Посадил илјадници цвеќиња, за неговата слепа жена да се насмее повторно

6 април 2020

Во ова ново време, кога вистинските вредности се потиснати од некои нови „трендови“, нас нè восхитуваат приказни полни со искреност и љубов.

Токму на една таква наидовме неодамна, а доаѓа од Јапонија.

Господин и госпоѓа Куроки се во брак уште од 1956 година и долго време, со нивните две деца живееле на фарма во Мијазаки во Јапонија. После децении напорлна работа, тие сакале да патуваат низ земјата, и светот.

Но, за жал, нивните планови се менуваат откако госпоѓа Куроки како последица на компликации од дијабетесот го губи видот на 52 годишна возраст, што за неа ќе биде вистински шок.

Не можејќи да се помири со ситуацијата, таа се повлекува од целиот свет и целото време го поминува во својот дом, патејќи и борејќи се со депресија.

Оваа глетка била неподносливо тешка и за нејзиниот сопруг. Но, одлучил да преземе нешто по тоа прашање. Кога таа веќе не сакала да комуницира со светот, тој одлучил да ѝ го донесе светот.

Тој поседувал мала градина од розовото цвеќе „Шибазакура“, попознато како „Мос флокс“, односно „Розов мов“, исклучително популарно во Јапонија и омиленото цвеќе на неговата сопруга. 

Но, сега одлучил да посади повеќе такви цвеќиња, односно преку целото поле на фармата каде што живеат, надевајќи се дека мирисот ќе допре до неговата сопруга, а воедно ќе биде привлечно за луѓето да доаѓаат да ја видат градината и на тој начин ќе може и таа да се дружи со луѓето.

За да направи простор за цвеќињата, морал да исече дрвја и да ја расчисти земјата.

После две години садење и одгледување, се родиле илјадници мали розови цветови насекаде низ полето, а фармата станала голема туристичка атракција во Мијазаки.

На местото каде што на времето одгледувале 60 крави, сега се наоѓа мал музеј, во кој е раскажана љубовната приказна на двојката. Инаку, секоја пролет, кога цвеќињата ќе расцветаат, госпоѓа и господин Куроки пречекувале преку 7.000 посетители да се воодушевуваат на нивната убавина, но и на реалната љубовна приказна.

Оние што биле, велат дека госпоѓа Куроки е често надвор, се смее и се дружи со посетителите. Нејзииниот сопруг навистина успеа да ѝ го донесе светот.

Приказната првпат ја објави еден британски портал во 2016 година, по што популарноста на оваа двојка и нивната градина стана уште поголема.

Веројатно оваа пролет е поинаква и за нив од претходните, но сè додека се имаат еден со друг и ја имаат љубовта, имаат сè.

 

Објавено:
6 април 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.488 пати