Приказни од градот

Одржливата мода ги претставува напорите за промена во нашиот однос со облеката

11 ноември 2019

Виктор Стојковски е млад македонски дизајнер што размислува пред своето време, за подобра колективна иднина. Негов предмет на интерес е одржливата мода, која во светот веќе добива сè поголемо внимание затоа што друг избор и нема. Кај нас ситуацијата е поинаква. Нашето локално опкружување сè уште не е свесно за терминот и функцијата на одржливата мода. Затоа, Виктор, кој патем се дообразувал во Словенија и Шведска, е еден од оние наши млади дизајнери чија амбиција е да се крене гласот за свесноста за одржливата мода.

Виктор, кога и како препозна дека модата е твоја природна средина?

-Тоа го препознавам секојдневно. За пример ќе го земам моментот кога се најдов себеси како разговарам за значењето на Новиот изглед на Диор заедно со колегите. Или кога заедно со повеќе од стотина студенти и млади професионалци , за време на Младинскиот и Самиот за мода во Копенхаген, креиравме сценарија за подобра иднина во модната индустрија. Често забележувам како одново откривам дека модата е феномен и форма на комуникација која ми е многу блиска.

Каде се профилираше професионално како моден дизајнер?

-Приказната започна со студии по моден дизајн. Така ја открив магичната моќ на модата. Но, се запознав и со не толку гламурозната страна на модната индустрија. Затоа продолжив да студирам иновативни текстилни технологии, паметни текстили и 3Д печатење. Најпосле, во Шведското школо за мода и текстил, ја следев програмата за моден менаџмент и маркетинг. Програмата беше со фокус на одржливи бизнис модели и дигитални комуникации. Денес, мојот профил вклучува повеќе дисциплини кои подеднакво ме подржуваат во донесувањето на одлуки.

Иако си млад дизајнер, твоето искуство веќе зборува за професионално изграден карактер. Што стои во твоето портфолио како професионално искуство досега?

-Трендот од студиите се отсликува и во практични искуства. Иако се во различни области, сите гравитираат околу мода и уметност. Имав прилика да сум дел од процесот на создавање костимографија за опера, балет, театар и мјузикл. Постојано соработувам со млади модни брендови. Неодамна пак, имав искуство во интернационлниот моден бренд Acne Studios кој презентира на Париската модна недела. Таму бев дел од тимот кој ја подготвува ready to wear колекцијата Blå Konst, или сина уметност. Во колекцијата преовладува тексас, а развивавме и производи со реупотреба на фармерки.

Како карактеристика на твојот дизајнерски идентитет и централен предмет на интерес, е одржливата мода?

-Ми значи време посветено на креативност и соработка. Активно се вклучувам во размена на искуства и знаења, а ги употребувам стекнатите способности и вештини за да придонесам во промена на начинот на кој ја произведуваме, употребуваме и комуницираме со модата. Замислувам како би изгледало кога сите би можеле слободно да се експресираме низ облеката и модата. Одржливоста во модата ги подразбира овие активности.

Што е одржлива мода?

-Денес на социјалните мрежи можеш да најдeш парче облека што ти се допаѓа. За многу скоро ќе биде возможно веднаш да погледнеш како би изгледала облеката на тебе со помош на виртуелна реалност. Па со еден клик да ти го испорачаат на твојата моментална локација. Тоа е воодушевувачки. Модата никогаш не била подостапна. Истовремено, на другата страна на светот, во југоисточна Азија, се обојуваат ткаенини со токсични хемикалии. Во шивалните пак, работниците спојуваат облека многу повеќе од 8 часа дневно. За на крај, по едно носење или откако заврши сезоната да ја фрлиме. Одржлива мода ги претставува сите напори за промена во нашиот однос со облеката.

Фрапантни се податоците кои посочуваат дека токму модната индустрија е еден од главните загадувачи на нашата планета. Колку одржливата мода може да го промени курсот?

-Модните куќи за луксузни добра како на пример Balenciaga, Gucci и Saint Laurent веќе одамна го следат влијанието кое го имаат врз животната средина. Од досегашните анализи, се предвидува дека негативните влијанија на модната индустрија драстично ќе се зголемуваат до 2050тата. Затоа, се повеќе индивидуалци, организации и брендови се загалаат за поефикасна употреба на природните ресурси, замена со обновливи извори на енергија, исфрлање од употреба на токсичните хемикалии, радикални подобрувања во рециклирањето и стопирање со ослободувањето на микро влакна во океаните. Битно е и подолго да ја употребуваме облеката.

Под твое менторство ќе се организира курс за моден дизај во рамките на едукативните програми на Creative Hub. Кажи ни повеќе детали?

-Како дизајнер или моден професионалец, покрај креирање облека што ќе биде посакувана, можеш практично да придонесеш во позитивна промена. Со учесниците на курсот ќе разгледуваме добри примери како тој на Maison Martin Margiela. Ќе скицираме, ќе правиме модни илустрации и ќе креираме парчиња облека. Ќе им ја пренесам скандинавската филозофија, каде одржливоста во модата е приоритет. Ќе се подготвуваме за иднината на модата.

Кој позитивен пример во однос на одржливата мода, според тебе треба да го следиме?

-Во светот постојат многу брендови што создаваат извондредна облека и модни додатоци во кои веднаш би се заљубиле. Но, многу е подобро да ги мотивираме локалните дизајнери и модни куќи да се развиваат и да им понудат на потрошувачите етички и еколошки добра мода. Во последните неколку месеци запознав неколку локални примери и иницијативи. Мода не значи само изработка и употреба на нова облека. Постојат и други начини да им дозволиме на вљубениците во модата да се експресираат. А на сите други носители, да се здобијат со неопходната облека. Да размислуваме креативно и глобално, а да дејствуваме локално.

Какви се проекциите за твојата професионална иднина?

-Моментално креирам облека. Паралелно го уредувам дигиталното место „Fashion Arbiter" посветено на актуелни и визионерски практики и светогледи во областа на модата. Исто така, за истражувачки цели, експериментирам со материјал кој има способност да ја менува бојата. Можам да замислам дека и во иднина би го правел тоа. Да продолжам, заедно со други ентузијасти да наоѓаме нови начини на кои ќе ја доживуваме модата и облеката.

Објавено:
11 ноември 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
680 пати