Приказни од градот

Прекрасен празничен декор во дом во Скопје

3 декември 2020

Позитивната енергија и мисла и празничниот дух, особено се вредни во овие времиња кога сите заедно се соочуваме со една сурова година. Затоа, многу значи кога секој индивидуално може да пренесе порака за надеж и посветло утре, што всушност е и суштината на празничните денови.

Нашиот соговорник Боро Секуловски таквата порака ја испраќа преку топлата, празнична семејна атмосфера, во својот дом во Скопје. На тема декорирање и уредување на домот, со Боро сме разговарале повеќе пати, инспирирани токму од неговата мајсторска умешност да го трансформира својот семеен стан како страна од каталог, а со фотографиите секогаш го збогатува својот профил на инстаграм @boro.kosa. Овој пат, со него разговаравме на тема новогодишно и божиќно декорирање на домот, при што тој ни сподели неколку корисни совети што може да ви помогнат и вам како на автентичен начин да ја донесете празничната магија дома.

-Декорирањето за во овој период од годината е една од најкул работите што ги знам! Ја сакам прекрасната атмосфера што се создава, прекрасните мириси и новогодишната атмосфера, вели Боро.

За годинешниов празничен декор, се одлучил за модерен-рустичен стил кој е обоен во неутрални нијанси, а со тоа и одлично се вклопува во атмосферата во неговиот дом.

- Јас всушност ја сакам природата и преферирам природна елка и природни зелени гранки, но секако одличен совет е да се користат вештачки зимзелени гранки, венци и растенија како украс. Загрејте го скандинавскиот стил додавајќи свеќи, лед светла, лампиони или светлосни сијалички за да создадете пријатна атмосфера за стилизирање. Исто така, големо значење има и каминот во студените денови... Тоа е место каде што се опуштам максимално... Оваа година акцент дадов на венецот изработен од природно зеленило со шишарки, а секако тука се и ѕвездите во различни големини, кои што одлично ја надоплонуваат сликата крај распламтениот камин.

Боите секако имаат значајнаа улога во доловувањето на приказната, за што Боро посочува:

- Боите што ги користев се зелена, бела, беж, златна и црна боја кои заедно создаваат прекрасен и модерен изглед. Со додавање на меки ткаенини, како што се кожа, ќебиња и перници, создадов пријатна атмосфера.

Во продолжение тој споделува неколку корисни совети, што може да ги примените при украсувањето на вашиот дом.

Создадете модерен и рустикален стил:

1. Елементи од природата како што се зимската зелена боја, шишарки, гранчиња, анасон, мов и дрво.
2. Користете бои како што се зелена, бела, беж,и златна боја.
3. Меки ткаенини како што се кожа, ќебиња, перници,постелнина.
4. Златни детали во месинг.
5. Свеќи, ЛЕД светла, фенери или светлосни ланци за да создадете топлина и атмосфера.
6.Закачете гранка од таванот како прекрасен украсен елемент и на неа додадете лампиони,колачиња,зеленило како и сијалички,но секкао да не ги заборавиме и звездите така создавате магична атмосфера.

-Бидејќи сум еден од оние кои започнаа рано со новогодишниот и божиќниот стил, сакам да започнам со неутрален стил, а потоа да додадам некои црвени детали поблизу до Бадник, за да создадам дополнителна божиќна атмосфера. Украсете шкафче или кујнскa маса со новогодишни украси за да создадете дополнителна атмосфера! Се надевам дека можам да ширам новогодишно расположение и да ве инспирирам како да започнете со новогодишен и божиќен стил, или можеби ќе започнете да планирате? Едвај чекам да споделам многу совети за тоа како да завиткате подароци на прекрасен и креативни начини, бидете во тек на мојот инстаграм профил@boro.kosa! Имајте убави денови до дочекот на Новата година!

 

Објавено:
3 декември 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
16.578 пати