Ова се најскапите фустани некогаш направени...

17 јануари 2022

За уникатна креација некогаш се троши и цело богатство. Од кралски фустани, преку филмски костими, до креации за црвен килим, направена е мини листа на некои од најскапите фустани некогаш направени.

А еве и како изгледа:

Оскаровскиот фустан за Џенифер Лоренс

Фустанот на Галијано кој го носеше Никол Кидман беше долго време најскапиот некогаш создаден, но тој рекорд го сруши Раф Симонс, кој во 2013 година како креативен директор на „Диор" го создаде фустанот за Џенифер Лоренс за „Оскарите". Тогаш се случи и фамозниот пад на скали на актерката, а и фустанот остана запаметен, како и неговата цена од четири милиони долари.

Оскаровскиот фустан за Никол Кидман

Фустанот што Никол Кидман го носеше на доделувањето на „Оскарите" во 1997 година е еден од највредните некогаш направени. Се работи за креација на Џон Галијано за „Диор", а нејзината цена изнесувала два миилиони долари.

Венчаницата на Амал Клуни

Убавата адвокатка носеше раскошна венчаница украсена со тантела и монистра, дизајн на „Оскар де ла рента", за која биле издвоени како пренесува „Мери Клер" околу половина милион долари.

Венчаницата на Кејт Мидлтон

Невестинскиот фустан на Војвотката од Кембриџ беше дизајниран од Сара Бартон, односно модната куќа „Александар Меквин". Креацијата од тантела и повеќеметарска „опашка" според пишувањата на британските медиуми чинела околу 400.000 долари.

Венчаницата на Меган Маркл

Модната куќа „Живанши“ се потпишува зад креацијата која беше создадена специјално за неа, а како пренесе своевремено магазинот „Венити Фер“ истата чинела 265.000 долари.

Венчаницата на Грејс Кели

За венчаницата на Грејс Кели, филмското студио „Метро Голдвин Мајер“ платило околу 60.000 долари (во 1950-тите), што во денешно време би изнесувало околу половина милион долари.

 

Бонус:

Трите фустани во продолжение се најдоа на оваа листа благодарение на износот за кој се продадени на аукција:

Мерилин Монро „7 Year Itch“

Култната сцена од филмот „Седум години верност“ е токму онаа кога славната актерка стои над вентилацискиот отвор, додека плисираниот бел фустан, дизајн на Вилијам Травил се крева. За популарноста на филмот, актерката и фустанот говори и податокот дека истиот е продаден на аукција за неверојатно 5.6 милиони долари.

Легендарниот фустан од „Појадок кај Тифани"

Црниот фустан на „Живанши" кој го носи Одри Хепберн во споменатиот филм е продаден за 923 илјади долари.

Фустанот на Џули Ендрус во „Sound of Music“

На прв поглед мошне едноставна, па дури и неинтересна креација, но оставила свој печат на филмското платно, па некој на аукција ја посакал за себе и ја купил за 1.56 милиони долари.

 

 

Објавено:
17 јануари 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
5.361 пати