно големи да може да живеат без татко.

Синот на Одри, Лука

Најсреќните моменти од својот живот ги поминува со актерот Роберт Волдерс со кого живее сѐ до својата смрт 1993 година кога ќе и констатираат редок вид на рак на црева. На погребот Грегори Пек ќе се раздели од неа читајќи ги стиховите од Рабидрант Тагоре „Бесмртна љубов“.

Таа ќе остане запаметена како жена со ведар, отмен и префинет дух. Нејзиниот лик ќе се најде и на поштенска марка. Доколку постои женски културен манифест, тогаш со право може да се констатира дека е таа втемелувач на женственоста.

Да бидеш своја како тоа што го направи Одри Хепберн е личен печат, нешто што сите ние сакаме да го оставиме зад себе. Одри тоа го знаела цело време.

Објавено:
26 октомври 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.099 пати