Она што не ја скрши ја направи посилна - Тина засекогаш!

25 мај 2023

Глас кој одекнуваше и се врежуваше во меморијата, движења кои го запираа здивот од восхит, енергија што внесуваше живот во секого – тоа беше Тина Тарнер.

Но, Тина беше и херој, Феникс кој се издигна од пепелта, го допре дното, но ја пронајде светлината пак и блесна како вистинска ѕвезда.

Светот жали по музичката легенда која почина вчера на 83 годишна возраст. Велат она што не те убива те прави посилна, а Тина е вистинскиот пример за тоа.

Животот ѝ "удри шлаканица" уште од најрана возраст. Тарнер ја напуштиле родителите кога имала само 10 години, за кои подоцна ќе рече дека не ја сакале.

И покрај тоа што никогаш не ѝ пружила љубов, мајка и дури била и љубоморна на нејзиниот успех.

Својата разочараност од родителите, Тина помислила дека ќе ја потисне кога се венчала со Ајк Тарнер на само 22 години.

Но, судбината и по втор пат решила да ја стави на тест. Бракот бил пеколен, а Тина повторно не добила љубов.

Како што и самата ќе каже, Ајк бил прилично насилен, уживал да ја контролира, а наместо убави спомени, Тина добила скршени ребра, модрици и изгореници од трет степен.

Немајќи друго решение Тина во 1976-та го напушта Ајк, по што останува бездомник со само помалку од долар на нејзината сметка.

Но, желбата за живот и музика не ја напуштаат, ја собира сета сила и продолжува храбро да чекори низ животниот лавиринт.

Успева да се издигне над нејзините трагедии и да испише музичка историја, да освои осум греми награди и да остави треан печат достоен за секоја почит.

Го преживеав разводот, напуштањето на родителите, но не дозволив да ме скршат.

Тина се пензионираше во 2009-та кога го имаше и својот последен настап.

Но, само по четири години, легендата доживува уште една лоша епизода – мозочен удар којшто ќе ја парализира. Таа го пребродува и тоа, повторно учи да оди и наоѓа сила да продолжи понатаму.

Животните перипетии не застануваат тука, во 2016 ѝ е дијагностициран рак на дебелото црево и Тина повторно се бори за живот.

Ѝ откажуваат и бубрезите и во тој момент на живот или смрт, нејзиниот партнер и донира бубрег и ја враќа од мртвите.

Тина полека закрепнува и додека се бори со судбината, животот повторно си поигрува со неа.

Во 2018-та нејзиниот син Крег се самоубива, а четири години подоцна умира и вториот син на пејачката, Рони, од рак.

Тоа беше дел животот на Тина, за кој многумина не знаат.

Но, како што и самата еднаш изјави Од лошото излегува добро. Од болката се раѓа радост, така ние ќе се обидеме да запомниме и да научиме нешто од неа.

Без разлика колку лоши карти ти поделил животот, откажувањето не е опција.

Тина, засекогаш!

Фото:Pinterest

Објавено:
25 мај 2023
Категорија: 
Стории
Прочитано:
735 пати