Расел О Грејди е името на човекот кој после 32 години служба во Мекдоналдс во Сиднеј се пензионираше. Но, оваа вест и не би била нешто посебно, доколку не ја додадеме информацијата дека Расел е лице со Даунов синдром и дека уште пред 32 години му била дадена шанса да работи и да се социјализира.
Тој стана пример и мотивација за многу други лица со попреченост, а компанијата покажа дека е пријателски расположена дури и за маргинализираните групи.
Расел ја добива работата на 18 години, со помош на служба за барање работа, која е иницирана од владата, а која има за цел да им најде работа на луѓето со попреченост да им најде работен ангажман за кој ќе бидат платени.
Така, О Грејди се вработува без претходно работно искуство и успева да ги импресионира сите со својата работна етика, па не само што е еден од омилените вработени меѓу колегите, туку и меѓу клиентите.
Како велат тамошните медиуми, низ годините Расел станува локална ѕвезда, па неретко го поздравуваат и на улица.
Во чест на неговото пензионирање, вработените и раководството на „Мекдоналдс“-от каде што работеше 32 години му направија изненадување и го испратија на достоен начин.
„Ќе ни недостасува. Има клиенти кои специјално доаѓаат кога тој е на работа. Ги поздравува сите со насмевка, мил пристап, а низ годините беше исклучително посветен на работата. Неверојатно е дружељубив, но и вреден. Нема шанси да помине ден без да го застанат на улица или да го честат пиво“, велат од раководството.